• сабота, 22 февруари 2025

Мигрантското прашање во фокусот на средбата Мицотакис - Брунер

Мигрантското прашање во фокусот на средбата Мицотакис - Брунер

Атина, 16 јануари 2025 (МИА) – Миграцијата и враќањето на мигрантите, како и европскиот пакт биле во фокусот на средбата во Атина на еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис на почетокот на средбата посочи дека Грција е земја која долги години е на првата линија на миграциската криза и изрази надеж дека со новиот еврокомесар ќе имаат „многу плодна соработка“.

- Задоволни сме од напредокот што е постигнат на европско ниво во однос на обликувањето на нов баланс во нашата севкупна европска миграциска политика, во насока на заштитата на надворешните граници, со посебен акцент на враќањето, но и фокусирање на легалните миграциски рути, рече грчкиот премиер

Посетата на Атина за Брунер е прва официјална посета во странство откако ја презеде функцијата и нагласи дека оваа одлука се должи на фактот што Грција „игра многу важна улога и е особено добар партнер во Европската Унија во целина“, а не само во однос на прашањата за кои разговарале.

- Имаме работа и многу различни работи пред нас. Имплементацијата на Пактот е една од нив. Но, секако прашањето за враќањата е исто така прашање за кое мора да имаме резултат. Се надевам дека ќе успееме. Продолжувам да сум оптимист, иако штотуку почнав, но токму поради тоа што штотуку започнав со моето ново портфолио, имаме многу да направиме, да постигнеме. Многу сум среќен што соработката меѓу Грција и Европската унија е толку силна, што е добро, бидејќи Грција има важна улога, ја имаше и во минатото и ќе ја има и во иднина, рече Брунер.

Еврокомесарот се сретна и со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, кој, како што објавија на Икс од грчкото МНР, истакнал дека „како држава на првата линија, Грција придава значење на принципите на одговорност и солидарност меѓу земјите-членки, соработката со трети земји и враќањата, како и олеснување на легалните патишта на миграцијата“. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан