• понеделник, 23 декември 2024

Милатовиќ: Европската интеграција е главниот катализатор на реформите во регионот

Милатовиќ: Европската интеграција е главниот катализатор на реформите во регионот

Подгорица, 27 јуни 2023 (МИА) - Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ е домаќин на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Подгорица, со кој завршува претседавањето на таа земја со оваа регионална иницијатива.

На отворањето, Милатовиќ рече дека денешната средба ја потврдува годината која донесе бројни предизвици, со што, како што рече, уште поочигледна е важноста на блиската соработка и партнерство за постојана стабилност и отпорност на Југоисточна Европа.

Тој оцени дека изминатата година ја одбележаа низа позитивни придвижувања на европската агенда, отворањето на преговорите со Скопје и Тирана, доделувањето кандидатски статус на Сараево, Кишињев и неодамна, одобрувањето на визната либерализација за Приштина, пренесува РТЦГ.

- Поставени како сеопфатен приоритет на нашето претседателство, европската интеграција останува главен катализатор за неопходните политички, институционални, економски и безбедносни реформи за аспирантите од нашиот регион и пошироко. Регионот мора да најде консензус за да продолжи напред со заеднички напори и да го забрза процесот на интеграција. Според тоа, членството во Европската Унија не треба да се гледа како еднократен збор, туку како постојан баланс на взаемна одговорност и придобивки, рече Милатовиќ.

Тој потсети дека Црна Гора неодамна ја прослави шестгодишнината од членството во НАТО и оти влезот во Алијансата може да се смета како увертира за приемот на земјата во ЕУ.

Претседателот на Црна Гора истакна дека е привилегија што на самиот почеток на својот мандат има можност да размени мислења со највисоките претставници на членките на ПСЈИЕ за можностите за натамошен развој на регионалната соработка во рамките на овој важен форум.

- Црна Гора придава големо значење на зајакнувањето на регионалните врски и ја гледа регионалната соработка како предуслов за севкупен развој, стабилност и обезбедување подобар квалитет на живот за сите наши граѓани, рече Милатовиќ.

Тој истакна дека заканите кои произлегуваат од руската инвазија на Украина ја доведоа безбедноста на самиот врв на регионалната и европската политичка агенда и додаде дека членките на ПСЈИЕ се длабоко загрижени за актуелните тензии во регионот и дека очекува одржливи решенија да се постигнат преку мир и дијалог. ссм/

фото: прес служба на Претседател на Црна Гора

Остани поврзан