• четврток, 26 декември 2024
МИА Радио флеш

 31 октомври 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница одговарајќи на прашање на пратеникот од ДУИ Блерим Беџети во однос на одлуките на Уставниот суд и ветингот истакна дека за ДУИ ветингот е ставот, но позади завесата е тефтерчето од Мала Речица од каде доаѓаат одлуките. Мицкоски при тоа потенцира дека започнуваат реформите во судството и обвинителството и дека тие конечно ќе бидат ослободени.

-За Уставниот суд, мислев дека се шегувате, мислев дека е провоаприлска шега, но шегата да ја оставиме за друг пат. Во услови кога не постои човек кој верува дека немаме партизација во судството, дека Уставниот суд е класичен пример како изгледаше Кацарска судството, вие велите дека ВМРО-ДПМНЕ прави притисок. Сите тие судии се избрани со мнозинството на тие кои сега се опозиција, ДУИ и СДСМ. Тогаш може да кажете дека ВМРО-ДПМНЕ има голема улога врз носењето на одлуките во Мала Речица па поставувате вакви прашања да ние добиеме политички поени, кажа Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеникот Беџети кој обвини за влијание врз судот.

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговорајќи на пратеничко прашање во Собранието во врска со назначувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), потенцираше дека националната безбедност не заслужува да биде тема во јавноста. Тој и посочи на опозицијата да не прави политика од овој случај, појаснувајќи дека постојат институции кои што треба да водат сметка за таа работа.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска, во рамки на 18. собраниска седница постави пратеничко прашање до премиерот Мицкоски, покажувајќи документи од „свиркачи“ за, како што напомена, незаконско назначување на Бојан Христовски за директор на АНБ. 

Филипче обвини дека Бојан Христовски не го исполнува условот за пет годишно раководно искуство, а нема ниту документ за положен англиски јазик, потенцирајќи дека тој приложувал фалсификувани документи.

Мицкоски на ова одговори дека Христовски има девет години раководно искуство.

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска ги примила акредитивните писма на Андреас Фотиу, новоименуваниот амбасадор на Република Кипар, со седиште во Белград.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, како што соопштија од Кабинетот на Сиљановска Давкова, таа посочила дека по воспоставувањето на дипломатските односи во 2019 година, билатералните односи и соработката меѓу двете земји добија нова цел и динамика, при што оценила дека тие се засноваат на заемно разбирање, меѓусебна почит и желба за градење цврсти врски меѓу земјите и граѓаните. Претседателката потенцирала дека целосно го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Република Кипар, како и релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН и истакнала дека исклучително ја цениме принципиелната и конзистентна поддршка од Република Кипар за наше целосно интегрирање во Европската Унија.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна средба со амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте, на која биел потврдени традиционално добрите пријателски односи и соработка што се одвива на билатерално и мултилатерално ниво.

Соработката меѓу двете полиции, соопштија од МВР, вклучува брза размена на оперативни информации, сознанија во сите области на криминалитетот директно и преку меѓународните канали на ИНТЕРПОЛ, ЕВРОПОЛ и СЕЛЕК.

Скопје - Најновите податоци на Народната банка покажуваат во септември годишен пад на просечната каматна стапка на вкупните кредити од 0,08 процентни поени, а кај депозитите годишен раст од 0,42 процентни поени. 

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во септември изнесува 5,41 процент, а на депозитите 2,01 проценти.

Кај корпоративниот сектор, просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи месечен пад од 0,05 процентни поени, а кај вкупните депозити мечсене раст од 0,14 процентни поени.

Каматната стапка на вкупните кредити за домаќинствата е непроменета на месечна основа, а кај вкупните депозити има месечно зголемување од 0,04 процентни поени.

Скопје - Индустриското производство во периодот јануари – септември 2024 година, во однос на истиот период лани е помало за 4,2 отсто. Во септември годинава, пак, споредено со септември 2023 има намалување од 7,9 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во септември 2024 година, во однос на септември 2023 година, бележи опаѓање од 7.5 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6.6 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 10.0 %.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место и Производство на мебел.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува сите пратеници да го изгласаат Буџетот за 2025 година. Тој денеска, на седницата за пратенички прашања, најави дека следната недела почнуваат преговорите на Економско-социјалниот совет за платите на здравствените работници со цел постигнување колективен договор.

Одговорајќи на прашања од пратеникот Драган Ковачки, Мицкоски се осврна и на поддршката за општините кои, како што оцени, долго време биле запоставени и заборавени.

Зборуваше и за стратегијата до 2050 година чие изготвување го најави на 23 октомври. Од собраниската говорница повторно повика на консензус од сите политички чинители, повторувајќи дека со овој документ ќе се дефинираат приоритетите за развој на државата: демографските предизвици, економските цели, земјоделскиот, технолошкиот развој, енергетскиот и транспортниот развој. 

Скопје - Со лабораториски наод од Националниот институт за храна и ветеринарство при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМ) од 28.10.2024 година, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), потврдила нов случај на болеста високо патогена авијарна инфлуенца H5N1 (птичји грип) кај една угината дива птица – гуска во резиденцијалниот комплекс Свети Јован во скопско Злокуќани.

Како што соопштија денеска од АХВ, направено е лабораториско тестирање на две живи птици (лебеди) кај кои не е утврдено присуство на вирусот. Денеска се преземаат мерки за заловување на другите птици во комплексот, кај кои ќе се врши лабораториско тестирање за утврдување на присуство на болеста.

- АХВ донесе решение за прогласување на болеста и нареди спроведување на заштитни и контролни мерки, со цел спречување на ширење и сузбивање на оваа зооноза - убивање и нештетно отстранување на затекнати диви птици на локацијата, освен птиците кои се чуваат во затворен простор и од кои се земаат мостри за лабораториско тестирање за утврдување на присуство на птичји грип, наредено е спроведување на дезинфекција на одгледувалиштето, забрането е движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето без одобрение на официјален ветеринар, се наведува во соопштението.

Скопје - Со четири гласа „за“, 10 „против“ и осум воздржани, Советот на Град Скопје денеска не ја изгласа иницијативата за мораториум за внесување нови животни во Зоолошка, поднесена од „Зелен хуман град“.

Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ рече дека со ова нема да се оптовари буџетот на Градот и пвика да се спречи понатамошно внесување нови животни во Зоолошката. 

- Ако зборуваме дека одиме во 21. век, се стремиме кон еволуција, прво на лично ниво, а потоа и колективно секако, можеме да кажеме дека доволно се грижиме за тоа што нѐ опкружува и дека не би дозволиле, кога веќе ја имаме моќта во наши раце, да дозволуваме да страдаат живи суштества, кои и тоа како чувствуваат болка, страдање, тага, страв, како што чувствува секој од вас, секој од нас, овде, порача Велковска.

Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков истакна дека животните во Зоолошката градина не биле виновни за тоа што им се случува заради „неспособноста на кадрите на градоначалничката Арсовска“.

Скопје - Министерката за енергетка Сања Божиновска тврди дека поседува само македонско и чешко државјанство и дека во моментот нема важечка бугарска патна исправа и документ за идентификација. Во соопштението испратено од Министерството за енергетика се наведува дека Божиновска на 14 септември минатата година побарала отпуст од бугарското државјанство. 

- За жал, одредени актери од Бугарија, на кои не им е во интерес градењето на добрососедски односи помеѓу Македонија и Бугарија со цел надминување на пречките за нашето членство во Европската Унија, наместо култура на дијалог, ја злоупотребуваат ситуацијата. Државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини, се наведува во соопштението испратено до МИА.

Бугарски БГНЕС објави дека во октомври 2004 година Божиновска своерачно потпишала дека има бугарско потекло при апликацијата за бугарско државјанство. Бугарската агенција објави и документ за кој тврди дека е декларација потпишана од Божиновска.

Скопје – Изготвувањето на новиот Кривичен законик е завршено и истиот е преведен на англиски јазик и доставен на мислење до Европската Комисија, информираат од Министерството за правда.  

Од МП, за МИА посочуваат дека подготвени се и коресподентните табели како обврска од Билатералниот скрининг за Поглавје 23.

Откако ќе се добие мислење од ЕК, ако нема забелешки Кривичниот законик оди во владина процедура по што се проследува до Собранието. 

Во Парламентот, Кривичниот законик се носи со обично мнозинство. 

Скопје - Управата за заштита на културното наследство во рамките на своите активности го промовира културното наследство на еден од најпрестижните саеми за археологија и туризам, на 26. издание на Медитеранската Берза за туризам и археологија во Пестум, Италија.

На оваа берза, од денеска до 3 ноември, ќе бидат презентирани голем број едиции од најпознатите археолошки локалитети во земјава - Стоби, Хераклеа, Стибера, Цареви Кули, Бонче,  Билазора, Виничко Кале, како и манастирите Зрзе, Трескавец, црквата во Курбиново, Шарената џамија и др.

На саемот се претставуваат повеќе од 40 земји од светот, со кои Управата во наредните денови ќе оствари контакти за понатамошна соработка во делот на заштитата и промоцијата на богатото културно наследство.

Скопје - Во земјите од Западен Балкан нема Централен регистар на жртвите од родово базирано и семејно насилство, иако тоа се предвидува со Истанбулската Конвенција (Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство). Потребно е што поскоро да се донесе еден ваков регистар за да можат земјите да поседуваат статистички податоци за жртвите од насилство. Ова е заклучокот произлезен од денешната регионална конференција што се одржа во Скопје во рамки на проектот „Обединети против семејното насилство во Западен Балкан – Регионална соработка и поддршка за прифатилишта за жртви на семејно насилство“, финансиран од Владата на Германија и имплементиран од германската хуманитарна организација Arbeiter-Samariter-Bund (АСБ) и локалните власти и невладини организации од 11 општини во Западен Балкан.

На конференцијата беше истакнато и дека една од три жени во Европа претрпела некаков вид на родово базирано насилство. Беше посочено дека важно е да се зборува и да се подигне свеста за овој проблем.

Охрид – Со изведување докази на одбраната денеска продолжи процесот што пред Основниот суд во Охрид се води за случајот со нападот врз Христијан Пендиков, секретар на поранешниот бугарски културен клуб во Охрид.

Прв на судската говорница беше повикан да сведочи Гоце Спасески, татко на првообвинетиот во предметот, кој одговарајќи на прашања на застапникот на одбраната Димитрија Цобоски, меѓу другото пред Судот презентираше доказ дека е непосреден учесник во спасувањето на преживеаните во бродската несреќа на Охридското Езеро од 5 септември 2009 година, кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија. Заради неговиот личен продонес во спасувањето тој од бугарската држава е одликуван со орден за заслуги.

Одбраната предложи како доказ во предметот да биде вметната и видео-снимка од интервју што оштетениот Пендиков ја дал за бугарска национална телевизија, на што Обвинителството се спротивстави од неколку причини, пред се поради тоа што  не е утврдено дали се работи за целосна снимка или само извадоци од изјавата на оштетениот.

Белград - Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, денеска изјави дека Србија добила зелено светло за работа на железничката делница Белград-Ниш и рече дека сега „може да се издаваат градежни дозволи за почеток на проектот“, чија изградба се очекува да започне во втората половина во 2025 година, јави дописникот на МИА од Белград.

Во гостувањето на РТС, тој рече дека Србија е високо усогласена со Европската унија (ЕУ) во областа на транспортот и потсети дека ЕУ дала „милиони евра грант помош“ од 2000 година до денес, вклучително и грант за брзата железница од Белград до Ниш, што ја прави ЕУ најважен партнер на Србија.

-Никој освен Европската Унија не и дава грантови на нашата земја, а ние во Владата на Србија особено го цениме тој чин, рече министерот Весиќ.

Атина – Како што се обврзавме, перспективата е минималната плата да достигне 950 евра во 2027 година, но денеска разговараме за новиот, постојан систем на нејзино утврдување по 2027 година и за иницијативата со закон да биде забрането намалување, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи дека станува збор за „клучна иницијатива“, а висината на зголемувањето на минималната плата ќе се одредува според два критериуми, како што рече, од стапката на раст и подобрувањето на продуктивноста на економијата и од инфлацијата.

-Уште еднаш да потсетам дека минималната плата беше 650 евра во 2019 година, веќе е 830 евра и ќе ја исполниме нашата заложба до 2027 година да достигне 950 евра. Тоа е зголемување за речиси 50 отсто. Додека просечната заработка, од 1.036 евра, нашата цел е – и верувам дека ќе ја постигнеме, можеби и ќе ја надминеме – е да достигнеме 1.500 евра во 2027 година, односно подобрена за 45 отсто, истакна Мицотакис.

Атина – Поранешниот пратеник на Златна зора, Илиас Касидиарис осуден на 13-годишна затворска казна доби уште еден, втор по ред негативен одговор од судот на неговото барање за условно ослободување од затвор, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што објавија грчките медиуми, Касидиарис второто барање го поднел тврдејќи дека ја отслужил целата казна за учество во криминалната организација Златна зора, а според неговата адвокатка ќе следи и жалба и до Европскиот суд во Стразбур за повреда на презумпцијата на невиност.

Одлуката на Судот во градот Ламија е со образложение дека поранешниот пратеник на Златна зора е обвинет и во случајот „Спартанци“, чие судење е одложено за 22 ноември и затоа треба да остане во затвор.

Касидиарис во конкретниот случај што е поврзан со пратеничката група Спартанци, кривично се гони заедно со сите 11 пратеници за измама на гласачите на ланските парламентарни избори.

Брисел - Продолжувањето на пристапниот процес за Северна Македонија зависи од уставните измени за кои земјата се обврза дека ќе ги спроведе, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро. 

- Ги повикуваме сите политички сили заедно да го направат овој значаен чекор напред, додаде Писонеро.  

Таа потсети дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен минатата недела беше во посета на земјите од Западниот Балкан, вклучително и Скопје, при што јасно ја нагласила целта земјата да ги започне преговорите по Кластерот „Основни вредности“ што е можно поскоро. Во врска со можното „повторно спојување“ на Северна Македонија и Албанија на европскиот пат, Писонеро потенцира дека проширувањето е индивидуален процес заснован на заслуги и зависи од објективниот напредок на секоја од земјите партнери на ЕУ. 

Брисел - Годишната стапка на инфлација во еврозоната според прелиминарната проценка се зголеми од септемвриските 1,7 отсто на два отсто во октомври, соопшти денеска Евростат.

Во октомври цените на енергенсите се намалија за 4,6 отсто на годишно ниво, со побавно темпо од септември кога се намалија за 6,1 отсто. Спротивно на тоа, цените на услугите во еврозоната се зголемија за 3,9 отсто на годишно ниво, со исто темпо како и минатиот месец, а индустриските производи освен енергијата поскапеа за 0,5 отсто на годишно ниво, споредено со растот од 0,4 отсто во септември.

Цените на храната, алкохолот и тутунот во еврозоната во октомври се зголемија за 2,9 отсто на годишно ниво, што значи забрзаа во однос на септемврискиот годишен раст од 2,4 отсто. Годишната стапка на базичната инфлација во еврозоната во октомври изнесуваше 2,7 отсто, што е исто како и во септември. На месечно ниво, инфлацијата во еврозоната е зголемена за 0,3 отсто во однос на септември.

Брисел - Нето емисиите на стакленички гасови ва ЕУ лани биле намалени за 8,3 отсто во споредба со 2022 година, што претставува најголем пад на годишно ниво во последните неколку децении, со исклучок на пандемиската 2020 година кога емисиите беа намалени за 9,8 проценти, се наведува во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Унијата во климатските активности за 2024 година објавен денеска.

Во документот се посочува дека нето емисиите на стакленички гасови сега се за 37 отсто пониски од нивото во 1990 година, додека во истиот период БДП порасна за 68 проценти, што ја докажува неповрзаноста на намалување на емисиите и со економскиот раст.  

- ЕУ е на добар пат да ја постигне својата заложба за намалување на емисиите за најмалку 55 отсто до 2030 година, се додава во Извештајот. 

Берлин - Производителот на тутун „Филип Морис“ најави затворање на своите фабрики во Германија поради, како што наведуваат, падот на побарувачката за тутун во Европа.

Производството во фабриката за преработка на тутун во Берлин ќе престане во првата половина на 2025 година, додека во Дрезден, каде тутунот за виткање се произведува од 2019 година, производството ќе биде завршено до средината на 2025 година, соопшти компанијата, пренесе Билд.

 „Причина за ваквата одлука е намалената побарувачка за цигари во Европа во последните години. Се очекува овој тренд да продолжи“, се наведува во соопштението.

 Од компанијата истакнуваат дека ќе бидат отпуштени вкупно 372 работници, од кои околу 270 работат во Дрезденската компанија.

„Филип Морис“ вети дека ќе понуди „фер решенија“ за сите работници кои се соочуваат со технолошки вишок.

Киев - Севернокорејски војници веќе се наоѓаат на привремено окупираните територии на Украина, особено во Доњецк, изјави за украинската телевизија раководителот на Центарот за борба против дезинформации Андриј Коваленко, пренесува Укринформ.

Според него, овие војници сè уште не учествувале во борбите бидејќи се дел од инженерските единици, но наскоро ќе бидат употребени.

- Овие севернокорејски војници ќе бидат облечени во руски униформи, со руски документи и ќе бидат сместени меѓу Калмици и Бурјати, потенцира Коваленко.

Киев - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави денеска дека најмалку 300.000 Украинци во Германија не работат и не се обидуваат да се вработат и дека ќе бидат принудени да се вратат во земјата кога ќе биде прекината социјалната поддршка на Германија.

„Не сите Украинци се многу среќни што се во странство. Ова не е дел од планот за враќање на Украинците, но тоа се фактите. Некои земји и нивните лидери сакаат тие Украинци кои работат таму да останат. Во исто време, тие бараат начини да ги принудат оние Украинци кои не работат да се вратат во Украина“, рече Зеленски на средбата со началниците на територијалните заедници и областа Закарпатија, пренесува Укринформ.

Мадрид - Метеоролошката епизода што ги предизвика страшните поплави во кои загинаа речиси 100 луѓе во провинцијата Валенсија, во југоисточна Шпанија, „се уште не е завршена“, изјави денеска шпанскиот крал Фелипе Шести.

Зборувајќи на церемонијата во Мадрид, шпанскиот монарх истакна дека „во некои случаи сè уште има проекции на ризик“.

Кралот уште еднаш го изрази своето „згрозување од катастрофата“ што го снајде регионот на Валенсија во вторникот вечерта и вчера вечерта.

Шпанскиот премиер Педро Санчез ги повика жителите на регионот Валенсија, кој е опустошен од смртоносните поплави, да „останат во своите домови“ бидејќи се уште има ризик.

Вашингтон - Кампањата за претседателските избори во САД денеска се префрла во југозападниот дел на земјата, каде потпретседателката Камала Харис и поранешниот претседател Доналд Трамп даваат завршни аргументи пред гласачите во критичните „превртливи“ држави Аризона и Невада.

Кандидатите се очекува да апелираат до јужноамериканките гласачи во овие држави, и да дискутираат за безбедноста на границите, една од најважните теми во кампањата.

Во Аризона, Трамп оди во Глендејл, предградие на Феникс, каде се обраќа на настан заедно со Такер Карлсон, конзервативен коментатор со лепеза од контраверзии зад себе.

Харис пак ќе говори на митинг во Феникс, на кој ќе настапат „Лос Тигрес дел Норте“, позната мексиканска нортено група со седиште во Калифорнија.

Њујорк – Агенциите на ОН специјализирани за пружање помош во храна - Светска програма за храна, денеска издаде предупредување за опасни нивоа на глад кои се закануваат на 16 критични региони низ светот во наредните месеци.

Конфликтот предизвикува најголем дел од акутната несигурност за обезбедување храна во сите оние области анализирани од Организацијата за храна и земјоделство и Светската програма за храна

Како што пренесува „Гардијан“, меѓу најзагрозените региони се палестинските територии, Судан, Јужен Судан, Мали и Хаити, каде што агенциите на ОН предвидуваат драматично зголемување на бројот на луѓе соочени со глад.

Главните причини за гладување се вооружените конфликти, а по нив следуваат екстремните временски услови. Хуманитарна помош е итно потребна за да се спречат глад и смрт на палестинските територии, како и во Судан, Јужен Судан, Хаити и Мали, наведено е во извештајот што го подготвија експерти од две агенции на ОН со седиште во Рим.

Џакарта - Седум лица го загубија животот, а 11 се повредени при уривање на мост во источниот дел на провинцијата Малуку во Индонезија, јави ДПА.

Енди Мунасвиер, кандидат за гувернер на областа Централна Малуку, го минуваше мостот со своите колеги од кампањата кога мостот се урна и луѓето паднаа во водата. Мунасвир има полесни повреди.

Мостот се урна само неколку недели по експлозијата на моторен чамец во провинцијата Северен Малуку, при што загинаа шест лица, меѓу кои и кандидатот за гувернер на провинцијата Бени Лаос. Глисерот кој ги превезувал Лаос и неговиот тим на настан за кампањата експлодирал додека полнел гориво. 

Мапуто – Граѓаните на Мозамбик денеска повторно ќе протестираат со цел да искажат незадоволство од резултатите од претседателските избори и поради десетте жртви убиени во немирите и судирите со полицијата.

Најмалку десет луѓе починаа од прострелни рани, а 63 се повредени во задушувањето на протестите што траеја од 18 до 26 октомври.

Во заедничкото соопштение на Здружението на лекари на Мозамбик и Мозамбичкиот ред на лекари се наведува дека во поголемиот број случаи полицијата пукала за да убие.

На 24 октомври Данијел Чапо од владејачкиот Фронт за ослободување на Мозамбик е прогласен за победник на претседателските избори. Неговата партија е на власт од прогласувањето на независност Мозамбик од Португалија во 1975 година. Чапо доаѓа на местото на Филипе Њуси, кој беше претседател два мандата.

Остани поврзан