• четврток, 21 ноември 2024

Министерот Меџити го посети средното „Киро Спанџов-Брко” во Кавадарци

Министерот Меџити го посети средното „Киро Спанџов-Брко” во Кавадарци

Кавадарци, 4 ноември 2024 (МИА) - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денеска го посети средното општинско училиште ,,Киро Спанџов-Брко” во Кавадарци. 

- Со директорот на Управата и на Инспекторатот за животна средина дојдовме да ги видиме иновациите што се наградени. Исто така, да ги разгледаме можностите за поддршка на ваквите иновации. Посветени сме на зелената агенда, подвлече меѓу другото Меџити. 

МИА уште во септември информираше дека професорот Димитрија Ангелков и пет ученици од Кавадарци произведоа 30 прочистувачи за воздух. 

- Заедно со пет ученици средношколци, под мое менторство, произведени се 30 квалитетни антиполен карбон прочистувачи за воздух, наменети за училници. Проектот AERO2 е за задоволување со прочистувачи на потребите на училиште,  преку проект UPSHIFT од здружение на граѓани ЛЕАД. Даваме пример како да имаме побезбедна училишна средина, исто така, пример за да можат тоа да си го направат учениците и во своите домови. Да бидат безбедни, а притоа да немаат големи трошоци за купување прочистувачи од комерцијална продажба. Филтрите што ги користиме во нашите прочистувачи се германски, антиполен и карбон антибактериски, појаснува Ангелков, кој како иноватор има добиено бројни признанија и награди за иноваторство. 

Ангелков, кој е професор доктор по електротехнички науки, во изјава за МИА подвлекува дека загадувањето на воздухот е сериозен глобален проблем и дека поради тоа е многу важно, користењето на вакви апарати. 

Исто така, био компостара е поставена во дворот на средното општинско училиште „Киро Спанџов - Брко", органскиот отпад ќе се претвора во органско ѓубриво за потребите на градот. Машината ја произведе фирмата Спектар 21 од Кавадарци под менторство на професор д-р Димитрија Ангелков од ова училиште и машинскиот инженер Витомир Ѓорѓиев, сопственик на компанијата. 

 - Со  проектот сакаме да ја зголемиме совеста кај граѓаните да ја полнат со органски отпад. Партнер во проектот ни е јавното комунално претпријатие ,,Комуналец" како фирма што ги има сите лиценци за собирање и третман на отпад. Проектот е од особено значење за хигиената во градот, затоа што 70 проценти од отпадот, е отпад од органски карактер. Проектот позитивно ќе делува на заедницата затоа што дава пример како од отпад може да се направи органско ѓубриво, што дури до пет пати  ја смалува тежината на  поставениот отпад во неа, вели Ангелков во изјава за МИА. свд/бак/


Фото : МИА

Остани поврзан