Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Астана, Република Казахстан, ќе учествува на Меѓународниот Астана форум 2025.
Како што соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, предвидено е таа да се обрати на пленарната сесија што ќе ја отвори претседателот на Република Казахстан, Касим-Жомарт Токајев.
Меѓународниот Астана форум 2025 се одржува од 29 до 30 мај 2025 година, на тема „Поврзување на умовите, обликување на иднината“.
Скопје - Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 50. седница на која на дневен ред се пратенички прашања.
Вообичаено, вакви пленарни седници се одржуваат секој последен четврток во месецот.
Според новиот Деловник, од 21 ноември 2024 година, еднаш месечно се одржува и седница за пратенички прашања од опозициските пратеници во времетраење од два часа.
Скопје - Во дигиталната судница на Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска започнува судењето за случајот „Адитив“ што се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и пет правни лица, помеѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор. Осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Како што претходно соопшти ОЈОГОК, според наводите во диспозитивот првообвинетиот во случајот се гони за несовесно работење во службата, додека шестемина се обвинети за кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. На четворица од нив на товар им се става и кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Скопје - Меморандум за соработка помеѓу Националната агенција на Република Македонија и Националната агенција на Република Малта вчера беше потпишан во Валета – главниот град на Малта, во рамките на 4-тата Европска конвенција за младинска работа под покровителство на Советот на Европа и Европската комисија.
Со овој документ, како што соопштуваат од македонската Национална агенција за европски образовни програми, Македонија обезбедува партнерство кон директно користење на најголемите грантови од европските фондови преку програмата КА3 – која обезбедува поддршка за проекти од стратешко значење, голем обем и долгорочно влијание, особено капитални инвестиции во сферата на образованието, науката, младите и спортот.
Берлин – Германија ќе ѝ помогне на Украина во производството на оружје со долг дострел, изјави вчера канцеларот Фридрих Мерц на средбата во Берлин со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Но, на прашањето дали би одобрил испраќање на крстосувачки ракети Таурус од германско производство, кои Зеленски многу ги бара, Мерц рече дека нема да го исклучи тоа, но додаде дека тие можеби нема да помогнат веднаш на бојното поле, пренесе ДПА.
- Се разбира, тоа е во доменот на можното, изјави Мерц за јавниот сервис ЗДФ во врска со испораките на ракетите Таурус. Но, тој забележа дека за користење на ракетите би требало неколку месеци обука за војниците во Украина и нагласи дека доколку системот биде испорачан за шест месеци или една година, тоа нема да ѝ помогне на Украина сега.
Брисел – Хрватскиот град Дубровник денеска и утре ќе биде домаќин на меѓународната конференција „Раст и отпорност во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ) во пофрагментиран свет“.
Конференцијата, чии организатори се Хрватската народна банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), ќе собере истакнати личности од меѓународните институции, централните банки, националните влади, академските кругови и приватниот сектор.
Воведен говор на собирот ќе има еврокомесарот за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување Валдис Домбровскис. На оваа прва сесија на собирот, посветена на зајакнувањето на економска отпорност на регионот во услови на актуелната глобална неизвесност, меѓу другите ќе говорат и директорката на ММФ, Кристалина Георгиева и словенечкиот министер за финансии Клемен Боштјанчич.
Вашингтон – Милијардерот Илон Маск соопшти дека ја напушта својата позиција во американската влада откако го водеше таканаречениот Оддел за владина ефикасност во контроверзен обид за намалување на федералните трошоци.
- Како што моето време како специјален владин службеник се ближи кон крајот, би сакал да му се заблагодарам на претседателот Доналд Трамп за можноста да го намалам расипничкото трошење, напиша тој на X.
Мандатот на Маск од 130 дена како специјален владин службеник требаше да измине на 30 мај. Владата на САД посочи дека напорите на DOGE за реструктуирање и намалување на владините трошоци ќе продолжат.
Њујорк – Федерален судија во САД го блокираше стапувањето во сила на реципрочните царини воведени на 2 април од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, објавени на таканаречениот „Ден на ослободувањето“.
Судот донесе одлука дека претседателот ги пречекорил своите овластувања со воведување царини за увоз од земји кои извезуваат повеќе стоки во САД отколку што увезуваат.
Сепак, судската одлука не влијае на царините од 25 проценти што Трамп ги воведе за увоз на автомобили, челик и алуминиум.
Вашингтон – Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека САД ќе почнат да ги поништуваат визите за кинеските студенти, вклучително и оние кои се поврзани со Кинеската комунистичка партија (ККП) или кои студираат во клучни области.
Рубио во изјава нагласи дека Стејт департментот, исто така, ќе ги разгледа критериумите за заострување на контролата врз сите идни кандидати за виза од Кина и од Хонг Конг.
Засега нема коментар од кинеската Амбасада во Вашингтон.
Кинеските студенти се на второ место по број на студенти (277.398) кои студираат на американските универзитети во академската 2023-2024 година.
Отава – Повеќе од 17.000 луѓе беа евакуирани денеска во провинцијата Манитоба, централна Канада, откако се соочи со многу лош почеток на сезоната на шумски пожари, соопштија локалните власти.
Во услови на глобално затоплување, Канада сè почесто е погодена од екстремни метеоролошки појави, вклучително и пожари во шумските предели во последните години. Во 2023 година, земјата ја доживеа најлошата сезона на пожари во својата историја.
Газа – Складиштето на Светската програма за храна (ВФП) вчера беше ограбено од гладни Палестинци во Деир ел Балах во централниот дел на Појасот Газа, а некои агенции јавуваат дека во стампедото загинале неколку лица.
Масата не оставила ништо зад себе, одземајќи вреќи со храна, дрвени палети и штици. На снимки од агенцијата Франс прес се слушаат и истрели. Орди гладни луѓе провалија во складиштето (…) во потрага по прехранбени артикли кои беа однапред поставени за дистрибуција, се вели во соопштението на ВФП.
Ерусалим – Израел денеска најави дека ќе изгради 22 нови еврејски населби на окупираниот Западен Брег. Тие ќе вклучуваат нови населби и легализација на истурени пунктови кои веќе се изградени без дозвола од израелската влада.
Израел го окупираше Западниот Брег за време на војната на Блискиот Исток во 1967 година. Палестинските власти сакаат Западниот Брег да стане главен дел од нивната идна држава.
Пекинг - Кина рано денеска ја почна својата прва мисија за собирање примероци од карпи од астероид близу Земјата. Целта е да се продлабочат научните сознанија за создавањето и обликувањето на астероидите и за раниот Сончев Систем.
Вселенското летало без екипаж „Тијанвен-2“ успешно полета од центарот за лансирање на сателити „Шичанг“ во југозападна Кина, соопшти кинеската Национална вселенска администрација. Сондата ќе патува околу една година, а целта е астероидот „2016 ХО-3“, наречен и „Камо'оалева“. По пристигнувањето, леталото ќе орбитира околу астероидот заради набљудување и за земање примероци од површината на вселенското тело.
Се очекува примероците да бидат вратени на Земјата во капсула до крајот на 2027 година.