• понеделник, 10 ноември 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Тошковски од ГП „Табановце“: Зголемувањето на безбедноста во сообраќајот е императив за МВР, возачите да прават пауза на секои два до три часа возење

Тошковски од ГП „Табановце“: Зголемувањето на безбедноста во сообраќајот е императив за МВР, возачите да прават пауза на секои два до три часа возење

Куманово, 31 јули 2025 (МИА) -  За 24 часа на Граничниот премин Табановце, дневно поминуваат околу 50.000 патници, соопштија денеска надлежните од МВР. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) Горан Ангеловски, ја промовираа летната превентивна кампања „Безбедно во лето – Вози одморен“. Заедно со претставници од Црвениот крст на патниците им поделија промотивен материјал, вода и ги повикаа да одморат, да се освежат и да имаат пријатно патување кон одбраната дестинација. Министерот Тошковски кажа дека ја продолжуваат кампањата, се заблагодари на вклучените партнери.

- Цениме дека почитувањето на сообраќајните правила, почитувањето на сите оние превентивни мерки, да возиме одморени, да ги почитуваме правилата, со консумирање на доволно течности во рамки на овие летни горештини, сметаме дека со ваква кампања дополнително придонесуваме за побезбедно лето, рече министерот Тошковски.

Тој потсети дека претходно ја промовирале кампањата на ГП Богородица. Во однос на „One Stop Shop“ меѓу Македонија и Србија, Тошковски рече дека дава резултати, граѓаните се задоволни.

- Примената на системот во рамки на граничен премин Табановце дава резултати односно како нашите граѓани и така и сите оние коишто не се државјани на Македонија многу побрзо ги поминуваат границите во споредба со претходно. Луѓето се задоволни или тоа е една констатација плус за работата на МВР, навистина сметам дека треба да продолжиме во таа насока, рече министерот.

Службите, додаде тој, го информирале дека се ставени сите расположливи капацитети за ефикасно поминување на границата.

- Се што е во рамки на нашите можности, ќе ги ставиме во функција, сите оние услови за да имаме подостоинствен граничен премин, а резултатите мислам дека се видливи од нашата работа во изминатиот период, рече Тошковски.

Претседател на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Горан Ангеловски ги повика возачите пред да тргнат на пат да ја проверат техничката исправност на возилото.

- Целта на кампањата е покажеме на возачите особено на патниот правец коридор 10 коишто оваа година транзитираат поради зголемениот интензитет на сообраќај и големиот број на случајни сообраќајни незгоди токму оваа кампања ја организираме за да укажеме да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Во однос на кампањата укажуваме кон возачите за возат одморени односно пред секоа тргнување на пат да ја проверат техничката исправност на возилото да бидат добро одморени на секој два часа да прават пауза минимум по 15 минути да консумираат течност доволно, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи особено во делот на ограничување на брзината се со цел да стигнат безбедно на саканата дестинација, рече Ангеловски.

Според МВР, покрај пречекорување на дозволената брзина и возење под дејство на алкохол, заморот претставува една од клучните причини за сообраќајни несреќи во текот на летниот период. Особено ризична е делницата од граничниот премин „Табановце“ до Гевгелија и во двата правци, каде секоја година се бележат повеќе сообраќајки со сериозни последици.

Кампањата има цел да ги потсети возачите на опасностите што ги носи заморот зад воланот, на сериозните последици што може да настанат од сообраќајки предизвикани од ненаспаност и намалена концентрација, како и да ги охрабри да прават редовни паузи, да пијат повеќе течности, да патуваат одморени и да го запрат возењето веднаш штом ги забележат првите симптоми на замор. Оваа состојба се должи на тоа што станува збор за дел од европскиот транспортен коридор, по кој секојдневно се движат илјадници возила. Возачите, изморени од долгите часови зад воланот, често ја губат будноста и концентрацијата, а не е реткост некои дури и да заспијат при возење што резултира со несреќи од трагичен карактер.ам/лв/


Фото и видео МИА

Остани поврзан