• недела, 22 декември 2024

Министерство за спорт: Поништени решенијата за дејност на ЖРК Скопје и ЖРК Гевгелија

Министерство за спорт: Поништени решенијата за дејност на ЖРК Скопје и ЖРК Гевгелија

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - Министерството за спорт на Македонија излезе со официјално соопштение во кое се објавува поништувањето на решенијата за извршување на спортска дејност на ЖРК Скопје и ЖРК Гевгелија. 

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

„Во врска со последните случувања во ракометниот Куп на Македонија во женска конкуренција, по одигрувањето на Женската ракометна лига за сезоната 2024/2025 и појавата на неспортско однесување од страна на ЖРК Гевгелија и ЖРК Скопје на Куп натпреварот во групната фаза, Ракометната федерација на Македонија, по спроведена дисциплинска постапка, констатираше активности од страна на двете екипи кои се спротивни на начелото на фер-плеј, предизвикувајќи нарушување на спортскиот дух, спортскиот интегритет и витештво што е во целосна спротивност со Кодексот на ракометните клубови при РФМ и спротивно на Олимписката повелба. 

Истото резултираше со исклучување на двете екипи од Ракометната федерација на Македонија и изрекување мерки на суспензија за повиканите официјални лица.  По изрекувањето на овие мерки од страна на РФМ, Министерството за спорт, во законска постапка, им ги поништи решенијата за дејност спорт на ЖРК Гевгелија и ЖРК Скопје со што тие повеќе немаат легитимитет да настапуваат во националниот систем на натпревари во македонскиот ракомет. 

Министерството за спорт и Ракометната федерација на Македонија ја користат оваа прилика да упатат порака до сите спортски чинители да бидат одговорни на спортските борилишта што значи почитување на спортските правила кои се резултат на меѓународни консензуси во дејноста спорт и секогаш да бидат подготвени да го сочуваат спортскиот дигнитет, зашто преку спортот, како општо препознатлива вредност, покрај останатите придобивки, се претставува и афирмира македонскиот спорт во меѓународни рамки и се јакне националната свест“. 

Ова е резултат на скандалот во женскиот ракометен Куп на Македонија на натпревар на кој ракометарките на ЖРК Гевгелија и ЖРК Скопје сами си постигнуваа автоголови. дс

Фото: Архива

Остани поврзан