• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ја води раководството со структурите на партијата

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ја води раководството со структурите на партијата

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ ја води раководството заедно со структурите во партијата, членовите и активистите. ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот, и својот легитимитет го црпи од народот, а не коленичејќи на црвени дебели персиски ќилими низ светот, и врз основа на тој легитимитет за неколку месеци од денеска ќе ја формира новата влада, изјави претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Новаци. 

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кој повеќе години ја води ВМРО-ДПМНЕ, рече дека тоа било лажна кампања на СДСМ скоро половина деценија, но оти се распрснала како меур од сапуница.

-Тоа беше лажна кампања скоро половина деценија на оние кои се мајстори за лажни вести, а тоа е СДСМ, која што се распрсна како меур од сапуница и нивната петарда сега пукна во нивната рака и сега се немоќни како да се справат со тоа. Претпоставувам ќе измислат нешто, но она кое што можам да им го посакам е да извлечат поука од овие нивни погрешни политики изминативе повеќе од пола деценија, во опозиција да се реструктурираат, вистинските патриоти во СДСМ да дојдат на вистинските места и повторно да се борат за Македонија, бидејќи сепак СДСМ е политичка партија што е стожерна партија, барем во деведесетите, иако во последните години го изгуби тој епитет. Ценам дека ова за нив ќе биде едно добро и непроценливо искуство што ќе можат долги години во опозиција да го користат за да се реструктурираат за еден ден можеби да бидат посериозен кандидат за коалиционен партнер во некоја идна влада, рече Мицкоски.

За тоа дали измените на Кривичниот законик може да бидат карта за уставните измени, Мицкоски истакна дека ниту имал, ниту ќе има тајни средби на кои би се договарало нешто што може да биде на штета на државата, како што тоа го правел, како што рече, некој во минатото.

- Додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ никогаш немам намера позади завесата да договарам и да преговарам ништо што ќе може да биде на штета на македонскиот идентитет, на македонските граѓани и на Македонија како држава. Сѐ што бараме како политичка партија го кажувам јасно, гласно и јавно, истакна Мицкоски. 

За јавните преписки со поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека тоа што имал да каже го кажал јасно и гласно. Вели дека не го знае ставот на поранешниот претседал на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени. 

На новинарска констатација дека Груевски лобира да се обезбедат пратеници за уставните измени, Мицкоски вели дека тоа е друга тема и оти тој може да зборува за себе. 

-Можам да зборувам за себе, за ставот на ВМРО-ДПМНЕ, а мојот став и на ВМРО-ДПМНЕ, го знаете. Ако ме прашувате за ова што во јавноста провејува дека постои оска меѓу Али Ахмети-делови од структурата на СДСМ и Никола Гриевски за обезбедување на пратеници, апсолутно го осудувам, го отфрлам и сум згрозен од сето тоа, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ   

Според Мицковски, партијата никогаш не била покохезивна. 

- После ова што се случува, можам да признаам дури дека и ги надмина моите очекувања колкав е бројот на наши сограѓани кои му пристапуваат на ВМРО-ДПМНЕ насекаде во Македонија овие изминати два дена. Ако до скоро бев во дилема дали сме блиску до 61 пратеник, сега веќе немам таква дилема, рече Мицкоски изразувајќи убедување дека на следните избори ќе добијат 61 пратеник. 

На прашањето што ако дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаат за уставните измени, Мицкоски рече дека тие веруваат во тоа што го прават и дека нема ниту еден да гласа за уставни измени. 

-Нема да има ниту еден. Не само сега и во иднина. Ако не се смени нешто во условите, а ние јасно сме кажале што очекуваме и во иднина нема да има гласање. Тоа треба на секого да му биде јасно, рече Мицкоски. 

Имаме јасен план којшто, како што рече, од денеска ќе го пласираме во јавноста. Побара уште утре да биде распуштен Парламентот и да има избори.

Ако тој биде претседател на следната Влада, вели дека е подготвен да разговара за да се види што може да се промени. -Ова не е наш договор. Ова не е договор на народот во Македонија. Ова е договор на неколку корумпирани политичари кои ја заведоа меѓународната заедница дека можат да испорачаат, рече Мицкоски. 

Тој зборуваше и за тужбата што ја добил за клевета, посочувајќи дека станува збор за втора или трета по ред тужба. мт/ев/

 

Остани поврзан