• среда, 05 февруари 2025
МИА Радио флеш

  13 декември 2024

 

 

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла има до 30 метри на патниот правец с.Гајре – П.Шапка и планинските превои Ѓавато и Плетвар 50 метри, соопшти АМСМ.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски и директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) Гоце Димовски, денеска ќе присуствуваат на поставување на камен темелник на изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на Белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ во ТИРЗ Кичево.

Договорот на инвестицијата е во вкупна вредност од 40 милиони евра и отворање на 600 нови работни места. 

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи комисиите за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, за економски прашања,труд и енергетски прашања и Законодавно-правната комисија.  

Тетово - Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, денеска ќе го посети Тетово, како дел од серијата општински посети преку кои граѓаните и институциите имаат можност да се запознаат со придобивките од процесот на пристапување во Европската Унија.

Преку ваквите посети, се наведува во соопштението од Делегацијата на ЕУ во РСМ, се истакнува важноста на интеграцијата и нејзиниот придонес во развојот на локалните заедници.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска ќе престојува во работна посета на Кишинев, каде што ќе се сретне со заменик претседателката на Владата на Молдавија, задолжена за европска интеграција, Кристина Герасимов.

Предвидено е по состанокот, главните преговарачи за членство во ЕУ на Северна Македонија и Молдавија, Муртезани и Герсимов, да потпишат Меморандум за соработка (MoC) за процесот на европска интеграција меѓу владите на двете земји, соопшти Министерството за европски прашања.

Скопје - Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во емисијата Само интервју на Канал 5 синоќа најави уште најмалку шест нови авио линии од скопскиот и охридскиот аеродром.

Скопје - Стопанската комора на Северна Македонија и Транспаренси Интернешнл – Македонија денеска ја организираат конференцијата „Партнерството помеѓу бизнис секторот, институциите и граѓанските организации во борбата против корупцијата”.

Како што информираат од Стопанската комора, на настанот ќе се дискутира за партнерството помеѓу бизнис секторот, институциите и граѓанските организации во борбата против корупцијата, а ќе  се отворат теми и прашања кои се од исклучително значење за ефективна борба против корупцијата. Вклучувањето на сите релевантни чинители ќе помогне во креирање добри антикорупциски политики и давање насоки за делување во општеството.

Скопје - Во јавноста не стивнуваат реакциите по одлуката на Уставниот суд да одржи подготвителна седница на Законот за употреба на јазиците. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски синоќа во телевизиско интервју изјави дека е исклучително корисно одржувањето на вакви седници и дека тоа е еден од начините на кои тие ја градат довербата и ги уверуваат граѓаните во нивната непристрасност и независност. Најави дека подготвителната седница за Законот за употребата на јазиците најверојатно ќе се одржи во март откако Уставниот суд ќе го добие пријателскиот совет од Венецијанската комисија и се усогласат термините со експертите што ќе треба да допатуваат во Скопје.

Скопје - Стопанската комора на Северна Македонија денеска ја организира конференцијата „Придобивки од воведување на практична настава во високото образование и улогата на бизнис заедницата во процесот“.

Како што информираат од Стопанската комора, на настанот на кој ќе присуствуваат претставници на компании и декани со дел од наставниот кадар на повеќе факултети при УКИМ, ќе се дискутира за потребата од иницирање на практична настава во високото образование во нашата држава, со вклучување на компаниите за подобрување и обезбедување на квалитетот во текот на наставниот процес.

Скопје - Ако временските услови дозволуваат, земјоделските производители треба да продолжат со заштита на посевите. Посебно е важно ѓубрењето, но се препорачува и примена на сите агротехнички мерки.

Според агрометеоролозите од УХМР, поради најавите за засилен северен ветер во недела попладне и во понеделник, се препорачува да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции и да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води.

Ресен - Во Ресен денеска ќе им бидат доделени сертификати на 145 земјоделци од Преспа, за одржливо земјоделство, кои ги следеле обуките што се одржувале во текот на минатиот месец.

Обуките се дел од проектот „ЕУ за Преспа – обнова на природните ресурси за зајакнување на одржливото земјоделие и туризам“, финансиран од Европската Унија, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации во партнерство со општина Ресен, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Скопје - Винскиот салон „Винодонија 2024“, кој ќе се одржи денеска и утре во Скопје, и оваа година нуди извонредна можност за сите љубители на виното да учествуваат во едукативни активности што ќе го збогатат нивното знаење и љубов кон виното.

Програмата вклучува седум ексклузивни мастер класи и работилници, водени од реномирани домашни и светски експерти, кои на посетителите ќе им понудат уникатно винско доживување.

Скопје - НУ Турски Театар вечер во 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Слепци“ според истоименото дело од Морис Метерлинг и книгата „Погубни идентитети” од Амин Малуф. 

Претставата ќе биде изведена на сцената на Театар Комедија, а ќе има и титл на македонски јазик

Режијата на претставата е на Ќендрим Ријани, музиката е на Емрах Џемаили, а костими: Медина Хоџа и Маја Ѓуреска

Скопје - Декемвриската програма на Кинотеката ја збогатуваат филмови кои ја обележаа историјата на македонската кинематографија. Со овие проекции публиката има можност повторно да се потсети на овие филмови, кои преку различни наративи и жанрови ја прикажуваат македонската култура, историја и живот.

По повод 20-годишнината од премиерата на „Бубачки“ по сценарио и режија на Игор Иванов Изи, филмот ќе биде прикажан во Кинотеката вечер со почеток во 19.30 часот.

Скопје - Во рамки на „Неделата на новосадските писатели” вечер во Клубот на писателите во Нови Сад, ќе се одржи манифестацијата „Нов духовен мост: Нови Сад–Скопје”. Притоа, ќе биде промовирана антологијата со поезија на српски и македонски поети насловена „Нов духовен мост Нови Сад–Скопје”, која е објавена двојазично на српски и македонски јазик. Издавач на антологијата е Друштвото на новосадските писатели, а е заеднички проект во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.

Белград - Здружението на драмски уметници на Србија ги повика своите членови да застанат пред своите театри секоја вечер - почнувајќи од денеска 13 декември - 15 минути пред почетокот на претставите, во костими и да им оддадат почит на жртвите од падот на бетонската натстрешница на железничката станица во Нови Сад . Потоа да има 15 минути молк и да се прочита повикот упатен синоќа до претставниците на културните институции и РТС, јави Бета.

Сараево - На територијата на Федерацијата Босна и Херцеговина денеска ќе се применува Правилникот за забрана за пушење во сите затворени објекти во овој ентитет на Босна и Херцеговина.

Правилникот стапи во сила пред шест месеци, но им се остави простор на угостителските објекти да се адаптираат половина година.

Тирана - Европските лидери на 16 мај идната година ќе се сретнат во Тирана, во рамки на шестиот самит на Европската политичка заедница, објави АБЦ њуз.

- Овој самит доаѓа во важен момент за Албанија, по напредокот што земјата го имаше на меѓународната сцена, но и на патувањето кон Европската унија, бидејќи на 18 декември се очекува да се одржи третата Меѓувладина конференција за 6-то поглавје, она за надворешните односи, наведува телевизијата.

Брисел – Од денеска во сила стапуваат новите правила за безбедност на сите непрехранбени производи за широка потрошувачка што се продаваат, офлајн или онлајн, на пазарот во ЕУ. 

Правилата се дел од новата Општа регулатива на ЕУ за безбедност на производите, со која се заменуваат досега важечките директиви за општа безбедност на производите и за производите кои претставуваат замена за храна.  

Никозија – Вкупниот број депортирани или репатрирани лица од Република Кипар во земјите на потекло од почетокот на годинава заклучно со денеска е 9.420 лица, соопштија од кипарската полиција, јави дописничката на МИА од Атина.

Лани во истиот период депортирани или репатрирани биле 9.276 лица.

Истанбул - Во Истанбул денеска започнува Меѓународниот форум за стратешки комуникации (Stratcom Summit 24) што ќе трае до утре. Форумот насловен „Вештачката интелигенција во комуникациите: трендови, замки и трансформација“ ќе ги собере водечките претставници во областа на меѓународните комуникации и ќе разговара за промените во областа на комуникациите со вештачка интелигенција.

Форумот ќе започне со воведниот говор на потпретседателот на Турција, Џевдет Јилмаз и на шефот на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство, Фахретин Алтун. На форумот ќе учествува и министерот за надворешни работи Хакан Фидан.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе именува нов премиер, по само осум дека откако пратениците му изгласаа недоверба на премиерот Мишел Барние.

Макрон вчера ја прекина посетата на Полска и се очекуваше да го објави својот избор за нов премиер по враќањето во обид да стави крај на повеќемесечните политички превирања, но откако неговиот авион слета во близина на Париз, сепак беше најавено дека ќе почека да ја соопшти таа одлука.

Париз - Францускиот центристички политичар Франсоа Бајру утрово треба да се сретне со претседателот на државата, Емануел Макрон, кој се очекува да именува нов премиер.

Бајру, лидер на центристичката партија MoDem и се смета за еден од можните избори на Макрон за премиер, требаше да се сретне со претседателот во 8:30 часот, објавија француските медиуми повикувајќи се на извори.

Киев - Висок функционер во руска компанија што развива крстосувачки ракети користени од Русија во војната со Украина, е убиен во близина на Москва, објавија синоќа украинските медиуми.

Михаил Шацки, заменик-главен дизајнер во Бирото за дизајн на Марс, кое развива и произведува системи за наведување за руската воена и воздушна индустрија, е убиен, според тие извештаи, пред два дена во близина на градот Котелники во московскиот регион.

Киев - Русија извршува од утрото голем напад од воздух врз региони во Украина користејќи проектили и беспилотни летала.

„Непријателот продолжува со својот терор. Уште еднаш, енергетскиот сектор низ Украина е под масовен напад“, објави министерот за енергетика Херман Халушченко.

Тел Авив - Израелскиот министер за одбрана Израел Кац и нареди на војската да се „подготви да остане“ во текот на зимата во тампон зоната меѓу израелските и сириските сили на стратешката Голанска висорамнина, каде патролира ОН.

Брисел - Одржувањето безбеден и стабилен регион на Западен Балкан е приоритет за НАТО и за САД, соопшти  мисијата на САД во Алијансата.

„Оваа недела, бевме домаќини на шест експерти од Западен Балкан - од Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија и Црна Гора - во седиштето на НАТО, истакнувајќи го нашиот политички дијалог и практична соработка со Западен Балкан“, се нагласува во објава на Мисијата на САД во НАТО на платформата X.

Кишињев - Парламентот на Молдавија одобри воведување вонредна состојба поради енергетската криза во земјата на 60 дена, почнувајќи од 16 декември, изјави претседателот на парламентот Игор Гросу. Потегот е преземен поради очекуваниот прекин на испораките на руски гас од 1 јануари

Молдавската Влада на седницата во средата ја одобри потребата од воведување вонредна состојба, објави премиерот Дорин Речан, кој привремено ја извршува функцијата министер за енергетика.

Вашингтон - Мета, мултинационална холдинг компанија што управува со технолошки конгломерат и е матична компанија на Фејсбук и Инстаграм, објави дека донирала милион долари на фондот за финансирање на стапување на должност на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.

Донацијата доаѓа само неколку недели откако извршниот директор на Мета, Марк Закерберг приватно се сретна со Трамп на имотот на републиканецот во Мар-а-Лаго. Веста прв ја објави Волстрит џурнал.

Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден објави уште еден пакет помош за оружје за Украина, вреден 500 милиони долари, се вели во соопштението на државниот секретар Ентони Блинкен.

Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби претходно изјави дека САД ќе продолжат да обезбедуваат дополнителни пакети помош за Украина „до самиот крај на оваа администрација“.

Пало Алто - Илон Маск е првиот човек кој достигнал богатство од над 400 милијарди долари, според Форбс и Блумберг, јави ДПА.

Неговото богатство главно се состои од акции во производителот на електрични автомобили Тесла и компанијата SpaceX.

Американскиот магазин Форбс го процени богатството на Маск на 431,2 милијарди долари, а Блумберг соопшти дека тоа изнесува приближно 447 милијарди долари.

Вашингтон - САД ќе забранат издавање визи за околу 20 Грузијци одговорни за „поткопување на демократијата во Грузија“, вклучително и министри, пратеници и безбедносни службеници, соопшти Стејт департментот. Во соопштението не се наведени имињата на грузиските официјални лица на кои ќе им биде забрането да добијат визи за САД.

Стотици луѓе се уапсени во Грузија откако пред речиси две недели избувнаа протести против одлуката на владејачката партија Грузиски сон да ја одложи долгогодишната цел на поранешната советска република за пристапување во Европската унија.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден одлучи да ги намали казните на околу 1.500 лица кои беа ослободени од затвор и се во домашен притвор за време на пандемијата на коронавирусот како и да помилува 39 Американци осудени за ненасилни злосторства. Тоа е најголемиот број на намалени казни и помилувања во еден ден во модерната американска историја, јавија американските медиуми.

Вашингтон - Стејт департментот потрошил околу 500.000 долари - пари на американските даночни обврзници - на организации и програми што не се во согласност со главните американски верувања, се вели во најновиот извештај на Комитетот за надворешни работи на Конгресот.

Како што е соопштено, Стејт департментот ги искористил парите, меѓу другото, за да и помогне на британска хуманистичка организација што промовира атеизам во Непал, програма што им помага на бремените мигранти во САД да абортираат и едукативна програма за правата на ЛГБТК заедницата за децата во Лаос, објави весникот Вашингтон Тајмс.

Торонто - Онтарио, најнаселената провинција во Канада, би можела да забрани увоз на алкохол произведен во САД и да го ограничи извозот на електрична енергија и критични суровини за електрични батерии во американските сојузни држави Мичиген, Њујорк и Минесота, доколку новоизбраниот претседател Доналд Трамп воведе царини за сите канадски производи, изјави синоќа висок функционер на Онтарио.

Манчестер - Катарскиот банкар, шеикот Џасим бин Хамад Ал Тани изгледа не се откажал од своите намери да го купи Манчестер Јунајтед. Тој се натпреваруваше со Сер Џим Ретклиф за акции во „црвените ѓаволи“ откако тие беа пуштени на пазарот од семејството Глејзер. На крајот беше избрана понудата на Ретклиф, кој се согласи да не го стекне целосниот блок акции, но се задоволи со почетна малцинска инвестиција од 27% од акциите во клубот и добивање административна моќ.

Скопје - Историјатот на носењето венчален прстен го има својот зачеток во Древен Египет. Денес тоа е обичај ширум целиот свет и секаде има посебни својства, одлики, особености, значења, симболика.

Историчарите и културолозите ја откриваат фасцинантната позадина на оваа универзална симболика на љубов и верност којашто одамна ги надминала географските и етнокултурните граници во глобализацијата. Така, традицијата на носење венчален прстен, пред сѐ - кај жената, потекнува од Стариот Египет, каде што археолозите ги пронашле првите записи за овој обичај, напишани со хиероглифи. Египќаните го сметале прстенот за симбол на вечноста, олицетворена во неговиот кружен облик којшто нема ни почеток, ниту крај.

Остани поврзан