
22 април 2025
Скопје - На граничните премини „Табановце“ и „Богородица“ времето на чекање за влез во државата изнесува околу еден час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
Скопје - Во рамки на денешната седница на собраниските Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции денеска ќе се одржи дебата за придобивките од Реформската агенда 2024 - 2027.
Како што информираат од собраниската прес-служба, целта е да се презентираат и дискутираат со пратениците придобивките од Реформската агенда 2024 - 2027, со фокус на можностите за забрзување на процесот на интеграција во ЕУ и зајакнување на клучните институции.
Скопје - Собранието денеска ќе ја одржи 44-та седница, на која треба да расправа за Предлог на законот за енергетика, во прво читање, како и дополнетите предлог одлуки за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на државата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти и на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на државата.
Скопје - Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска ќе се одржи свеченост на која ќе се одбележат 110 години од загинувањето на македонскиот револуционер и војвода Јане Сандански и патрон на касарната.
Како што соопштија од Касарната, на свеченоста се очекува да присуствуваат командантот на 1.пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, градоначалниците на Штип Иван Јорданов, на Виница Миле Петков, на Македонска Каменица Димчо Атанасовски и на Зрновци Борчо Коцев.
Дебар - Директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Оливера Трајковска, заедно со професорката Катерина Тодороска, вчера беа во посета на Општина Пустец. Посетата беше организирана со цел непосредно запознавање со состојбата на македонската заедница, идентификување на тековните предизвици, како и согледување на постигнатите резултати во доменот на духовниот, образовниот и општествениот развој.
Скопје - Синдикатот на културата денеска ќе одржи протестен совет пред Министерството за култура поради неисплатените плати и како што соопшти, обидите за непочитување на колективните договори.
Скопје - Со поетско читање на македонски и англиски јазик Никола Маџиров го отвори Светскиот поетски салон во рамките на Фестивалот на светската литература и уметност (World Literature and Arts Festival) кој се одржува од 14-ти до 30-ти април во салите на Њујоршката јавна библиотека.
На сцената пред околу сто и педесет присутни гости, Никола Маџиров настапи заедно со американската џез композиторка, пејачка и мултиинструменталистка Бека Стивенс, двапати номинирана за музичката награда Греми и редовна соработничка на современиот музички гениј Џејкоб Колиер — шесткратен добитник на Греми, на американскиот џез состав „Снарки Папи“ — добитници на пет Греми награди, како и на рок-легендата Дејвид Крозби — член и основач на „Крозби, Стилс, Неш &“Јанг .
Скопје - Во фокус на одбележувањето на Светскиот ден на планетата Земја - 22 април, годинава е утројувањето на глобалното производство на електрична енергија од обновливи извори до 2030 година, а Центарот за истражување и информирање за животната средина - „Еко-свест“ ќе одржи вебинар за просумери, односно за информирање за сопствено производство на електрична енергија од обновливи извори.
Скопје - На завршен настан од проектот „Тејст д вејст“ (Taste the waste) денеска во Младинскиот центар „Матично“ ќе бидат презентирани клучните активности, постигнувања и резултати од проектот, чија цел е подигнување на свеста за одржливо управување со храна и намалување на отпадот.
Гевгелија - Во уметничката галерија „Амам“во Гевгелија вечер ќе биде отворена изложбата „Визии-глава полна со луѓе“ на доајенот на македонското сликарство, Родољуб Анастасов. На изложбата ќе бидат претставени дваесетина портрети од серијата цртежи изработени во техника молив. Куратор на изложбата е Јасминка Намичева, автор на неформалната мрежа на музеи „Музеум Линк“.
Белград - Блокадата на зградите на Радио-телевизија на Србија (РТС) од синоќа влезе во осмиот ден, и како што е најавено, ќе трае се додека не се распише нов конкурс за членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), или додека РТС не „згасне“, јави МИА од Белград. Студентите во блокада и граѓаните кои ги поддржуваат и утрово се пред зградите на РТС во центарот на Белград, на улицата Таковска и на Кошутњак.
Jавниот медиумски сервис сe уште не емитува редовна програма. Утринскиот дневник повторно беше реализиран како серија снимени прилози, без спикер во студио, а содржеше и избрани снимки од други телевизиски станици.
Белград - Српскиот патријарх Порфириј допатува денеска во посета на Москва на покана на рускиот патријарх Кирил, каде Московската духовна академија ќе му врачи диплома на почесен доктор на богословски науки, соопшти Српската православна црква.
Дипломата ќе му биде дадена „за научен и просветен придонес во развојот на богословската наука и зајакнувањето на врските меѓу двата братски народи“.
Порфириј е придружуван од црковна делегација од СПЦ.
Рим – Голем број кардинали треба да се сретнат денеска во Рим за да разговараат за аранжманите за погребот на папата Франциск, кој почина вчера на 88-годишна возраст.
Кардиналите треба да одлучат за точното време на погребот на покојниот поглавар на Католичката црква, што обично се случува четири до шест дена по смртта.
Иако е вообичаено починатиот папа да биде погребан во базиликата Свети Петар, Франциск се очекува да биде погребан надвор од Ватикан во базиликата Санта Марија Маџоре, едно од неговите омилени места.
На погребот се очекува да присуствуваат шефови на држави и влади од целиот свет.
Рим - Конклавата за избор на нов папа, илјадагодишниот ватикански мистериозен обред, започнува со влегувањето на кардиналите изборници во Систинската капела, по што главниот (мештар) на сите папини литургиски прослави со повикот „extra omnes# (сите надвор) ги исфрла сите излишни и ја затворa масивната врата зад себе. Со тоа и официјално започнува изборот на новиот поглавар на Католичката црква.
Конклавата,која потекнува од латиснкиот израз „cum clave“, што значи „под клуч “, е обред што со векови го следеше „раѓањето“ на новите папи, од гласањето под фреските на Микеланџело во Систинската капела до иконичнот бел чад што му претходи на традиционалниот проглас „habemus papam“ (имаме папа) од балконот на базиликата свети Петар.
Вашингтон – Поддршката за претседателот Доналд Трамп падна на најниско ниво од неговото враќање во Белата куќа, бидејќи Американците покажаа знаци на претпазливост поради неговите напори да ја прошири својата моќ, покажа анкетата на Ројтерс/Ипсос која заврши вчера.
Околу 42 отсто од испитаниците во шестдневната анкета го одобруваат работењето на Трамп како претседател, што е пад во однос на 43 проценти во анкетата на Ројтерс/Ипсос спроведена три недели претходно и во однос на 47 отсто во часовите по неговата инаугурација на 20 јануари.
Бостон - Универзитетот Харвард ја тужеше администрацијата на претседателот Доналд Трамп во обид да ја спречи владата да замрзне повеќе од две милијарди американски долари за буџетските фондови за оваа престижна образовна институција во САД.
Во тужбата поднесена до федералниот суд во Бостон се наведува дека Трамп започнал широк напад врз финансирање на највисоките истражувања на поголемите универзитети, додека се обидува да ги реши од тоа што го нарекува антисемитизам и идеолошка пристрасност.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека има намера да отиде на погребот на папата Франциск, кој почина вчера на 88 -годишна возраст.
„Меланија и јас ќе одиме на погребот на папата Франциск во Рим“, напиша Трамп за социјалната мрежа Social Truth.
Американскиот претседател претходно вчера нареди да се спуштат знамињата на половина копје на сите јавни згради во САД во чест на папата Франциск, кого го нарече „добар човек кој вредно работеше“.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп застана зад министерот за одбрана Пет Хегсет, и покрај известувањето дека министерот во групата за пораки Сигнал, во која биле и неговата сопруга, братот и личниот адвокат, сподели детали за нападот во март врз проиранските јеменски Хути.
Сиднеј – Големите политички партии во Австралија денеска ја прекинаа кампањата по смртта на папата Франциск, при што лидерите му оддадоа почит на покојниот папа на отворањето на предвременото гласање на федералните избори закажани за 3 мај.
Премиерот Ентони Албанезе присуствуваше на утринската миса во катедралата Свети Патрик во Мелбурн, додека лидерот на опозицијата Питер Датон рече дека ќе го помине денот „размислувајќи“ и додаде дека денешниот ден не е ден за „големо политиканство“, јави телевизијата Еј-Би-Си.
Киев - Украина останува на својот предлог да не се напаѓа барем цивилната инфраструктура и очекува јасен одговор од Москва, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој истакна дека Русија го отфрли не само американскиот предлог за целосен и безусловен прекин на огнот, туку и вчерашниот предлог - „предлог да продолжат активностите за целта да се постигне мир по Велигден“.
Газа – Најмалку седум лица загинаа утрово во израелско бомбардирање на Појасот Газа, соопшти палестинската Цивилна одбрана.
Во два напади во западниот дел на градот Газа во текот на ноќта загинаа шест лица, изјави портпаролот на Цивилната одбрана Махмуд Басал.
Тој додаде дека во бомбашки напад на куќа во Кан Јунис, на југот на палестинската територија, загинало едно лице.
Каиро – Египет и Катар, посредници во преговорите за договор за прекин на огнот и ослободување на заложници меѓу Израел и Хамас, изнесоа нов предлог кој вклучува повеќегодишно примирје, целосно повлекување на Израел од Газа и размена на заложници за затвореници, пренесоа денеска британските медиуми повикувајќи се на неименуван извор од палестинското раководство.
Како што јави Би-Би-Си, предлогот опфаќа примирје од пет до седум години, формален крај на војната, целосно повлекување на израелската армија (ИДФ) од Газа и ослободување на „сите израелски заложници во замена за палестински затвореници во израелските затвори“, пренесува Тајмс оф Израел.
Мадрид - Скокачот со стап Арман Дуплантис и гимнастичарката Симон Билс се прогласени за спортисти на годината - „Лауреус“ за 2024 година.
Доделувањето на наградите се одржа вчеравечер во Мадрид.
Кај мажите, Формула 1 возачот Макс Верстапен, тенисерот Карлос Алкараз, пливачот Леон Маршанд и велосипедистот Тадеј Погачар беа исто така во конкуренција за наградата.