Светски ден на метеорологијата: македонското земјоделство веќе ја живее климатската криза
- Сè поекстремните температури, намалените врнежи и зачестените суши го ставаат македонското земјоделство пред сериозен предизвик. Во земја со речиси 180.000 земјоделци климатските промени веќе не се далечна закана, туку секојдневна реалност што директно го намалува приносот и го зголемува ризикот од штети. На Светскиот ден на метеорологијата експертите предупредуваат: адаптацијата не е опција, туку нужност - а времето за дејствување истекува.
Скопје, 23 март 2026 (МИА) - Сè поекстремните температури, намалените врнежи и зачестените суши го ставаат македонското земјоделство пред сериозен предизвик. Во земја со речиси 180.000 земјоделци климатските промени веќе не се далечна закана, туку секојдневна реалност што директно го намалува приносот и го зголемува ризикот од штети. На Светскиот ден на метеорологијата експертите предупредуваат: адаптацијата не е опција, туку нужност - а времето за дејствување истекува.
Како што пренесуваат во соопштението од ГИЗ, последната деценија, 2011 - 2020, е најтоплата од почетокот на метеоролошките мерења во земјата, а регистрирани се и повеќе од 14 дополнителни дена со топлотни бранови. Проекциите покажуваат пораст на температурите до 2050 година и намалување на врнежите, особено во лето, што за земјоделството значи помала предвидливост и поголем ризик.
Професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) предупредува дека проблемот не е само во количината врнежи, туку и во нивниот сè понеповолен распоред.

- Врнежите, за жал, се намалуваат не само по вкупна количина,туку и по својот распоред, што е особено неповолно за земјоделството. Во периодот на вегетација ќе има уште помалку вода, а во исто време ќе се соочуваме и со поплави бидејќи врнежите ќе бидат поретки, но поинтензивни. Почесто ќе има и мраз, но и суши и топлотни бранови. Промените имаат силно негативно влијание врз земјоделството, кое е директно изложено затоа што се одвива на отворено, каде што климатскиот ризик бргу и силно се претвора во штета. Мораме напредните технологии и практики да ги донесеме на нивите ако сакаме да ја обезбедиме иднината на нашите деца затоа што промените што нè очекуваат се сериозни. Толку сериозни што постои ризик и онака чувствителните и сушни подрачја во земјата дополнително да се прошират и уште посилно да нè погодат. Mора да бидеме подготвени. Ова е моментот кога треба да се дејствува. Ако чекаме промените целосно да нè стигнат, тогаш веќе ќе биде предоцна - посочува Чукалиев.
Стеван Орозовиќ, извршен директор на Националната федерација на фармерите, вели дека земјоделците во последните години најмногу се соочуваат со зголемени температури, долги сушни периоди, нестабилни врнежи и појава на мраз во критични периоди од вегетацијата.

- Овие појави сериозно го нарушуваат планирањето на производството бидејќи земјоделците не може прецизно да ги предвидат условите за сеидба, наводнување и жетва. Како резултат на тоа, се намалуваат и квалитетот и квантитетот на земјоделското производство. Климатските промени имаат директно негативно влијание и врз земјоделството и врз сточарството, што доведува до намалено производство на храна, а со тоа се доведува во прашање и одржливоста на земјоделските стопанства. За земјоделците, најважни се инвестициите во рехабилитација и модернизација на системите за наводнување бидејќи водата станува клучен ресурс за производство на храна. Потребна е и поголема поддршка за воведување зелени иновации и нови технологии во земјоделството, како и едукација на производителите за адаптација кон климатските промени. Клучна е и поголемата соработка помеѓу институциите, научната заедница и граѓанските организации за да се обезбеди одржливо и отпорно земјоделство - појаснува Орозовиќ.
На ова се надоврзува и Ирена Џимревска, советничка за земјоделство во Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), која посочува дека фактите за Северна Македонија веќе јасно ја покажуваат насоката во која се движи климата и што тоа значи за земјоделството.

- Податоците и фактичката состојба во Северна Македонија покажуваат јасни знаци на климатски промени, вклучително и рани пролетни температурни осцилации и штети од мраз, почести и подолготрајни топлотни бранови, долги сушни периоди и екстремни врнежи. Овие услови веќе влијаат врз земјоделството преку недостиг на вода, поплави, намалени приноси, послаб квалитет на производите, како и појава на нови штетници и болести - посочува Џимревска.
Во ваков контекст, Регионалното климатско партнерство меѓу Германија и Западен Балкан е важна платформа за заеднички одговор, размена на знаења и унапредување на отпорноста на земјоделството во регионот. Германската поддршка преку ГИЗ ги поврзува политиките со практиката - на национално ниво во сите шест земји се поддржува развој на политики за климатска адаптација во земјоделството, а во Северна Македонија поддршката се надополнува и со пилот-проект, кој демонстрира конкретни решенија.
- Соработката со Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје за спроведување на овој пилот проект вклучува тестирање разни алатки и методи за адаптација. Оваа поддршка е важна затоа што ја спојува анализата, политиките и практиката на едно место - додава Џимревска.
Во рамките на пилот-проектот се тестираат прецизно наводнување, покривни култури, климатски поотпорни сорти, заштита од мраз, заштитни мрежи, како и моделирање и софтверски алатки. Паралелно, се работи и на јакнење на капацитетите на земјоделците. Во таа насока професорот Чукалиев нагласува дека проектот не е само тестирање технологии туку и создавање јавна база на знаење, која ќе им биде достапна на земјоделците.
- Сите овие технологии што ги применуваме треба да го најдат својот пат до земјоделските производители и нивните ниви, така што работиме на подготовка на упатства за користење за фармерите. Сите материјали и резултати од проектот ќе бидат јавно достапни. Понатаму, сознанијата и советодавните материјали ќе бидат пренесени до Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Значи, секоја технологија ќе ја тестираме, ќе биде и документирана и пренесена до соодветните служби, кои понатаму треба да ги поддржат земјоделците кога некој сака да ја примени соодветната технологија на нива. Сакаме да ги поттикнеме експертите од земјоделскиот сектор, како и од секторите што се сродни со земјоделството, да ги интензивираат своите активности кон градење на капацитетите за приспособување кон климатските промени и да ги направиме сите податоци со кои располагаме отворени и достапни за сите заинтересирани запазувајќи ги принципите на отворената наука и отворените публикации. Тоа значи дека целта не е само да се покаже што функционира, туку знаењето да се пренесе пошироко и да стане употребливо - појаснува Чукалиев.
Во услови кога климатските промени веќе директно го менуваат начинот на производство на храна, на македонското земјоделство му се потребни побрза адаптација, посилна институционална поддршка и практични решенија што ќе стигнат до секој производител. Токму затоа од ГИЗ наведуваат дека поврзувањето на метеоролошките информации, науката и применливите технологии стануваат клучни за поотпорно, поодржливо и поконкурентно земјоделство во Северна Македонија.ар/са/
Фото: ГИЗ