• понеделник, 23 декември 2024

Од денеска почнува втората кампања за промовирање на имунизацијата

Од денеска почнува втората кампања за промовирање на имунизацијата

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) - Министерството за здравство од денеска почнa со втората кампања за промовирање на имунизацијата, што се реализира заедно со Светската здравствена организација (СЗО) и со финансиска поддршка од Европската Унија (ЕУ). 

Од Министерството за здравство информираат дека кампањата ќе трае четири недели, односно до крајот на ноември и се планира да бидат посетени над 3.000 семејства. Во рамки на кампањата, постарите лица над 65 години ќе имаат можност на лице место да примат поливалентна вакцина против Ковид-19 како бустер доза, како и вакцина против сезонскиот грип, а децата да ги примат пропуштените дози од календарот за задолжителна имунизација.

-Триесет тимови од медицински лица од тимовите за имунизација во здравствените домови во државата, ќе одат „од врата до врата“, односно ќе ги посетуваат семејствата каде има невакцинирани лица или лица заинтересирани за вакцинација. Тимовите ќе ги информираат семејствата за придобивките од имунизацијата, ќе делат промотивен материјал во согласност со медицината базирана на докази и во договор со родителите ќе закажуваат термини за вакцини од редовниот календар за имунизација, се наведува во соопштението.

Од Министерството посочуваат дека се преземени активности преку кои во нови 20 општини (115 рурални и урбани места) родителите ќе имаат можност да дознаат повеќе за задолжителната имунизација, како и за вакцинациите против Ковид-19 и сезонскиот грип. фф/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан