
Скопје - Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ќе присуствува на презентацијата на реализираните активности за реконструкција на објект на основно училиште и негова преадаптација во Регионален центар за рехабилитација на деца кои се излекувани од канцер во во селото Кучково во Општина Ѓорче Петров.
Како што информираат од Министерството, реконструкцијата е во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2, кои ги реализираше Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија.
Скопје - Центарот за развој на медиуми денеска организира панел-дискусија на која ќе бидат претставени наодите од мониторингот на работата на носителите на одлуки и регулаторните тела во областа на аудиовизуелните медиумски услуги во 2025 година.
-Центарот за развој на медиуми континуирано ги следи активностите на носителите на одлуки во областа на аудиовизуелните медиумски услуги и медиумите воопшто, првенствено Министерството за дигитална трансформација, како и регулаторните тела во областа на аудиовизуелните медиумски услуги, односно Советот на АВМУ и Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис МРТ. Наодите од мониторингот се објавуваат во квартални извештаи, што се објавуваат на интернет страната на Центарот за развој на медиуми, www.mdc.org.mk, заедно со препораки за надминување на утврдените недостатоци и проблеми, информираат од Центар за развој на медиуми.
Скопје - Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска во Основен Кривичен суд Скопје. На изминатото рочиште беше сослушуван обвинетиот Боре Видевски кој изјави дека под физичка тортура бил принуден да потпише изјава со која ќе изгледа виновен и дека по тепање со дрвена палка го натерале да каже дека го познаваа таткото на девојчето. Видевски беше испитуван од страна на неговиот адвокат, а неговото сослушување треба да продолжи и денеска.
Претходно беше сослушан обвинетиот Велибор Манев кој во детали ги образложи грабнувањета на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство.
Скопје - Истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжи со нови претреси за обезбедување докази и распити на лица, а дејствија ќе преземе и Управата за финансиска полиција. Во државава вчера се врати првиот од 115-те пациенти повредени во пожарот кои се лекуваат во странство. Според последните информации, во критична состојба се пет од пациентите во странство. Од болниците во Скопје, вчера беа испишани уште 12 пациенти. Институциите пак ги почнаа дел од законските измени за подобрување на постапките за издавање документација и подобрување на безбедносните стандарди во угостителските но и јавните објекти.
Јавното обвинителство вчера соопшти дека истражните тимови при претреси на пет локации во Кочани и во Скопје одзеле дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Обвинителството најави дека ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица.
Скопје - Во врска со актуелната побарувачка на конзумни јајца во периодот пред Велигден, Групацијата за живинарство при Стопанската комора на Северна Македонија ги информира граѓаните дека македонскиот пазар е стабилен и снабден во доволни количини квалитетни и безбедни конзумни јајца.
Како што информираат денеска од Стопанската комора на северна Македонија, како традиционален производ кој е дел од Велигденските обичаи, јајцата се достапни во доволни количини во трговските мрежи, пазари и фармерски продавници.
Атина – Слогани против Турција, но и дека Кипар е грчки, извикувале студентите од грчката Академија за офицери во воената морнарица на вчерашната воена парада во Атина, нешто што според грчките медиуми предизвикало реакција од надлежните и се очекува да се покрене дисциплинска истрага, јави дописничката на МИА од Атина.
Видеото со извиците беше објавено на социјалните мрежи, а е снимено на атинска улица, откако студентите ја поминале официјалната ложа и парадираат пред граѓаните. Весникот „Катимерини“ повикувајќи се на свои информации, пишува дека студентите првично ќе бидат повикани да дадат објаснувања, а потоа ќе биде припишана одговорност, додека Турција реагирала на дипломатско ниво и побарала објаснувања.
Брисел – Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас се соочува со бројни критики во првите месеци на функцијата, а бриселските функционери најмногу и замеруваат дека продолжила да „се однесува како премиерка“, рекле извори за Политико.
За време на посетата на Киев, веднаш по преземањето на функцијата во декември, Калас на Х објави дека „Европската унија сака Украина да победи во оваа војна“, а некои функционери на ЕУ рекоа дека се чувствуваат непријатно поради тоа што шефицата на Европската служба за надворешни работи, на првиот ден на работа, си дава слобода да „го пречекори она што се сметаше за воспоставената реторика за повеќе од две години војна во Украина“, наведува бриселскиот портал.
Ријад – Русија и Украина се договорија да ги прекинат непријателствата во Црното Море, соопшти синоќа Белата куќа, наведувајќи детали од разговорите одржани во Саудиска Арабија. САД соопштија дека постигнале посебни договори со Украина и Русија за да се обезбеди безбедна пловидба во Црното Море и да се спроведе забраната за напади врз енергетски објекти во двете земји.
Двете земји се согласија дека „ќе биде гарантирана безбедноста на пловидбата во Црното Море, дека ќе се воздржат од употреба на сила и дека ќе спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели“, соопшти американската влада, која посредуваше во преговорите.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин да „одолговлекуваат“ со мировниот договор со Украина. -Мислам дека Русија сака да стави крај на тоа, но тие може и да завлекуваат, рече Трамп синоќа во интервју за „Њузмакс“, додавајќи дека за време на неговата бизнис кариера тој самиот „го правел тоа со години“.
Тој наведе дека мисли дека Русија сепак би сакала да заврши конфликтот во Украина, а и украинскиот претседател Володимир Зеленски би сакал војната да заврши во овој момент.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ги отфрли критиките за начинот на кој неговата администрација се справува со строго таен воен разговор и го бранеше својот советник за национална безбедност, кој наводно вклучил новинар во разговор за напад на милицијата Хути, поддржана од Иран, јави ДПА.
Критичарите во Конгресот и заедницата за национална безбедност го осудија инцидентот во кој главниот уредник на списанието „Атлантик“, Џефри Голдберг, беше вклучен во разговор со високи американски функционери на апликацијата за комерцијални пораки Сигнал. Трамп ги отфрли обвинувањата против неговиот тим и го бранеше својот советник за национална безбедност Мајк Волц, кој Голдберг рече дека го поканил на разговор - веројатно по грешка.
Вашингтон - Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Мајк Волц, кој стои зад спектакуларната безбедносна грешка поврзана со американските напади во Јемен, синоќа изјави дека ја презема одговорноста откако новинар се нашол во групата што тој ја создал на мрежата Сигнал.
„Ја преземам целосната одговорност. Јас ја создадов таа група“, изјави Мајк Волц на Фокс њуз, во првото интервју откако беше откриено дека новинарот по грешка бил ставен во групен разговор со високи функционери каде што се споделувале информации за нападот врз Хутите во Јемен.
Газа – Двајца новинари, дописник на јапонскиот дневен весник Асахи Шимбун и репортер на Ал Џезира, загинаа во израелските напади во Појасот Газа, јавија медиумите. Асахи Шимбун јави дека дописникот Мохамед Мансур (29) бил убиен во неговиот дом во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, додека Ал Џезира ја идентификувала втората жртва како нејзиниот дописник, 23-годишниот Хосам Шабат.
- Нападите врз цивили, вклучително и новинари, никогаш не се прифатливи под никакви околности, пишува јапонскиот дневен весник.
Абу Даби - Претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан и американскиот претседател Доналд Трамп вчера телефонски разговарале за напорите за постигнување прекин на огнот во Газа, објавија денеска арапските медиуми.
Претседателот на Емиратите го повика Трамп да обезбеди помош за жителите на Газа, како и да поддржи решение за две држави. На почетокот на февруари, Трамп го претстави планот за Газа кој вклучува раселување на Палестинците и создавање „блискоисточна ривиера“, што беше осудено од глобалните лидери.
Пекинг- Кинеското Министерство за надворешни работи денеска им порача на САД да престанат да гледаат на Кина преку сопствениот „хегемонистички менталитет“. Одговорот на Кина доаѓа откако САД ја прогласија Кина за својата најголема воена и информатичка закана, пренесуваат британските медиуми.
-САД ја шират теоријата дека Кина е закана само за да ја потиснат. Кина ги повикува САД да престанат и да ги поддржат активностите за независност на Тајван, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Гуо Џиакун.
Сеул – Бројот на загинати во шумските пожари што ја зафатија југоисточна Јужна Кореја се искачи на најмалку 22, а властите стравуваат дека бројките би можеле да продолжат да се зголемуваат. Официјалната новинска агенција Јонхап денеска јави дека најмалку 18 лица загинале во југоисточниот дел на земјата само од вчера попладне, со што вкупниот биланс се искачи на најмалку 22. Едно лице исто така се води како исчезнато, а две лица се здобиле со тешки повреди.
Во текот на викендот, четворица пожарникари ги загубија животите додека се бореле со пожарите. Според Јонхап, околу 5.000 пожарникари и повеќе од 140 хеликоптери моментално се во акција за борба против пожарите, кои веќе уништија околу 17.000 хектари шума.