• среда, 24 јули 2024
МИА Радио флеш

20 февруари 2024

-Техничкиот премиер Талат Џафери смета дека лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети нема да прифати кандидатура за претседател на државата. -Господинот Ахмети има мисија, а не е претендент за функција колку што знам. И мислам дека нема да прифати да биде кандидат. Нема потреба тој да покажува кој е и колку е после 50 години свој придонес во нештата во оваа држава, и за оваа држава и за граѓаните во оваа држава. Така што, негова мисија е Европа, Европска унија и си работи на таа мисија, рече Џафери при денешната посета на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза" во Скопје. Џафери смета дека не е приоритет на Ахмети натпреварот по однос на носењето на функција.-Не мислам дека му е приоритет натпреварот по однос на носењето на функција. Да сакал функција, можел да ја има која било функција во овие 23 години, рече Џафери.

-Заменик министерот за правда во техничката Влада, Викторија Мадиќ Аврамовска остварила билатерална средба со заменик на министерот за правда на Украина, Олександр Банчук, на маргините на Меѓународната конференцијата ,,Иднината на проширувањето на ЕУ: Правосудство и темелни права”, која се одржа во Загреб. Како што соопшти Министерството за правда, соговорниците констатирале дека Република Северна Македонија и Украина треба да работат на реформи и да се соочат со сите предизвици на патот кон ЕУ. -Да обезбедиме мирен соживот и соработка меѓу народите од двете држави, истакнале Мадиќ и Банчук на средбата. 

-Во своето обраќање на TAIEX работилница за Дигитални општини – транспарентен и ефикасен јавен сервис, организирана од Центар за развој на Скопски плански регион и поддржанa од Европската унија, дополнителниот заменик на министерот за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски ја истакна итната потреба на Македонија да ги прифати дигиталните иновации за подобрување на јавните услуги и управувањето. Дополнителниот заменик министер ги нагласи предизвиците со кои што моментално се соочуваме во дигитализирањето на нашиот систем, како што се финансиските ограничувања, застарената инфраструктура и ограничените дигитални вештини . Тој ја подвлече важноста од усвојување сеопфатен пристап кон дигитализацијата кој е достапен, лесен за користење и инклузивен за сите граѓани. „Неопходно е да се подигне свеста кај носителите на одлуки дека дигиталната трансформација не е висока политика и апстрактен поим, туку реална потреба кој како последица ќе создаде бројни бенефити за економскиот и општествениот развој на државата. Едноставно, ова е национален проект од највисоко значење.“

-Бројките на мерењата на јавното мислење, т.е. анкети јасно покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е фаворит на следните парламентарни избори. Бројките на анкетите се такви какви што се, јавноста ги знае, ВМРО-ДПМНЕ е голем фаворит за следните парламентарни избори коишто ќе се случат за нешто помалку од или би рекол нешто повеќе од 2 месеци, некаде околу 44-45 дена имаме до почеток на кампањата за првиот круг претседателски избори, вели претседателот на партијата Христијан Мицкоски. -ВМРО-ДПМНЕ е голем фаворит за следните парламентарни избори кој ќе се случат за нешто повеќе од 2 месеци. Некаде околу 44-45 дена имаме до почеток на кампањата за првиот круг на претседателски избори, вели Мицкоски во гостување на утринската емисија „Здраво Македонијо“ на Канал 5 телевизија, истакнувајќи дека е огромна разликата и оти таа е повеќе од 2:1 и таа ќе биде уште поголема односно 2,5 спрема 1.

-Вкупно 205 возачи се казнети во текот на вчерашниот ден на територија на цела држава во акцијата на Министерството за внатрешни работи за санкционирање возила кои се движат со брзина поголема од дозволената. Како што информира денеска МВР, три возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Вкупно 92 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 113 надвор од населено место. - Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, стои во соопштението. 

-Српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за руската агенција ТАСС изјави дека има намера да одржи независна политика кога станува збор за невоведување антируски санкции и покрај огромниот притисок од Западот, јави дописникот на МИА. -Ние не си чукаме во гради или нешто слично, но како што гледате, мојот одговор и понатаму ќе продолжи да биде дека ќе се трудиме да ја браниме нашата позиција што е можно подолго. Тоа успеавме да го направиме две години. Дали ќе продолжиме тоа да го правам - не знам, но се надевам, изјави Вучиќ во интервју за ТАСС. Тој истакна дека кога почна конфликтот во Украина, кажал дека не знае како ќе се развиваат настаните и дека на државно ниво е донесена одлука Србија да го осуди конфликтот, како и сите други, но дека ставот на Србија е да не наметнува санкции кон Русија. -Тоа го кажав затоа што од сопственото искуство знаеме какво е чувството кога ви се воведуваат санкции. Имаме пријателски народ и би било неправедно да се однесуваме така кон рускиот народ, додаде Вучиќ.

-Владејачката унгарска партија ФИДЕС на 26 февруари во Парламентот да гласа за ратификација на членството на Шведска во НАТО, а партијата ќе го поддржи, објави денеска на Фејсбук претседателот на парламентарната група ФИДЕС, Мате Кочис. По долго одложување, Унгарија ќе биде последната земја-членка што ќе го одобри приемот на оваа нордиска земја во НАТО. Шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон денеска изјави дека ја поздравува веста дека унгарскиот Парламент следната недела ќе гласа за членството на неговата земја во Алијансата

-Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, смета дека Србија, Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија ќе бидат вовлечени во НАТО според сценариото на Украина. Влезот на Финска во НАТО, а наскоро и на Шведска, е нова фаза на експанзија на исток. Алијансата ќе ги вовлече Босна и Херцеговина, Молдавија, Грузија и Србија. И сè ќе се одвива според украинското сценарио“, рече Лукашенко на состанокот со раководството на државните органи на системот за национална безбедност. Како што додаде, прогнозите се неутешни. „Апетитите и активноста на колективниот Запад само ќе растат. Вашингтон и неговите сојузници ќе продолжат да го прошируваат НАТО. Ситуацијата е повеќе од поволна за нив. Отворено ќе кажам: речиси сите европски лидери се претворија во поданици на САД - ако погледне

-Германската авиокомпанија „Луфтханза ерлајн“ соопшти дека ќе се реализираат само десет до 20 отсто од летовите закажани за денеска поради повиците за штрајк на нејзиниот персонал во рамки на преговорите за платите. „Во моментов, претпоставуваме дека само околу 10 до 20 отсто од летовите ќе можат да се реализираат“, објави најголемата европска авиокомпанија на својата веб-страница. Штрајкот започна утринава во 4 часот и треба да трае до утре наутро во 7 часот и 10 минути, соопшти синдикатот „Верди“. Според компанијата, 100.000 патници се погодени од предупредувачкиот штрајк што се одржува на аеродромите во Франкфурт на Мајна, Минхен, Хамбург, Берлин, Дизелдорф, Келн-Бон и Штутгарт. „Верди“ повика на нов штрајк како дел од несогласувањата за платите на персоналот на теренот, односно 25.000 вработени.

-Шведска ќе ја донира досега најголемата воена помош за Украина во износ од 7,1 милијарди шведски круни или околу 700 милиони долари, соопшти Министерството за одбрана на таа земја. Киев ќе добие, меѓу другото, 90 оклопни возила, 90 борбени чамци и рачни гранати, противвоздушни системи како што е „Робот 70“, фрлачи на гранати „Карл Густав“, медицинска помош, амбулантни и амбулантни возила. „Поддржувајќи ја Украина, ние инвестираме во нашата безбедност. Доколку Русија победеше, ќе имавме многу поголеми безбедносни проблеми отколку што ги имаме денес“, изјави шведскиот министер за одбрана Пол Џонсон на прес-конференција. Заедно со претходните 14 пакети, шведската помош за Украина изнесува речиси 30 милијарди шведски круни (2,9 милијарди долари).

-Преговарачите на Советот на ЕУ и Европскиот парламент рано изутринава постигнаа привремен политички договор за регулативата за воспоставување на првата рамка на ЕУ за регулирање на начините за отстранување на јаглеродот, која има за цел да ги олесни и забрза активности за негова дислокација и за намалување на неговите емисии во почвата. Новите правила ќе важат за активности на територијата на ЕУ, меѓутоа на Комисијата и се остава простор да ја разгледа можноста да дозволи складирање на геолошки јаглерод и во соседни трети земји, под услов тие да се усогласени со стандардите за животна средина и безбедност на Унијата. Откако ќе стапи на сила, регулативата ќе биде првиот чекор кон воведување сеопфатна рамка во законодавството на ЕУ за отстранување на јаглеродот и намалување на неговите емисии во почвата, со што ќе се придонесе за амбициозната цел на Унијата предвидена со европскиот Закон за климата за постигнување климатска неутралност до 2050 година. Со Договорот се проширува опсегот на регулативата за намалување на јаглеродните емисии во почвата и се предвидува трајно отстранување на јаглеродот, привремено во конструкции на база на дрво во траење од најмалку 35 години и привремено во вид на обнова на шумите и почвата или зачувување на мочуриштата во траење од најмалку пет години. 

-Американската банка Морган Стенли креирала фиктивна позиција во Франкфурт со годишна плата од 375.000 евра за формално да ги задоволи насоките на Европската централна банка (ЕЦБ), пишува Фајненшл Тајмс (FT) повикувајќи се на анонимни извори. По Брегзит, европските власти препорачаа меѓународните банки да управуваат со нивните европски операции не од Лондон, како што беше случајот кога Велика Британија беше во Европската Унија, туку од земјите што го задржаа членството во ЕУ. Неименуван банкар неодамна пред судот во Франкфурт сведочеше дека во април 2021 година добил функција во канцеларијата на банката во Франкфурт како директор за „трговски операции со кредитни инструменти“ со годишна плата од 375.000 евра. Вишите менаџери, во доверба, го информирале дека функцијата главно постои само на хартија и го советувале„активно да не ја спомнува својата позиција“ во јавност.

-Кина е подготвена да соработува со Европска Унија во име на слободната трговија и мултилатералниот пристап во меѓународните односи, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји за време на неговата посета на Шпанија. Тој истакна и дека Кина и ЕУ можат да работат заедно за фер и уреден мултилатерален свет, како и за инклузивна економска глобализација. Ванг посочи дека Кина ја прифаќа ЕУ како „важна сила во мултиполарниот модел“ и ја поддржува европската интеграција, развојот и проширувањето на Унијата, како и нејзината стратешка автономија. - Сè додека Кина и ЕУ ја зајакнуваат солидарноста и соработката, нема да има конфронтација, наведе Ванг на средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез.

 -Хутите во Јемен соопштија дека САД и Велика Британија извршиле напад врз фарма во градот Худајда, во западниот дел на земјата. САД и Велика Британија гаѓаа фарма во регионот Ал-Кедн, во Худајда, јавија јеменска новинска агенција контролирана од Хутите. Овие две земји се уште не го коментираа инцидентот. Од минатата есен, Хутите ги гаѓаат товарните бродови во Црвеното Море во сопственост или управувани од израелски компании или превезуваат стока до и од Израел во знак на солидарност со Газа. Со ескалација на тензиите поради заедничките воздушни напади на САД и Велика Британија врз цели на Хутите во Јемен, групата објави дека ги смета сите американски и британски бродови за легитимни воени цели.

-Палестинската група Хамас соопшти дека ќе прифати договор за размена на затвореници само ако Израел се согласи на целосен прекин на огнот и влез на хуманитарна помош во Појасот Газа. „Враќањето на (израелските) окупациски затвореници има три цени. Првата е олеснување на враќањето на нашиот народ во нормален живот. Второто е крај на агресијата, а третото е вистинска размена на затвореници во која би биле ослободени нашите 10.000 затвореници во израелските затвори“, изјави Халил ал Хаја, член на политичкото биро на групата, во интервју за катарската „Ал Џезира ТВ“. Тој рече дека Израел, кој е обвинет за геноцид, одбива да се повлече од Газа и не дозволува раселените Палестинци да се вратат во своите домови.

Остани поврзан