• понеделник, 23 декември 2024

Милков: Амбасадорот Ангелов ќе се врати во Скопје кога ќе се создадат соодветни услови

Милков: Амбасадорот Ангелов ќе се врати во Скопје кога ќе се создадат соодветни услови

Софија, 27 јануари 2023 (МИА) - Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов би можел да се врати во Скопје, кога за тоа ќе се создадат соодветни услови, изјави денеска министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков.

- Доколку започне дијалог на високо ниво, во кој треба да учествува и тој, амбасадорот може да се врати во секој момент, додаде Милков на прес-конференција на која информираше за активностите на бугарското Министерство за надворешни работи.

Коментирајќи ја изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека одлуката за повикување на амбасадорот Ангелов на консултации во Софија е неоснован, неаргументиран и непропорционален потег, Милков рече дека таквата постапка е одраз на уверувањето на Бугарија дека ситуацијата е „отидена предалеку“ и дека „ваквата мерка е неопходна“.

- Ако Република Северна Македонија смета дека повикувањето на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Бугарија во Северна Македонија, Ангел Ангелов е непропорционално, можеби не ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата, рече Милков.

Според него, во сегашниот момент е потребно амбасадорот Ангелов да биде во Софија „за да се разјаснат низа пристапи“ во однос на бугарската политика кон земјава.

- Мерката е координирана на највисоко ниво. Ова не е нешто за што случајно е одлучено или е донесена одлука само на ниво на Министерството за надворешни работи. Ова е национален одговор, додаде Милков. сп/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан