• недела, 22 декември 2024

Милевски: Помладите треба да го потврдат својот репрезентативен потенцијал

Милевски: Помладите треба да го потврдат својот репрезентативен потенцијал
Скопје, 23 мај 2022 (МИА) - Македонската фудбалска репрезентација со тројца дебитанти во поширокиот состав ќе ја почне идниот месец новата сезона во Лигата на нации во група со Бугарија, Грузија и Гибралтар во рамки на Ц дивизијата. Нови имиња во составот на „црвено-жолтите“ што денеска го објави селекторот Благоја Милевски се дефанзивецот на Академија Пандев, Бојан Димоски и играчите за врска на словачки Злате Моравце, Томче Гроздановски и полска Висла Краков, Енис Фазлагиќ. - Базата на тимот веќе ја имаме со фудбалерите кои ги одиграа натпреварите за пласман на Светското првенство, но нашата цел е тројцата нови фудбалери во составот Димоски, Гроздановски и Фазлагиќ да донесат одредено освежување во репрезентацијата. Шанса за потврда на својот потенцијал и квалитет ќе добијат сите и низ подготовките и натпреварите, помладите фудбалери треба да покажат дека можат да бидат важен дел од репрезентацијата во нашите натпревари од квалификациите за Европското првенство чија ждрепка е закажана во октомври, изјави попладнево Милевски за официјалниот сајт на ФФМ. Македонските фудбалери на 2 јуни и гостуваат на Бугарија, а три дена подоцна на Гибралтар, по што на 9 јуни ја пречекуваат Грузија, а на 12 јуни во Скопје ги очекува реваншот против Гибралтар. - Јас се надевам на многу позитивни работи во периодот што ни следува, иако распоредот ни наметнува четири меча, а фудбалерите завршија со клупски активности. Дел од нив како последица од напорната сезона и бројот на одиграни натпревари нема да бидат во комбинација за настап за натпреварите кои ни следуваат, а ќе видиме каква е ситуацијата со дел од играчите кои имаат повреда и дали ќе бидат во можност да настапат, додаде Милевски. ег/сп/

Остани поврзан