• четврток, 25 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

22 мај 2024

Скопје – Во седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 денеска ќе се прегласува за Парламентарните избори 2024. Прегласување во петата изборна единица ќе се спроведе на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени и 1844 во Струга, додека во шестата изборна единица на избирачкото место 2101 во Желино.

Право на глас во овие избирачки места имаат вкупно 4521 гласач. Во избирачкото место 2101 во Желино право на глас имаат 993 гласачи, во избирачкото место 1194 во Крушево право на глас имаат 470 избирачи, во 1202 исто така во Крушево 298, во 1272 во Охрид 712, во Долнени во избирачкото место 1470 – 659, додека во 1470/1 – 634 и во избирачкото место 1844 во Струга 755 избирачи.

Вчера гласаа болни и немоќни лица, лицата кои се на издржување казна затвор, како и лицата сместени во домовите за вонсемејна грижа, а кои припаѓаат на избирачките места каде што се поништи гласањето за парламентарните избори спроведено на 8 мај 2024. Од ДИК информираа дека прегласувањето се одвивало непречено, без пријавени нерегуларности.

Тетово - Во избирачкото место број 2101 во селото Ларце, во Општина Желино, денеска има прегласување за парламентарните избори во рамки на Изборната единица 6 откако Државната изборна комисија (ДИК) го поништи гласањето одржано на 8 мај. Од Општинската изборна комисија Желино информираат дека навремено е почнато гласањето во седум часот.

- Прегласување има само на едно избирачко место со број 2101 во село Ларце, Општина Желино. Гласањето почна точно во седум часот и се одвива без проблеми. Нормално работи апаратот за идентификација и гласањето се одвива, изјави Бујар Сулејмани, претседател на ОИК Желино.

Право на глас на ова избирачко место имаат 993 граѓани.

Струга - Навреме почна гласањето во избирачкото место 1844 во Струга, каде се врши прегласување во рамките на вториот круг од Парламентарните избори 2024 година.

Заменик претседателката на Општинкста изборна комисија Деспина Влаќеска за МИА информира дека гласачкото место било отворено во 7 часот и оти гласањето тече непречено.

- Избирачкото место е отворено во 7 часот и процесот се одвива непречено и во најдобар ред, ијзави Влаќеска.

Во ова избирачко место 1844 во единствениот избирачки список регистрирани се 755 гласачи, од кои двајца своето гласачко право го оствариле вчера во затворот во Скопје.

Прилеп - Во 7 часот се отворени четирите избирачки места, по две во општина Долнени и две во општина Крушево каде се прегласува за парламентарните избори во петтата изборна единица. Гласањето почна непречено и без проблеми, потврдуваат од општинските изборни комисии.

Во Крушево се прегласува на по едно избирачко место во населените места Јакреново и Бучин: во Јакреново е избирачкото место 1202, а во Бучин 1194. На двете избирачки места вкупно се запишани 767 жители со право на глас.

Вчера своето право на глас имаа можност да го искористат 26 болни и изнемоштени лица.

Охрид – Гласањето на Избирачкото место 1272 во Општина Охрид каде се повторуваат Парламентарните избори одржани на 8 мај се одвива непречено. Како што информираа од ОИК, гласачкото место е отворено навреме, а изборниот процес тече согласно процедурите.

Изборното место 1272 се наоѓа во ОУ „Христо Узунов“, на улицата „Питу Гули“, во охридската наелба Горна Влашка маала. Според Единствениот избирачки список, на тоа избирачко место има вкупно 711 избирачи, од кои на Парламентарните избори што се одржаа на 8 мај на гласање излегле 433 лица, односно 60,9 отсто од избирачкото тело.

Вашингтон - Очекуваме дека Северна Македонија ќе продолжи по европскиот пат, кажа заменик-помошникот секретар на САД во заминување и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, во онлајн интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет.

Ескобар, за време на разговорот за улогата на САД во услови на предизвици на Западен Балкан, беше прашан дали по победата на ВМРО-ДПМНЕ и зголемената загриженост за Договорот од Преспа, се` уште верува оти патот кон Европа ќе продолжи, како што изјави на денот на изборите, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

- Да. Мислам дека Европа и САД многу јасно ја кажаа нашата позиција на претседателот по инаугурацијата дека целосно очекуваме оти Северна Македонија ќе продолжи по својот европски пат, ќе се посвети, ќе продолжи да биде посветена членка на НАТО, и верувајте ми, тие се посветена членка на НАТО. И добивме уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија (ВМРО-ДПМНЕ) која победи на изборите, дека ќе останат посветени на европскиот пат, одговори Ескобар.

Скопје - На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, вчера од попладне до доцна во ноќта, се пријавени повеќе случаи на поплавувања и штети од пороен дожд, гради ветер, на објекти, куќи, земјоделски површини, на патишта и автомобили, како и заглавени луѓе во возила заради порои од земја и одрони.

Пријави 112 имало од општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково, како од Скопскиот и од други региони. ЗОД ЦУК предупредуваат дека поради обилните вчерашни врнежи во Косово се очекува зголемување на водостојот на Лепенец и во земјава.

Во регионалниот ЦУК Скопје, се добиени пријави за падната голема гранка од дрво во дворот на „Капан Ан“ во Старата скопска чаршија, за  оштетен кров од куќа и автомобил од невремето во с.Горно Блаце, за поплавени простории од куќи и објекти на ул. „Славка Димкова“, во населбата „Драчево“.

Скопје - Вработените на АД Пошта денеска во сите подружници во земјава ќе одржат протест барајќи исплата на платата за април и итно отпочнување на реформи за реорганизација и оптимизација во работењето.

- Поради сериозноста на состојбите во која е доведено опстојувањето на АД Пошта на РСМ, зачувувањето на работните места на вработените и егзистенцијаta на нивните семејства, синдикалните организации и вработените на ден 22.05.2024 год (среда) со почеток на работното време од 08.00 чaсот ќе одржат протест во сите подружници во Македонија, велат од синдикатот на АД Пошта.

Скопје - Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврна во Велес 20 литри на метар квадратен, 12 во Скопје, а 10 литри во Куманово, соопшти УХМР.

Во текот на ноќта времето беше ведро, утрово е сончево со мала до умерена локална облачност и претежно тивко.

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од западен правец. Попладне, особено во северните и источните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме.

Максималната температура ќе биде во интервал од 24 до 29 степени.

Осло – Норвешка ќе го признае постоењето на палестинска држава од 28 мај, соопшти денеска норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе и покрај предупредувањата од израелската влада.

- Ние веруваме дека решението со две држави е во најдобар интерес на Израел, рече норвешкиот премиер на специјално свикана прес-конференција. Тој додаде дека целта е „да се оствари палестинска држава која е политички кохезивна и која произлегува од палестинската самоуправа“.

Се очекува и други европски земји денеска да преземат слична иницијатива. Шпанскиот премиер Педро Санчез се очекува да го објави датумот кога Мадрид ќе ја признае палестинската држава, а ирската влада утринава свика прес-конференција за да ја објави својата одлука.

Осло - Норвешка е првата европска земја која соопшти дека ќе го уапси израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог по него.

Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ејде изјави дека Норвешка ќе мора да го уапси Нетанјаху доколку биде издадена потерница, пренесе Ал Џезира.

Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд побара од судот да издаде налози за апсење на израелскиот премиер Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант, како и за тројца функционери на Хамас, меѓу кои и Јахја Синвар.

Вашингтон - САД треба да воведат санкции за претставниците на Меѓународниот кривичен суд (МКС) кои бараат апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изјави Роберт О'Брајан, еден од главните советници за надворешна политика на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

О'Брајан се состана со Нетанјаху и други израелски официјални лица во Ерусалим за време на повеќедневната посета на Израел.

Тој ја критикуваше одлуката на МКС за издавање налози за апсење на Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант.

Техеран – Десетици илјади Иранци се собраа утрово во центарот на Техеран за да му оддадат почит на иранскиот претседател Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа.

Луѓето се собраа околу зградата на Универзитетот во Техеран, каде што врховниот лидер на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, ќе ја води молитвата на погребната церемонија.

Раиси и уште седум лица загинаа во неделата. Меѓу жртвите беше и шефот на иранската дипломатија Хосеин Амир Абдолахиан.

Ајова - Неколку луѓе загинаа во торнадо во градот Гринфилд во американската сојузна држава Ајова, додека десетина се повредени.

Од невремето има уништени домови, расфрлани остатоци и неколку големи соборени турбини на ветер.

„Торнадото уништи добар дел од овој град. Можеме да потврдиме дека има повеќе жртви за време на торнадото“, изјави портпаролот на полицијата на државата Ајова, наредникот Алекс Динкла, без да прецизира колку луѓе настрадале.

Берлин – Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска ќе се сретне со францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне и полскиот Радослав Сикорски во централниот германски град Вајмар на консултации за безбедносната и одбранбената политика, јави ДПА.

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи во Берлин изјави дека во фокусот на разговорите ќе биде руската војна во Украина, како и иднината на Европската унија и ситуацијата на Блискиот Исток.

Брисел - Европската унија споделува дел од загриженоста на Соединетите Американски Држави кон Кина кога станува збор за економските односи, но има поинаков, поприлагоден пристап, истакна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа го изјави ова за време на дебата во Брисел, пред европските избори во јуни годинава, коментирајќи ги новите високи царини за кинеските стоки.

„Во врска со ова, започнавме истрага според правилата на Светската трговска организација“, рече таа.

Киев – Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека го поддржува повикот на министерот за одбрана Борис Писториус за значително зголемување на помошта за Украина оваа година.

- Целосно се согласувам со министерот за одбрана. И не само со него, туку и со министерот за внатрешни работи. Потребен ни е буџет за безбедност, изјави синоќа Бербок за весникот „Билд“ и другите медиуми на Аксел Спрингер, пренесува ДПА:

„Билд“ во неделното издание објави дека Писториус планира дополнително барање од 3,8 милијарди евра (4,13 милијарди долари) за воена поддршка за Украина за тековната година.

Остани поврзан