• понеделник, 23 декември 2024

„Митската авантура” во организација на Јуроп хаус и ХАЕМУС по повод Денови на европското наследство

„Митската авантура” во организација на Јуроп хаус и  ХАЕМУС по повод Денови на европското наследство

Скопје, 10 септември 2023 (МИА) -  Во организација на Јуроп хаус Скопје во партнерство со Центарот за научно истражување и промоција на културата – ХАЕМУС, денеска во Градскиот парк - Скопје ќе се одржи настан „Митската авантура – скопските шумски суштества и како да ги пронајдеш”, интерактивно гамифицирано социјално искуство наменето за деца и млади. Домаќин на настанот ќе биде м-р Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС, сертифициран тренер интерпретатор и национален координатор на Interpret Europe.

„Деновите на европското наследство” претставуваат заедничка акција на Советот на Европа и Европската комисија која, како широко прифатена манифестација, придонесува за зближување на луѓето и истакнување на европската димензија и вредноста на природното и културното наследство.

Секоја година се организираат илјадници настани со цел да се помогне во кревањето на свеста за заедничкото европско наследство и континуираната потреба за неговата заштита, настани коишто овозможуваат создавање споделени искуства од посетителите, промовирање на инклузивноста и поттикнување на креативноста и имагинацијата.

Темата на годинешното издание на „Деновите на европското наследство” во нашата земја, како и во повеќето европски држави е „Живото наследство”.

Организаторите на настанот апелираат сите субјекти од областа на природното и културното наследство да се вклучат со сопствен проект во прославата на „Деновите на европското наследство 2023″. Ова особено се однесува на граѓанските организации кои со учество во официјалната програма се стекнуваат со право да аплицираат за грант кој го доделува самата иницијатива. дма/аа/

Фото: ХАЕМУС

 

Остани поврзан