Милан со прва победа во Серија „А“ под водство на Консеисао
- Милан го постигна првиот шампионски успех под водство на својот нов тренер Серхио Консеисао откако го совлада Комо со 2-1 во одложен натпревар од 19. коло во Серија „А“
Комо, 14 јануари 2025 (МИА) - Милан го постигна првиот шампионски успех под водство на својот нов тренер Серхио Консеисао откако го совлада Комо со 2-1 во одложен натпревар од 19. коло во Серија „А“.
По триумфот во италијанскиот Суперкуп и разочарувачкото реми 1-1 против Каљари во дебитантскиот меч во првенството, португалскиот тренер забележа победа на кормилото на „росонерите“ во тензична регионална пресметка. Милан до трите бода стигна со пресврт, демонстрирајќи карактер.
Домаќините од Комо го отворија резултатот во 60. минута преку Асане Диао, но Милан брзо одговори. Тео Ернандез израмни во 71. минута, а само три минути подоцна Рафаел Леао му донесе победа на тимот.
Натпреварот не беше без проблеми за Милан откако напаѓачот Кристијан Пулишиќ заработи повреда на левата бутина пред самиот крај на првото полувреме. Тој беше заменет со младиот Алехандро Хименез.
Со оваа победа Милан се искачи на 7. место во поредокот со 31 бод. Комо од друга страна останува на 16-тата позиција со 19 бодови. дс
Фото: Архива