• четврток, 26 март 2026

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  27  мај  2025

 

 

Скопје - На покана од конгресменот Мајкл Тарнер, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски учествувал и се обратил на завршната Пленарна седница во рамки на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон, по повод 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Како што напиша на неговиот фејсбук профил Муцунски, настанот бил силен потсетник за значењето на дипломатијата во воспоставувањето на траен мир и стабилност на Балканот.

Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска посочи дека мнозинството останува стабилно и оти Владата и парламентарното мнозинство ќе работат со полн капацитет. Во однос на тоа кога ќе се избере новиот министер за здравство, Гаши напомена дека премиерот е тој што треба да го предложи, тој предлог да биде ставен на дневен ред, и потоа ќе биде доставен до сите пратеници во Собранието.

Скопје - Стојанче Ангелов е нов в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Како што информираше Ангелов, по претходен договор со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, тој е разрешен од позицијата директор на Центарот за управување со кризи и од денес стапува на новата функција.

Ангелов, како што информира ќе работи на обединување на ЦУК и на ДЗС во една институција, како стратешка заложба на Владата за воспоставување на современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување, кој ќе има соодветни капацитети да одговори на сите предизвици и ризици, целосно усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО.

Скопје - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска потпишало Меморандум за соработка со Македонски Телеком и со четири основни училишта од Скопје со што почнува реализацијата на иницијатива за поефикасно користење на електричната енергија и за унапредување на енергетската свесност во образовниот систем.

Скопје - Потпретседателот на Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски го коментираше вчерашениот избор на судии во Апелацискиот суд нарекувајќи го незаконски, а за претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски на својот профил на Фејсбук напиша дека извршил и кривично дело. Трагично или не, вели тој, но реформи на судството со оваа постава во Судскиот совет не би можел да изведе ниту илузионистот Дејвид Коперфилд. 

Скопје - Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас внимателно ги сослуша нашите ставови и позиции. Имаме неколку сценарија кои што ги понудивме и посветено работиме да го решиме проблемот и да покажеме позитивен сигнал како добри соседи. Сепак, станува збор за двонасочна улица. Не е само ние да покажеме иницијатива и да понудиме решенија, треба истото да го направи и другата страна, изјави заменик министерката во Министерството за европски прашања, Викторија Трајков.

Москва – Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, пристигна во Москва, каде што ќе учествува на 13. Меѓународен состанок на високи претставници задолжени за безбедносни прашања.

– Тука сум, повторно – напиша Додик на мрежата Икс по пристигнувањето во Русија.

Како што соопшти руското Министерство за надворешни работи, на форумот ќе учествуваат и делегации од Индија, Никарагва, Виетнам, Северна Кореја, Тајланд, Иран, ОАЕ, Алжир и други земји.

Скопје - Полициски службеници од Полициската станица безбедност на патниот сообраќај Пробиштип го лишиле од слобода А.Р. (56) од Скопје. 

Како што соопшти МВР, ноќеска во 00.44 часот тој на регионалниот пат Р-1205 во пробиштипското село Пишица управувал патничко возило „фолксваген“, со скопски регистарски ознаки, со брзина од 101 километар на час во населено место каде што максимално дозволена брзина е 40 километри на час.

Скопје - На патот Ресен- Битола, полициски службеници од ОВР Ресен вчера во 00.23 часот го лишиле од слобода Р.Н. (47) од с. Златари, ресенско, со 1,89 промили алкохол во крвта. 

- При контрола  во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „сеат” со ресенски регистарски ознаки, кое го управувал Р.Н., и по преземени мерки констатирано е дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,89 промили алкохол во крвта. Р.Н. е исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица, а по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик, информира Министерството за внатрешни работи.

Скопје - Клубот Делта од Скопје трета година по ред е со најдобри резултати на Купот на Македонија одржан изминатиот викенд на Арената „Тодор Проески“.

Ова е петта титула за Делта во последните шест години. Делта на крајот освои 894 бодови, пред Куманово со 485 и 7-ми Мај со 351 бод.

Во женска конкуренција победи Куманово (536 бода0, пред Дрини Старт (338) и 7-ми Мај (309). 

Сараево – Пет лица се здобиле со тешки телесни повреди во синоќешниот вооружен судир меѓу криминални групи во близина на мигрантскиот камп во Блажуј, кај Сараево. Како што потврди Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево за порталот Klix.ba, на Клиничкиот центар во Сараево се примени шест лица, од кои две се во животно загрозувачка состојба.

Меѓу повредените се еден државјанин на Пакистан и пет лица од Авганистан.

Париз – Франција би можела да се соочи со сериозен недостиг на буџетски средства до 2027 година доколку не се преземат итни мерки за ограничување на јавната потрошувачка, предупреди францускиот Државен ревизорски суд.

Во вчерашниот извештај на ревизорите, кој го пренесуваат денеска француските медиуми, како главна причина за зголемениот дефицит се наведуваат широките социјални програми. Само во 2024 година, социјалниот фонд забележал дефицит од 15,3 милијарди евра, а за 2025 се предвидува минус од 22,1 милијарда евра.

Букурешт – Романскиот десничарски политичар и поранешен претседателски кандидат, Калин Георгеску најави дека се повлекува од политиката, наведувајќи дека тоа „не е оставка, туку одговорен избор“.

Георгеску нагласи дека не планира да се приклучи на ниту една политичка партија или движење, освен во случај на прекршување на правата на оние што мислат поинаку, пренесува „Политико“.

Брисел - Петнаесет земји членки на ЕУ изразуваат незадоволство од сегашната европска Директива за оданочување на производите од тутун и бараат нејзина промена, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Според дипломатски извори, министрите за финансии и економија на овие 15 земји упатиле писмо до Европската комисија во кое оценуваат дека постоечката законодавна рамка е застарена и е недоволна за справување со актуелните предизвиците на тутунскиот пазар и за регулирање на новите никотински производи. 

Ерусалим – Израелскиот министер за финансии, Бецалел Смотрич, предизвика нова контроверза со повици за окупација и населување на Појасот Газа, како и за обнова на храмот на местото на џамијата Ал-Акса во Ерусалим.

За време на т.н. „Марш на знамето“, настан организиран од екстремно десничарски групи, во Стариот град на Ерусалим се собраа израелски политичари и нивни симпатизери, извикувајќи пароли како „Смрт за Арапите“ и „Нека изгорат вашите села“.

Лондон – Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами престојува во посета на Арктикот, при што ги истакна напорите за спротивставување на растечкото руско влијание во регионот, особено преку санкции кои ја попречуваат работата на флотата мразокршачи на Москва.

Министерството за надворешни работи соопшти дека пловна платформа за поправка на мразокршачи на Русија, која требало да биде влечена кон Арктикот, останала заглавена во Средоземното Море, откако влечниот брод „Венгери“ беше погоден од санкции порано овој месец, пренесува ДПА.

Канбера – Австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска изјави дека поплавите во југоисточниот дел од земјата претставуваат „огромен предизвик“ и дека целосното опоравување ќе трае со месеци.

– Ова не е нешто што ќе исчезне за неколку дена, недели или дури месеци – изјави Албанезе од градот Тари, каде, за четири дена - од 20 мај, наврнаа околу 600 милиметри дожд, што е речиси половина од годишниот просек.

Пјонгјанг – Северна Кореја ги критикуваше плановите за противракетниот систем „Златна купола“ на американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека системот би бил „многу опасна“ закана што би можела да предизвика „нуклеарна војна“ во вселената, јавија денеска севернокорејските медиуми.

Тел Авив – Сирени за воздушна тревога се огласија во неколку населби на окупираниот Западен Брег во раните утрински часови, откако јеменското движење Хути лансираше нова ракета кон Израел. Израелската војска соопшти дека ракетата е успешно пресретната.

Меѓу засегнатите населби беа области источно од Наблус, вклучувајќи ги Гилгал, Шомрон, Итамар, Швут Рахел и други израелски населби. Жителите беа повикани да се засолнат.

Барселона - Раниот појадок и раната вечера може да имаат важна улога во контролата на тежината, според истражување на Институтот за глобално здравје во Барселона.

Резултатите од шпанската установа се објавени во „Меѓународниот журнал за бихевиорална исхрана и физичка активност“ (International Journal of Behavioral Nutrition and Physical Activity). Според наводите на научниците, луѓето кои го почнуваат денот со ран оброк и оставаат повеќе време меѓу вечерата и одењето во кревет, имаат понизок индекс на телесна маса.

Сплит - Властите во хрватскиот град Сплит на почетокот на 2024 година почнаа голем проект за реконструкција и реновирање на Жњан - една од најпознатите плажи во ова подрачје, па работите полека привршуваат, соопштија надлежните. При својата посета, градоначалникот на градот, Ивица Пуљак рече дека отворањето е планирано за почетокот на летната сезона, поточно на 21 јуни.

Остани поврзан