МИА Општински пул
- 9 февруари 2026
9 февруари 2026
Македонска Каменица - Хуманитарното здружение „Бели Гулаби“ на 12 февруари 2026 година ќе биде домаќин на првиот меморијален марш „Кети Милковска и 63 Ангели“. Маршот се одржува по повод роденденот на Кети Милковска која трагично го загуби животот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Настанот ќе собира граѓани од Македонска Каменица, како и родители и пријатели од Кочани, кои заедно сакаат да го зачуваат споменот за Кети.
-Програмата започнува во 14:00 часот пред Соборниот храм „Богородица“, каде ќе се палат свеќи и ќе се одржи молитва во чест на младата девојка. По ова, учесниците ќе се упатат кон автобуската станица, ќе продолжат низ главната улица и маршот ќе заврши во Културниот дом, каде ќе се одржи говор посветен на Кети Милковска, се вели во соопштението од организаторите.
Настанот носи и силна порака за зачувување на сеќавањето на младите животи и поддршка за семејствата погодени од трагични настани.
Кавадарци - Недела на традицијата, на грозјето и производи од грозје, се реализира овие денови во Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во државата. Активностите започнаа вчера и завршуваат со централните манифестации во неколкуте општини, на празникот „Свети Трифун“, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.
Традицијата започна во лозов насад во Демир Капија, каде се одржа натпревар во закројување на винова лоза, со учество на повеќе лозари од Демир Капија.
- Натпреварувачите ги покажаа своите вештини и знаење во правилното закројување, а стручна комисија ги избра најдобрите. Прво место за Спасе Димов, второ за Коце Тодоров и трето место освои Сашко Камчев. Општина Демир Капија им честита на наградените и им се заблагодарува на сите учесници за придонесот во негувањето на лозарската традиција. Нека годината биде родна и успешна за сите лозари, порачаа од демиркаписката локална самоуправа.
Виница - Откако завршија активностите со кастрење на дрвјата долж булеварот, денеска во Виница продолжи уредувањето на зеленилото со кастрењето на дрворедот на главната улица во централното градско подрачје , улицата „Маршал Тито".
Градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски очекува денеска и утре, доколку временските услови тоа го дозволат, оваа активност, која се спроведува веќе десетина дена, конечно да заврши.
-И понатаму, дел од улицата каде што се работи, ќе биде затворена за сообраќај, информира Костадиновски.
Куманово - Полицијата приведе четворица кумановци кои на фудбалски натпревар нападнале вработен во фудбалски клуб, соопшти денеска СВР Куманово.
- Вчера полициските службеници од СВР Куманово ги лишија од слобода Л.Б. (23), М.Р. (22), А.С. (19) и К.К. (23) сите од Куманово, затоа што на стадион во село Доброшане, кумановско, на фудбалски натпревар помеѓу клубовите „Башкими“ и „Куманово“, со тврд предмет го нападнале Ф.Б., вработен во фудбалскиот клуб „Башкими“.
По целосното документирање на случајот, ќе следуваат соодветни пријави.
Охрид - Општина Охрид објави повик за субвенционирање на традиционални занаети регистрирани во Регионалната занаетчиска комора - Охрид на подрачјето на општината.
- Висината на субвенцијата ќе се утврдува така што вкупниот износ на средствата планирани за таа активност во буџетот на општина Охрид ќе се распределат пропорционално со бројот пријавени занаетчии од традиционални занаети кои ќе ги исполнуваат условите и критериумите од повикот. Секој барател кој ги исполнува условите од повикот ќе добие ист износ на средства, се посочува во повикот.
Право на учество имаат новорегистрирани и веќе регистрирани занаетчии од традиционални занаети, согласно Законот за Занаетчиство како физички и правни лица, кондурации, опинчари, производство на хартија, книговез, ваљајчари, бојаџии, кувенџии, резба на дрво и бакар, филигран, ткајачи и четкари…
Македонска Каменица - Во насока на унапредување на дуалното образование, денеска во Македонска Каменица се одржа работна средба меѓу градоначалничката Соња Стаменкова, претставници на Средното општинско училиште „Миле Јаневски Џингар“ и компанијата Рудник САСА.
На состанокот беа разгледани реализираните активности, беа разменети искуства, како и договорени идните чекори за понатамошно зајакнување на дуалното образование.
-Партнерствата меѓу образовните институции и стопанството се клучни за создавање квалитетен и стручен кадар, кој ќе има реални можности за вработување и останување во нашата општина. Продолжуваме посветено да работиме во интерес на младите и нивната иднина“, изјави Стаменкова.
Посебен акцент како што додаде беше ставен на практичната настава и подобрата подготовка на учениците за вклучување на пазарот на трудот, со цел создавање стручен и конкурентен кадар.
Дојран - По есенските и зимските врнежи, нивото на водата во Дојранското Езеро бележи пораст од околу 50 сантиметри, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Сепак, на езерото сè уште му недостасуваат околу 70 сантиметри за да ја достигне минималната договорена кота од 146,13 метри надморска височина.
Од крајот на октомври до првата половина на февруари, според податоците на УХМР, е регистриран постепен пораст на водостојот, а оптимистичките прогнози се дека во следните три до четири месеци езерото би можело да ја достигне минималната кота.
– Водостојот на Дојранското Езеро го мериме според договорената минимална кота со грчката страна, која изнесува 146,13 метри надморска височина. По последните врнежливи периоди, езерото се полни, но при последното мерење нивото изнесуваше 145,42 метри, што значи дека се потребни уште 71 сантиметар за да се достигне минималната кота – изјави Васко Стојов, раководител на Секторот за хидрологија во УХМР.
Охрид – Тиражниот кинески весник „Macao Daily News“ една страница од додатокот за литература и култура „Огледално море“ посветува на поетското творештво на Славе Ѓорѓо Димоски. Прилогот за македонскиот поет е проследен со биографски податоци и есеј под наслов „Тежината на поезијата“, со анализа на некои издвоени песни на Димоски.
Во анализата на песната „Камен: Медитација“ преведувачите објаснуваат дека за Димоски, каменот не е само обичен елемент, туку „носител на божественото“. Тие ја истакнуват неговата поетска слика каде „редот е проѕирно сино, а хаосот е бел“, опишувајќи го тоа како фасцинантен спој на балканската духовност и универзалната филозофија.
За метаморфозата пак во песната „Стебло“ кинеската критика многу позитивно реагира на идејата за спојување на човекот со природата. Во текстот се вели дека поетот постигнува состојба на „целосна тишина“ каде човечкото его исчезнува за да стане „сок на дрвото“ и многу потсетува на некои источни филозофии како таоизмот.
Во текстот Димоски е претставен како „Гласот на Охрид“, притоа споменувајќи ја неговата улога во Струшките вечери на поезијата, дотолку повеќе што кинеските познавачи на литературата особено на поезијата ја ценат Струга за светски центар на поезијата.
Струга - Со илуминации на општинската зграда, основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Јосип Броз Тито“, црквата „Свети Ѓорѓи“, џамијата „Мустафа Челеби“ и Плоштадот, Општина Струга се приклучи во поддршка на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“.
Општина Струга, како што посочи општинската прес-служба, ја поддржува иницијативата преку осветлување на одредени јавни објекти во боите кои симболизираат солидарност и поддршка за лицата со ретки болести.
- Поаѓајќи од фактот дека секој граѓанин треба да биде еднаков и дека мораме заедно да работиме кон инклузивно и праведно општество, месец февруари е посветен на подигање на свеста и информирањето за ретките болести и секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата што живеат со нив, велат од Општина Струга.