МИА Општински пул
- МИА Општински пул
24 декември 2024
Берово - Културно-уметничкото друштво „Димитар Беровски" од Берово синоќа го одржа традиционалниот Новогодишен концерт. На концертот кој се одржа во холот на гимназијата ,,Ацо Русковски, освен играорците од повеќе возрасни категории од културно уметничкото друштво своја настап имаше и староградскиот оркестар кој работи во состав на Домот на култура „Димитар Беровски" од Берово.
-Во нашето културно уметничко друштво, со децении се гради и презентира програмски репертоар, во кој многу членови го почуствувале духот на традицијата и затоа можеме да кажеме дека КУД ,,Димитар Беровски” е изворот на негување на народната култура во Берово.
На сцената настапија членовите на детските фолклорни ансамбли, после што имавме можност да уживаме во професионално извежбаните кореографии на поголемите групи, истакнаа од Домна култура.
На концертот присуствуваше и градоначалникот на Општината, Звонко Пекевски кој рече дека со одржување на народниот ансамбал, доследно се чуваат и негуваат културните вредности на беровската, но и на македонскта народна култура, ширум светот.
Крива Паланка - Нови седумнаесет песни вечерва на сцената на Центарот за култура во Крива Паланка ќе бидат промовирани на детскиот музички фестивал „Распеано симитче".
- Денес започнува јубилејното, десетто, издание на детскиот фестивал што низ годините успеа да изгради музичка култура за најмладите и возрасните во градот и регионот, промовирајќи локални автори на текстовите, музиката и аранжманот, етаблирајќи млади изведувачи и талентирани дечиња што ги интерпретираат песните, а тука се и членовите на хорот што го комплетираат целиот сценски настап. И годинава публиката ќе ужива во нови 17 хитовски рефрени, што се надевам, како секогаш, ќе продолжат да се пеат меѓу дечињата во секоја пригода за забава и дружба, изјави Методи Цветковски од Центарот за аудиовизуелни уметности кој е организатор на фестивалот.
Фестивалот се одржува под покровителство на Општина Крива Паланка, во ко-организација со Центарот за култура од Крива Паланка.
Организаторите најавија по две дневни и две вечерни изведби за публиката, денес и утре, од 12 и 18 часот.
Гостивар – Во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар синоќа беше одбележан Денот на општината. Годинава, признанието почесен граѓанин и клучот на градот му беше врачено на пензионираниот наставник Хазби Фејзи.
Вршителот на должноста градоначалник Ваљбон Лимани во обраќањето ја истакна мултиетничноста на гостиварската општина и напомена дека тоа е придобивка.
- Со гордост можам да кажам дека нема друг град во Македонија каде што има толкава толеранција и успешен соживот. Овој неверојатен факт е водич за тоа што сакаат гостите. Ни требаат еднакви услови за сите, ни треба сéопфатен професионален начин на размислување. Ни требаат чисти патишта за сите. Топли училишта за сите, паркови и игралишта за сите. Без оглед на нашите различности, нас нè обединува многу поголема работа како што е Гостивар, рече Лимани.
Лимани изрази оптимизам за развојот на општината со оглед на, како што рече, рушењето на политичкиот режим кој предизвикал блокади во функционирањето на државата. - Денес сме слободни и конечно ќе го добиеме она што ни следува од централната власт и ќе имаме одлични вложувања, од кои дел веќе почнаа да се реализираат, потенцира првиот човек на општина Гостивар.
Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна, покажува неделниот лабораториски извештај што го спроведува Секторот за санитарна контрола на ЈП „Водовод и канализација“.
Испитувањата се извршени од 16 до 22 декември на 213 примероци за физичко-хемиска и 213 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 48 мерни места во Скопје.
ЈП „Водовод и канализација“ потсетува и дека завчера, на 22.12.2024, изврши вонреден мониторинг на водоснабдителниот систем на градот Скопје кој беше во прекин со водоснабдување на 21.12.2024 година поради активности на претпријатието. Мониторингот опфати девет критични точки: Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош 3, од каде беа земени примероци од вода за пиење врз кои беше изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање.