• недела, 22 декември 2024

Министерот за економија Бесар Дурмиши ја предаде употребната дозвола за новиот објект на фабриката КИЕЛ

Министерот за економија Бесар Дурмиши ја предаде употребната дозвола за новиот објект на фабриката КИЕЛ

Тетово, 30 август 2024 (МИА) - Во ТИРЗ Тетово Министерот за економија Бесар Дурмиши на претставниците од фабриката за производство на седишта за возови и автобуси КИЕЛ им ја предаде употребната дозвола за новиот објект кој е изграден во кругот на тетовската индустриска зона.

Со употребната дозвола компанијата почнува со работа во новиот производствен погон во Тетово, кој се простира на површина од 7.000 м2, а со кој предвидено е да се отворат 300 нови работни места.

Дурмиши, при посетата на компанијата, меѓу другото, рече дека министерството за економија во наредниот период интензивно ќе работи на подобрување на деловната клима во земјата.

-Веќе започнавме со измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите каде сакаме да обезбедиме по транспарентен модел на делување на државната финансиска поддршка за сите компании кои инвестираат, вработуваат и се развиваат. Една од мерките кои ги направи премиерот Мицкоски е намалувањето на данокот на профит од 10% на 5% за сите компании кои остваруваат добивка над 50 милиони евра, изјави Дурмиши, кој заедно со градоначалникот на Тетово Билал Касами и претставници од ТИЗР Тетово и КИЕЛ ги посетија новите погони на фабриката.

Бесар Дурмиши се осврна и на разликите кои се јавуваат помеѓу Државниот завод за статистика и Сојузот на синдикатите во износот на потрошувачката кошничка.

- Според податоците кои ги зедовме од Државниот завод за статистика и пресметките кои ги направивме во Министерството за економија резултатите не се исти со пресметките што ги направиле од Сојузот на синдикатите. Според нивните пресметки произлегува дека во јули потрошувачката кошница изнесува 65.170 денари и која во однос на јуни има раст од 245 денари. Ако се пресметува од декември 2023 година до јули 2024 година излегува дека има пораст од 4.047 денари, односно 7 проценти. Но според официјалните информации од Државниот завод за статистика, значи нема толку раст од седум проценти тука има раст од 3,6%. Решението за ова треба да се бара во спогодбата за измена на Економско социјалниот совет која веќе е поднесена, вели Дурмиши.

Новиот Економско социјален совет, посочи Дурмиши, ќе има по четири члена од Владата, од Синдикатот и од работодавачите и ќе треба да биде формиран кон

средина на септември. На првиот состанок, според Дурмиши, ќе се отворат сите теми, меѓу кои и за утврдување една методологијата по која ќе биде мерена потрошувачката кошница и методологијата за пораст на минималната плата.

-Синдикатот на вработените и работодавачите направија методологија каде што секој март треба да се покачи минималната плата. Тоа сега треба да биде во март 2025 година. Ако ние вонредно ја покачиме минималната плата тоа значи дека треба да го менуваме Законот за минимална плата, а не можеме тоа да го направиме поради тоа што се уште не е формиран Економско социјалниот совет. Во средина на септември месец ќе се одржи првиот состанок каде што ќе ги гледаме сите нивни барања на синдикатите, вели Дурмиши. ас/аа/

Фото: Министерство за економија

Остани поврзан