• петок, 26 јули 2024
МИА Општински пул

19 февруари 2024

Штип - Во центарот на Штип е поставена првата вендинг машина.

Комуналниот инспектор во Општина Штип Борче Везенков денеска изјави дека вакви машини е предвидено да бидат поставени во сите поголеми маркети во Штип, каде ќе се фрлаат пластични шишиња и алуминиумски лименки.

-Во преговори сме за поставување уште на три до четири машини во други маркети, што значи да се покријат сите маркети во градот и едноставно да почнеме со примарната селекција на отпадот. Со тоа што оваа година продолжуваме и со едукативните настани и децата ќе може на лице место да ја испробаат машината, вели Везенков.

Скопје - Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска најави дека ќе поднесе кривични пријави за сите оние кои најавија дека ќе го остават Скопје без јавен превоз.

-Не може некој да излезе на 15. во месецот и да рече нема плата, нема да се вози, а врши дејност од јавен интерес. За тоа кривично ќе одговара оној кој најави дека Скопје ќе го остави без јавен превоз, рече Арсовска, на новинарско прашање по денешната прес-конференција за новиот Детален урбанистички план во Општина Ѓорче Петров. 

Синдикатите во ЈСП, минататата недела во четврток попладне, најавија прекин на јавниот градски превоз за утредента, поради неисплатена плата за јануари. Автобусите не возеа од 4.30 до 6.30 часот кога, како што објаснија, им било јавено од директорот дека ќе им биде исплатена платата.

Скопје - Без согласнот од Град Скопје, Советот на општина Ѓорче Петров викендов на седница изгласале измени на Деталниот урбанистички пан (ДУП) со кој се драстично зголемени од 5 ката + поткровје, на 20 ката + поткровје дозволените градби на улицата „Ацо Шопов“, информира денеска на прес-конференција градоначалничката Данела Арсовска

Како што појасни градоначалничката Арсовска, иако морале да побараат мислење од надлежните институции, општината до Министерството за транспорт и врски доставиле барање, од каде на 16 февруари годинава е добиена согласност и во сабота е поминато на Совет на општината. 

Според Арсовска, согласнот за ДУП-от имало само од Агенцијата за катастар на  недвижности, а Град Скопје дале две негативни мислења.

Скопје - Во рамки на активностите за подобрување на комуналната инфраструктура во Општина Илинден се реализираат градежните работи за поставување и монтажа на комплетна пумпна станица односно, препумпен уред на левиот крак на колекторскиот систем Илинден-Марино, соопшти локалната самоуправа.

Овој препумпен уред ќе ги зафаќа и препумпува водите од левиот крак на колекторскиот систем Илинден-Марино кој е во должина од 2,5 километри  и  ќе ги насочува кон локацијата кадешто ќе се спојуваат двата крака (лев и десен). Со ова се става во функција левиот крак од колекторскиот систем, а во наредниот период ќе следи приклучување на домаќинствата, најавија од Општина Илинден.

Струга - Замена на надворешната столарија на управната зграда на струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“ и осовременување на депоата, се дел од проектите на Националната установа што треба да се реализираат во текот на годината.

Директорот на Музејот Дарко Прензоски информира дека прозорците и вратите на објектот се дотраени и не дихтуваат добро, а тоа оневозможува стабилни микроклиматски услови.

- Со реализацијата на проектот објектот ќе се заштити од натамошно пропаѓање со задржување на автентичниот изглед. Следен чекор би бил комплетно санирање и конзервирање на фасадата со што Музејот би го добил целосниот сјај и изглед кој го заслужува како едно значајно културно наследство, истакна Прензоски.

Тетово - Техничкиот премиер Талат Џафери заедно со министерот за обрaзование и наука Јетон Шаќири денес го посетија Универзитетот Тетово и тамошниот нов Студентски дом, што почна да функционира од ноември 2023 година и сместува 300 студенти.

По обиколката на универзитетскиот кампус во изјава за медиумите техничкиот премиер Талат Џафери посочи дека државниот универзитет немаше да биде комплетен без заложбите на Владата за изградба на студентскиот дом.

- Студентскиот дом Тетово е најновиот студентски државен дом во нашата земја, и со него е остварена долгогодишна потреба на студентите кои студираат на универзитетите во Тетово. Тоа е студентски дом кој ги исполнува сите современи стандарди за квалитет. Опремен е со нов инвентар и може да се каже дека овој студентски дом е најмодерниот во државата. Целиот проект чинеше 243.200.000 денари или речиси четири милиони евра. Тетово со овој студентски дом веќе има комплетен универзитетски кампус, а државниот универзитет може да понуди комплетна услуга за академските граѓани. Сигурен сум дека ќе привлече значително зголемен број создавањето на стручни и образовани кадри кои ќе се надградуваат овде о нашата држава и своето знаење ќе го преточат во обезбедување позитивни промени тука во државата, е наш врвен приоритет, истакна Џафери.

Остани поврзан