• четврток, 15 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

17 април 2025 

Скопје - Уште еден пациент им подлегна на повредите од пожарот во Кочани, со што бројот на жртви во трагедијата се искачи на 62 лица.

Од Министерството за здравство попладнево информираа дека согласно информации од Воено - медицинската академија во Белград, денеска претпладне, на повредите подлегнал Стојанче Стефанов од Кочани, роден во 2001 година.

- Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови, веднаш е упатен на лекување во Воено - медицинската академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец, појаснија од Министерството за здравство.

Скопје - Македонија мора да ја направиме подготвена како Исланд за членство, да бидеме со усогласено законодавство и европски стандарди дома, а Европската Унија да биде искрена, брза и креативна во поддршката на нашиот европски пат, вреднувајќи го напредокот на земјите според исполнетоста на стандардите и вредностите на ЕУ односно согласно Копенхашките критериуми, истакнала претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, на средба со еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, одржана денеска во рамки на Форумот ЕУ-Западен Балкан.

Зајкова и Кос размениле мислења за европската перспектива на Северна Македонија и итноста од забрзување на евроинтегративниот процес. Зајкова истакнала дека Македонија не смее да биде изоставена на европскиот пат, кој треба да се темели исклучиво врз основа на критериумите од Копенхаген, соопшти ЛДП.

Скопје – Државниот буџет доминантен извор за финансисрање на изборните кампањи за Претседателските избори 2024 година. Од вкупните приходи на седумте кандидати за претседател во износ од 461.470 илјади денари, 354.257 илјади денари се обезбедни од Буџетот на државата за платено политичко рекламирање, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија.

-Учесниците во изборна кампања за претседателските избори во најголем дел обезбедија почитување на роковите за отворање и затварање на трансакциските сметки, регистрација и бришење од регистарот на правни субјекти, транспарентност за остварените приходи и расходи во изборната кампања преку доставување на предвидените извештаи за примени донации и сите имаат доставено вкупен финансиски извештај кој е предмет на ревизијата, се вели во извештајот на ДЗР.

Скопје - Секој што соработува зад отворени или затворени врати со нереформираната ДУИ За движењето ЗНАМ е неприфатлив да биде составен дел на партнерството во коешто учествува ова движење, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на партијата Никола Мемов.

Коментирајќи ги случувањата во коалицијата ВРЕДИ кои се дел од владината коалиција заедно со ЗНАМ и ВМРО ДПМНЕ, Мемов рече дека превирањата во албанскиот партнер не се закана за владејачкото мнозинство и оти во моментов владината коалиција функционира тековно и без никакви застои.

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска остварил работна средба со претседателството на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на која бил детално презентиран јавниот Конкурс за финансирање на проекти од областа на животната средина за 2025 година.

На средбата, како што соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање, Меџити ја истакнал важноста на локалната самоуправа како столб во реализацијата на клучни инфраструктурни и образовни проекти поврзани со животната средина.

Скопје - Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски денеска во Софија учествуваше на форумот „ЕУ го среќава Балканот“, во организација на Атлантскиот клуб од Бугарија и АЛДЕ групацијата од Европскиот парламент, соопшти Демократскиот сојуз.

Во дебатата со министри и заменици министри за надворешни работи или за Европа на земјите од Западен Балкан, Романија и Турција, заменик министерот Димитровски истакнал дека Македонија е шампион во Европа според заштитата на етничките права и дека уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот сами за себе не претставуваат проблем.

Скопје - На крајот на учебната 2023/2024 година во редовните основни училишта 179 661 ученици го завршиле одделението, додека во редовните средни училишта 65 737 ученици ја завршиле годината, соопшти Државниот завод за статистика.

На крајот на учебната 2023/2024 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 181 311, што претставува намалување за 0.5 % во однос на претходната учебна година.

Во истата учебна година основно образование завршиле 19 179 ученици. 

Скопје - Во апелот на Црвениот крст на РСМ, заклучно со денеска се собрани 128.011.651,00 денари за настраданите од пожарот во Кочани.

Денеска, како што соопштија од Црвенот крст на РСМ, е извршен трансфер на средства на 62 семејства на починатите лица. Досега на настраданите семејства вкупно се исплатени 86.100.000,00 денари.

Црвениот крст заедно со нашите партнери продолжува со испораката на психосоцијална и друга поддршка на населението.

Скопје - Зоолошката градина во Скопје соопшти дека имата принова кај пони коњите. Родено е женско пони.   

- Утрово не дочека нова радост. Женско бебе кај пони коњите. Во последните 30 денови, имаме околу 30 нови бебиња во Скопје ЗОО, стои во објавата споделена на официјалната Фејсбук страница на Зоолошката градина во Скопје. 

Софија - Бугарија не наметнува дополнителни услови за процесот и преговорите на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европа, изјави бугарската потпретседателката Илијана Јотова на отворањето на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“ што се одржа во Софија, пренесува БТА.

Настанот беше организиран од Европскиот либерален форум, партијата АЛДЕ и Атлантскиот клуб на Бугарија. На форумот присуствуваа еврокомесарката за проширување Марта Кос, која е во работна посета на Бугарија, како и владини претставници од Турција, Романија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора. Присутни беа и бугарски пратеници и експерти.

Рим - Околу 68.000 работни места во Италија може да бидат укинати поради царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти денеска италијанската Парламентарна буџетска канцеларија.

Како што јави италијанската новинска агенција АНСА, канцеларијата предупреди дека на целата италијанска економија може да се соочи со негативни последици поради овие трговски мерки.

Најпогодени сектори би биле фармацијата, рударството, автомобилската индустрија, хемиските производи, металуршките дејности и производството на машини.

Франкфурт - Европската централна банка (ЕЦБ) ги намали основните каматни стапки седми пат по ред. Одлуката беше објавена денеска на крајот од дводневниот состанок на ЕЦБ за монетарната политика.

Каматната стапка за депозитите е намалена за 0,25 процентни поени на 2,25 отсто - ниво под кое последен пат беше во декември 2022 година, кога беше 2 отсто. Останатите две водечки стапки - основната стапка на рефинансирање и каматата на маргиналните кредитни средства - исто така се намалени за 0,25 процентни поени - соодветно до 2,40 проценти и 2,65 проценти.

Берлин - Речиси 800 жалби се поднесени против резултатите од германските избори на 23 февруари, објави парламентот, јави ДПА.

Повеќе од половина од овие приговори, околу 430, се однесуваат на проблеми поврзани со гласањето на Германците кои живеат во странство.

Граѓанското здружение „Повеќе демократија“ го критикуваше скратувањето на роковите за испраќање поштенски пратки, тврдејќи дека многу гласачки ливчиња од странство веројатно не стигнале на време.

Групата започна кампања со која ги повикува погодените гласачи да ги оспорат резултатите.

Виена - Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси изјави дека нуклеарниот надзорен орган на ОН треба да има улога во преговорите за иранската нуклеарна програма меѓу Техеран и Вашингтон пред вториот круг разговори меѓу двете земји.

Гроси, кој вчера пристигна во Техеран, разговараше со министерот за надворешни работи Абас Арагчи и со шефот на Организацијата за атомска енергија на Иран, Мохамад Еслами, за начините на кои МААЕ може да ги поддржи нуклеарните преговори меѓу Техеран и Вашингтон. Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го бомбардира Иран доколку преговорите не успеат.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска за време на состанокот со катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани во Москва дека Катар е клучен партнер на Русија на Блискиот Исток.

„Нашите односи стануваат се посилни. Неодамна во Доха се одржа меѓувладина комисија и ми се чини дека беше многу корисна. Катар е еден од нашите приоритетни партнери воопшто, а особено на Блискиот Исток“, рече Путин.

Додаде дека во билатералните односи е изградена долгогодишна добра традиција.

Москва - Кремљ соопшти дека денешната средба меѓу САД, Украина и европските земји во Париз е можност американскиот пратеник Стив Виткоф да ги информира Европејците за моменталниот статус на мировните преговори во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека рускиот претседател Владимир Путин и Виткоф имале долг разговор минатата недела.

„САД продолжуваат да работат во оваа насока со Европејците и со Украинците. Меѓутоа, за жал, од Европејците гледаме дека тие се фокусирани исклучиво на продолжување на војната“, рече Песков.

Москва - Емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани денеска пристигна во Москва, каде ќе се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин и двајцата ќе разговараат за ситуацијата во Украина и на Блискиот Исток, пренесе руска новинска агенција.

Катар направи неколку обиди да посредува меѓу Киев и Москва и помогна да се вратат децата од двете страни, одвоени од нивните родители за време на војната.

Претходно оваа недела, Русија и Катар објавија дека нивните шефови на држави ќе разговараат за напорите за постигнување мировен договор за војната во Украина, потсетуваат светските агенции.

Газа - Најмалку 23 лица, меѓу кои жени и деца, се убиени денеска во израелски напади врз кампови во кои се сместени раселените семејства во северниот и јужниот дел на Појасот Газа, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Сите тела изгореле како последица на пожарот што избувнал во шаторите по бомбардирањето, соопшти Министерството за здравство, пренесува палестинска новинска агенција.

Во северниот дел на Газа, шест членови на исто семејство се убиени додека спиеле во својот шатор во градот Беит Лахија.

Остани поврзан