• сабота, 23 ноември 2024

Министерот Николоски на средба со извршниот директор на Визер, Јозеф Варади

Министерот Николоски на средба со извршниот директор на Визер, Јозеф Варади

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Досегашната соработка меѓу Визер како корисник на финансиската поддршка за воведување на авиолинии и Владата која ја реализира оваа мерка со цел поттикнување и унапредување на авиосообраќајот во земјава, беа тема на разговор на денешната работна средба меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и извршниот директор на Визер, Јозеф Варади.

На средбата, како што информираат од Министерството за транспорт, министерот Николоски го отвори и прашањето за новиот јавен повик за финансиска поддршка за нови дестинации до/од Меѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид за период 2025-2027 година.

Министерот детално информираше за условите и критериумите од јавниот повик, потенцирајќи го придонесот на авиокомпанијата Визер за развој на патничкиот авиосообраќај во изминатиот период.

Тој истакна дека јавниот повик е отворен за сите авиокомпании кои се заинтересирани да работат на македонскиот пазар под услови пропишани од јавниот повик.  

Јавниот повик трае до 7 октомври и во рамките на тригодишната програма предвидено е финансиска поддршка во висина од 360 милиони денари. Покрај другите услови, предвидено е износот на финансиската поддршка да изнесува 9 евра по патник во доаѓање превезен од Меѓународен аеродром Скопје и 12 евра по патник во доаѓање превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.вј/дма/

Фото: Министерство за транспорт

 

Остани поврзан