• понеделник, 18 ноември 2024

Милков: Бугарското МНР ќе дефинира конкретни обврски на институциите во Бугарија во однос на дијалогот со Скопје

Милков: Бугарското МНР ќе дефинира конкретни обврски на институциите во Бугарија во однос на дијалогот со Скопје
Софија, 8 август 2022 (МИА) - Непосредна задача на бугарското Министерство за надворешни работи во однос на билатералниот дијалог со Северна Македонија ќе биде усвојување на писмен документ, што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конкретно утврдени обврски, изјави шефот на бугарската дипломатија Николај Милков. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Милков нагласи дека неговата заменичка Велислава Петрова, која беше заменик и на неговата претходничка Теодора Генчовска, ќе продолжи да биде одговорна за билатералниот дијалог меѓу Бугарија и Северна Македонија, истакнувајќи дека таа направила многу за односите на Софија со Скопје, како и за аплицирањето за членство на Бугарија во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Милков и оддаде признание и на претходната бугарска Влада во врска со напредокот на односите со земјава, нагласувајќи дека таа постигнала многу, а можела да го остави ова прашања на страна, во услови кога беше близу до губење на мнозинството во Народното собрание на Бугарија. - Треба да можеме да го консолидираме напредокот што беше постигнат во билатералните односи со Република Северна Македонија. Претстои многу конкретна работа, изјави Милков. Во однос на присуството на генералниот конзул на Бугарија, Димитар Иванов во просториите на Центарот „Иван Михајлов“ во Битола за време на увидот на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација минатата недела, Милков оцени дека тоа „не претставува проблем“ и дека тој не ги попречувал активностите на Комисијата со тоа што бил присусен за време на увидот. Според Милков, политиката на Софија кон Балканот ќе биде фокусирана и на други проблеми во регионот, како што се тензиите меѓу Србија и Косово и случувањата во Босна и Херцеговина. - Бугарија мора да биде во можност на своите меѓународни партнери да им претстави што се случува во регионот, истакна Милков. Тој најави и дека портпарол на Министерството ќе биде Костадин Коџабашев, кој до пред неколку дена беше амбасадор на Бугарија во Украина. Милков е министер за надворешни работи на Бугарија во техничката Влада именувана од бугарскиот претседателот Румен Радев, со задача да раководи со земјата до завршувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 2 октомври. нк/сп/

Остани поврзан