• четврток, 26 март 2026

Министер за одбрана: Војници од БиХ ќе учествуваат во стабилизациските сили во Газа

Министер за одбрана: Војници од БиХ ќе учествуваат во стабилизациските сили во Газа

Сараево, 1 декември 2025 (МИА) – Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина Зукан Хелез најави дека припадници на вооружените сили ќе учествуваат во мировните операции што треба да се спроведат во Газа, наведувајќи дека постои начелен договор за тоа.

– Разговараме и очекуваме нашите сили да учествуваат во мировните операции во Газа. Имаме не една, туку повеќе единици подготвени за тоа. Сега треба да ја спроведеме домашната процедура, изјави Хелез на прес-конференција во Сараево за време на одбележувањето на Денот на вооружените сили на БиХ.

Советот за безбедност на ОН на 17 ноември, на предлог на САД, ја усвои резолуцијата со која се одобрува планот на претседателот Доналд Трамп за запирање на војната во Газа.

Резолуцијата предвидува воспоставување мисија на „стабилизациски сили“ што ќе го надгледуваат примирјето меѓу Израел и Хамас. Мултинационалната мисија ќе ја предводат САД.

Меѓународните стабилизациски сили треба да го обезбедат процесот на демилитаризација на Газа, а нивниот мандат ќе опфати и уништување на преостанатото оружје од двогодишните судири, како и на инфраструктурата што ја користеле двете страни.

Хелез не прецизираше каква ќе биде улогата на војниците од БиХ, но истакна дека меѓу нив има единици што целосно ги исполнуваат НАТО-стандардите.

– Имаме единици декларирани по НАТО-стандардите и тоа со гордост го велам, изјави Хелез.

И покрај внатрешните политички спорови и блокадите што властите на Република Српска ги поставуваат на патот кон членство во НАТО, Хелез е уверен дека земјата ќе стане членка на Алијансата.

– Најблиску сме до членството во НАТО од сите држави кандидати, нагласи тој.

Обединетите вооружени сили на БиХ беа формирани дури во 2006 година со интегрирањето на поранешните завојувани армии – ХВО, Армијата на БиХ и Војската на Република Српска.

Нивниот деклариран состав брои околу 10.000 професионални војници и офицери, како и 5.000 припадници на активната резерва. ссм/мс/

фото: архива

Остани поврзан