• среда, 20 ноември 2024

Мицевски: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се во Собранието и ќе обезбедат кворум за петтиот пакет мерки

Мицевски: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се во Собранието и ќе обезбедат кворум за петтиот пакет мерки
Скопје, 18 април 2021 (МИА) - Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска се во Собранието и ќе обезбедат кворум за 36. седница за гласање на петтиот пакет мерки за помош на стопанството и граѓаните, изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес-конференцијата, што се одржа во пресрет на 36-тата седница, што претседателот на Собранието, Талат Џафери ја закажа за денеска, а на која треба да се изгласаат трите закони поврзани со петтиот пакет мерки. Според Мицевски владејачкото мнозинство работи на штета на граѓаните и економијата во време на пандемија. -Петтиот пакет мерки трпи поради тврдоглавоста на власта. Пакетот ќе беше изгласан уште во четвртокот доколку не беше инаетот на власта, а сега компаниите и граѓаните ќе ги имаа обезбедено средствата, рече Мицевски. Според него Џафери и Заев намерно ги кочат мерките. Истакна дека петтиот пакет мерки поминал на Седница на Владата на 16 февруари, а во Собрание пристигнал на 19 февруари. -Заев имаше кворум кога сам бараше доверба за Влада и можеше да ги изгласа мерките, но тој не го стори тоа. Заев сам ги кочи работите, а потоа ги обвинува другите дека ја кочат работата, додава пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повика Џафери да ја започне 36-тата седница, со цел веднаш да се изгласа и парите да стигнат до граѓаните и стопанството. Дополнително го повикаа претседателот на Собранието во иднина да организира ковид-седници на кои ќе бидат на ред точките и законските решенија поврзани со пандемијата. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што посочи Мицевски, „нема да дозволи да биде злоупотребена и да обезбеди кворум за Закони што не се во интерес на граѓаните, а служат на аферите на СДСМ и ДУИ“. Мицевски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дава поддршка само на законите поврзани со јавното здравје и финансии поврзани со пандемијата. Во одговор на новинарското прашање поврзано со 32-та седница на која меѓу другите точки се наоѓа и Националната стратегија за справување со корупција, за која што Џафери инсистира да се одржи, Мицевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ целосно ја поддршува стратегијата. -На седницата имавме 25 дискутанти кои дискутираа за подобрување на стратегијата и забелешките што ги имавме. Претседателката на комисијата одговараше на забелешките од пратениците и запиша одредени забелешки, што чекаме да бидат имплементирани. Да, ја поддршуваме стратегијата и максимално ќе учествуваме во нејзината имплементација, додаде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ. Во врска со најавата на една од пратеничките на СДСМ, која е позитивна на Ковид-19, дека со скафандер и целосна заштитна опрема ќе дојде на гласање во Собранието, Митревски рече дека постои законска регулатива, која важи за сите граѓани, во која што спаѓаат и пратениците. -Очекувам дека нема да се осмелат да го загрозат здравјето и безбедноста на граѓаните, затоа што ние со денови баравме да се закаже оваа седница за економските мерки и оттогаш апелиравме да не се прави театар од ова, во оваа борба за медиумско внимание СДСМ и ДУИ на сметка на компаниите и граѓаните, кои не примиле помош, а и на сметка на здравјето на вработените во Собранието и пратениците. Како да ги убедиме граѓаните да ги почитуваат здравствените мерки, кога пратениците од СДСМ и ДУИ за да ги задоволат желбите на сопственото раководство експлицитно ги прекршуваат овие мерки и закони, кои важат во државата, рече Мицевски. ки/ац/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан