• недела, 22 декември 2024

Мицкоски: Вистинското прашање е до каде е проектот за Коридорот 8 во Албанија

Мицкоски: Вистинското прашање е до каде е проектот за Коридорот 8 во Албанија

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Коридорот 8 за нас е важен исто како Коридорот 10 бидејќи мојот сон како претседател на Владата е Македонија да биде раскрсница по три основи – железничка, патна и енергетска, а без Коридорот 8 нема да биде железничка. Вистинското прашање до каде е овој проект во Албанија, дали таму постои проект, дали таму почнала владата да го прави и дали е тој во приоритетите, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. 

-Ние нашата посветеност ја покажавме и докажавме со тоа што Секцијата 1, делот 1 којшто е од Куманово до Бељаковце веќе го завршуваме, Секцијата 2 од Бељаковце до Крива Паланка се гради, а за Секцијата 3 од Крива Паланка до граница со Бугарија додека не видиме од бугарска страна јасна посветеност и проект ние немаме намера да ги трошиме парите, бидејќи тие пари ќе ги насочиме за други проекти коишто се во овој момент поприоритетни. Тоа е изјавата на Николовски, а тоа е и мој став, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на тетовското село Радиовце. 

На вчерашниот состанок во Брисел меѓу македонската и бугарската делегација, како што рече, е констатирано дека половина тунел на бугарска страна недостасува, односно нема проект и дека тој проект ќе биде најрано готов во 2026 година, како и дека откако тој проект ќе биде завршен ќе се прави проект за останата секција која што недостасува за да се приклучи до моментално постојната пруга која што е дел од Коридорот 8 што треба да ги поврзе пристаништата Бургас и Драч. 

-Овие 24 километри коишто се од македонска страна за коишто вие граѓаните треба да платите пола милијарда евра, јас нема да ги трошам за на изведувачот да му кажувам кои компании да бидат подизведувачи, кој да носи бетон, кој да носи песок, кој да носи арматура. Ќе сретнете многу компании од овој дел коишто сега работат во Крива Паланка и носат ваков тип на материјали за секцијата 1 и за секцијата 2. Кој дал такви насоки допрва јавноста ќе дознае и ќе биде сведок. Но, ние нема да ги потрошиме овие половина милијарда ваши пари се додека од бугарска страна не биде готов проектот затоа што нема да градиме пруга која што ќе заврши во слепа улица на пола тунел, посочи Мицкоски. 

Истакна дека не е нормално од Тетово до Охрид да се стигнува за три часа и најави дека до почетокот на следната туристичка сезона ќе се пушти во употреба делницата од Арбиново до Охрид на автопатот Кичево - Охрид. 

-Седум години претходната влада ама буквално ништо не направи за да го заврши автопатот Кичево – Охрид, а оваа Влада првата Секција од местото Арбиново до Охрид ќе ја пушти пред да почне туристичката сезона следната година со исклучок на делот кај село Ботун, бидејќи има големо свлечиште. Останатиот дел од автопатот од Арбиново до Кичево очекувам да биде готов до крајот на 2026 година. Има 16 критични места, од коишто 10 ќе се решат преку проектирање со Градежниот факултет, шест ќе ги решава фирмата изведувач и со ова дали преку тераса или преку шипови ќе ја стабилизираме земјата и конечно овој пат ќе биде завршен, рече Мицкоски.

Како што кажа, лицата од ДУИ од претходната влада две години се сликаа, дека го отпочнуваат Коридорот 8 и Коридорот 10д и освен што исплатија 350 милиони евра аванс не се поместија ниеден милиметар ниту од Коридорот 8 ниту од Коридорот 10д. 

-Што направи оваа Влада? Веќе го завршува експресниот пат од местото наречено Чатал до Длабочица и од Длабочица до Крива Паланка, тоа е дел од Коридорот 8 којшто беше до никаде кога дојдовме во Владата на 24 јуни. Но, тоа не беше интерес на овие од ДУИ, тоа беше оставено на оние од СДСМ. Ајде сега на овие од ДУИ што им беше интерес. Немаа решено ниту еден квадратен метар имотно-правни односи коишто ние ги решивме и веќе отпочнаа теренските работи на дел од автопатот којшто е дел од Коридорот 10д помеѓу Прилеп и Битола, а наскоро ќе почне и од Гостивар до Букојчани т.е. веќе се почнати бетонските работи, темелењето на првиот мост којшто треба да го поврзе Гостивар со Букојчани, така работи оваа Влада, прецизира Мицкоски. вј/нд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан