• петок, 30 август 2024

Министерот за одбрана на Албанија во Косово: Двете земји соработувале и ќе соработуваат за соочување со секој ризик и закана

Министерот за одбрана на Албанија во Косово: Двете земји соработувале и ќе соработуваат за соочување со секој ризик и закана

 

Приштина, 30 август 2024 (МИА) – Министерот за одбрана на Албанија, Пиро Венгу, кој е во официјална посета на Косово, изјави дека Албанија е подготвена за зголемување на нејзините трупи во Косово, доколку е потребно, и нагласи дека во таа насока албанската држава „ нема никакви резерви“, јави дописникот на МИА од Приштина.

По средбата со неговиот косовски колега Ејуп Маќедонци, Венгу истакна дека зголемувањето на бројот на војници е колективна одлука од страна на Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, и таа одлука се заснова на периодични проценки на безбедносната ситуација.

„Привилегија е да се биде овде. Имавме можност да споделиме заеднички напори за цивилни итни случаи. Разговаравме за зголемување на капацитетите. Ги имаме на располагање сите вооружени инструменти за Безбедносните сили на Косово (ФСК) да го имаат целосното ниво на безбедност“, рече Венгу.

Тој истакна дека Албанија чувствува привилегија да му помогне на Косово да стане актер кој придонесува за колективната безбедност.

„Албанија има посебен придонес, а ние сме привилегирани што Косово со сите свои напори се претвора во актер кој придонесува за колективната безбедност“, рече Венгу.

Министерот за одбрана на Косово, Маќедонци по средбата со Венгу изјави дека на двете земји им е потребно продлабочување на соработката и проширување во воената индустрија. Тој нагласи дека Косово има за цел да биде покрај Албанија, членка на НАТО.

Маќедонци истакна дека високо ја цени првата посета на неговиот албански колега на Косово.

„Имав чест и задоволство првпат да се сретнам со министерот за одбрана на Албанија, со кого разговаравме за продлабочување на соработката на безбедносен и одбранбен план. Соработувавме доста добро, но оценивме дека има потреба од продлабочување на соработката и нејзино проширување во воената индустрија. Овде сакам да им дадам јасно до знаење на сите дека ние и албанската армија соработуваме и сме соработувале за да се соочиме со секој предизвик и закана што има за цел да ги загрози наследството, вредностите и безбедноста“, рече Маќедонци.

Тој порача дека Косово и Албанија, како две демократски земји, ќе продолжат да придонесуваат во глобалната војна против опасностите што ја загрозуваат и ѝ се закануваат на глобалната безбедност, како што е случајот со војната во Украина.

„Нашите земји се активни учесници во контакт групата за одбрана на Украина и му помагаме на народот на Украина во борбата за слобода. Ние сме заеднички дел од многу регионални иницијативи и нашата цел ќе биде, заедно со Албанија и со нејзина поддршка, во блиска иднина да бидеме дел од НАТО и дел од другите евроатлантски структури“, рече Маќедонци.

Остани поврзан