• среда, 20 ноември 2024

Милевски задоволен од играта, разочаран од резултатот

Милевски задоволен од играта, разочаран од резултатот

Прага, 14 октомври 2023 (МИА) – Селекторот Благоија Милевски изрази разочарување од вечерашниот пораз од Украина (0-2) во евроквалификациите, истакнувајќи дека македонските фудбалери одиграле квалитетен натпревар на „Епет Арена“ во Прага.

Македонската репрезентација пропушти неколку изгледни шанси во текот на дуелот во кој Украина поведе преку Георги Судаков во 30. минута, а победата ја завери во судиското продолжение со голот на Олександр Каравајев.

-Мислам дека сите гледачи на стадионот уживаа во натпреварот. И Украина и Македонија покажаа добра игра. Честитки за Украина за победата, но горд сум на моите момци. Нашата реакцијата по несреќно примениот гол беше одлична. На почетокот на вториот дел направивме измени и успеавме да се наметнеме, но, за жал, не успеавме да дојдеме до гол и кога нема да ги искористиш шансите, поразот е неминовен, изјави Милевски на прес-конференцијата по натпреварот.

Со денешниот пораз од Украина на неутрален терен во Прага, македонската репрезентација остана на четвртото место во квалификациската група Ц со седум бодови, три помалку од Украина која изби на второто место, пред вечерашниот дуел на Италија (7 бодови) на домашен терен против Малта. Лидер на табелата е Англија со 13 бодови.

Евроквалификацискиот циклус избраниците на Милевски ќе го заокружат идниот месец против Италија, во Рим на 17 ноември, и против Англија, во Скопје на 20 ноември. ег/хс/

Фото: ФФМ

Остани поврзан