• вторник, 09 декември 2025

Мир, миграција и гас: Клучни теми на Седмата седница за стратешка соработка меѓу Анкара и Будимпешта

Мир, миграција и гас: Клучни теми на Седмата седница за стратешка соработка меѓу Анкара и Будимпешта

Анкара, 8 декември 2025 (МИА) - Унгарија и Турција денеска отвораат ново поглавје во билатералните односи со одржување на Седмата седница на Советот за висока стратешка соработка, во рамки на посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Анкара.

Паралелно, високи претставници од двете земји се среќаваат во Истанбул на првата седница на турско-унгарскиот Механизам за заеднички консултации.

Орбан, кој за Хангари Тудеј (Hungary Today) говореше во авионот на пат кон Анкара, истакна дека и Унгарија и Турција разбираат дека „во војните има само губитници“, додавајќи дека ова заедничко убедување е основа на нивните напори за промовирање на мир.

Тој потсети дека двете земји секоја година одржуваат состаноци на високо ниво, кои ги спореди со заеднички владини седници.
– На овие средби јас и претседателот Реџеп Тајип Ердоган разговараме за состојбите во Европа и Евроазија „како двајца пријатели“, со часови, изјави Орбан.

Кога започнале овие годишни средби, целта била да се удвои билатералната трговија од 2–2,5 милијарди евра.
– Сега достигнавме 4,5–5 милијарди евра, рече Орбан, нагласувајќи го растечкото турско присуство во унгарската економија и обратно.

Тој ги наведе четирите клучни теми на разговорите: економијата, миграцијата, војната во Украина и енергетиката.

Орбан ја истакна важноста на гасоводот „ТуркСтрим“, преку кој, според него, до Унгарија стигнува поевтин руски гас, чие значење уште повеќе порасна со војната во Украина.

Тој ја пофали улогата на Турција во последните четири години во постигнувањето значајни меѓународни договори, вклучително и овозможувањето испорака украинско жито кон Африка.

Орбан повтори дека Унгарија и Турција  споделуваат став дека промовирањето мир е во интерес не само на нивните земји, туку и на поширокиот регион. ссм/

фото: архива

Остани поврзан