• сабота, 27 јули 2024
МИА Општински пул

20 февруари 2024 

Штип - Општина Штип го распиша повикот за најстарата манифестација во Штип во областа на културата, Штипско културно лето 2024. Во повикот, кој е објавен на веб страницата на Општина Штип стои дека општината ги повикува сите поединци и здруженија да ја преземат пријавата од веб-страницата или од просториите на Општинскиот мултимедијален центар. Кирил Панајотов советник за културни манифестации во Општина Штип денеска изјави дека оние коишто ќе конкурираат треба да ги образложат основните елементи на секој проект.

-Со оглед на тоа што оваа година одбележуваме значаен јубилеј – 39 години Штипско културно лето, во вообичаениот термин – седмиот месец од годината, Општина Штип повторно се јавува како продолжувач на традицијата, го распиша Јавниот повик и врз основа на пријавувањето на разни уметници, уметнички друштва, здруженија на граѓани, да направиме една Програма којашто ќе одговара на реномето на она што Штипско културно лето низ годините го претставуваше, вели Панајотов.

Штип - Проекти од областа на заштита, музеологија и галериска дејност се предвидени во годишната Програма  за тековната 2024 на Националната установа (НУ)  Завод и музеј - Штип. Директорот на НУ Завод и музеј на град Штип, Митко Штерјов денеска рече дека годинава имаат буџет од три милиони денари.

-И оваа година главниот акцент е конзервација на археолошкиот локалитет „Баргала“ и изготвување на проекти за конзервација на централната базилика и источниот бедем од „Баргала“. Продолжуваме и на конзерваторските истражувања и изготвување на проекти на археолошкиот локалитет „Билазора“ во Свети Николе. Оваа година ќе се истражува дел од храмот, еден објект со кружна форма, рече Штерјов.

Делчево - Во Делчево заврши процесот на социјално мапирање на ранливите категории граѓани со посебен фокус на потребите на лицата со попреченост, жени и девојки со попреченост. Проецесот го спроведуваше Општина Делчево во партнерство со НВО „Бравура кооператива“, а во рамки на регионалниот проект „Регионална соработка за подобра социјална инклузија на локално ниво“ имплементиран од Мрежата на асоцијации на локални власти на ЈИЕ – НАЛАС и Асоцијациите на локалните власти од Западен Балкан, а со поддршка на ГИЗ и ЗЕЛС.

-По завршениот процес на социјалното мапирање кој го почитува принципот „Не оставајте никој зад себе“, ќе се подготвува извештај кој има за цел да ги утврди потребите на одделни категории граѓани и предизвиците со кои се соочуваат, со цел да се дефинираат препораките кои ќе бидат формулирани во мерки и активности коишто ќе се преземат од страна на Општината или ќе бидат делегирани на НВО, како овластени даватели на социјални услуги, информираа од Општина Делчево.

Битола - Амбасадорот на Република Полска Кшиштоф Гжелич ја посети НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и оствари средба со Бојан Стефановски, директор на библиотеката.

Во рамки на посетата, амабасадорот Гжелич го промовира проектот „Полска полица – книги од полски автори на полиците од македонските библиотеки“ и донираше над 50 наслови од класичната и од современата литература, дела од полски автори преведени на македонски јазик.

-На средбата меѓу Стефановски и Гжелич се разговараше за реализирање на активности, кои ќе следат во наредниот период, а на 27 февруари неколку библиотекари ќе учествуваат на семинарот за полска литература во Скопје на кој ќе бидат разгледани и други прашања поврзани со промоција и маркетинг во библиотеките, информираа од националната установа.

Битола - Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, изврши увид на повеќе локации каде што се изведуваат градежни активности финансирани од локалната самоуправа.

Од секторот за односи со јавност на Општина Битола соопштија дека во тек е реализацијата на повеќе планирани проекти во урбаните и руралните средини.

-Во завршна фаза е изградбата на прифатилиште за бездомни животни и во моментов се постапува по добиените насоки од Агенцијата за храна и ветеринарство. Исто така активно се работи на изградбата на детска градинка во АРМ, продолжува реконструкцијата на улицата „Захарија Шумљанска“, а во населеното место Горно Оризари во тек е изведба на водоводна мрежа, посочија од тамошната локална самоуправа.

Струга - Децата од струшкото село Подгорци од неодма имаат можност своето слободно време да го поминуваат во спортување и тренирање џудо.

Според тренерот на џудо клубот „Дрим“ Ѓорги Стојанов, дечињата од ова населено место немале можност да се занимаваат со ниту еден спорт, што било и инспирација да отворат џудо секција

- Она што не' прави особено среќни е фактот што конечно децата од Подгорци ќе имаат можност активно да се занимаваат со спорт и тоа со најдобриот - џудо спортот. Како спортски клуб ќе придонесеме за развој на здрава спортска младина без пороци. Децата треба да добијат можност своето слободно време да го исполнат квалитетно и преку спортски активности да градат позитивни вредности. Само така ќе создаваме генерации кои ќе се движат по вистнискиот пат, а истовремено ќе откриваме таленти кои ќе носат индивидуални и клупски успеси, вели Стојанов.

Дебар - Во присуство на високи достојници и на повеќе илјади верници од нашата и сите соседни земји, монашките Обители, празнувајќи го споменот на Светиот Партениј Лампсакиски Чудотворец, во големи торжества го прослави именденот на епископ Антаниски г. Партениј, и игумен на Свештената бигорска Обител.

На празничната Вечерна архијерејска богослужба, присуствуваше и Неговото преосвештенство, епископот Аморејски и игумен на Свештената Обител на Влатадите во Солун г. Никифор, од Вселенската Патријаршија. Присутни беа и архимандрит Матеј од Р. Грција, како и архимандрит Калиник од Имврос Р. Турција.

Скопје - Во наредниот период отпочнуваме со изградба на нова училишна спортска сала во ООУ ,,Димитар Поп Георгиев – Беровски” во населба Хром, којашто конечно ќе ги задоволува потребите на учениците од ова училиште и дечињата ќе имаат можност правилно да се развиваат во одлични услови. Проблемите со одржувањето на часовите по физицко, заминуваат во историјата, вели Стојкоски.

Спортската сала ќе се протега на 550 м2 и ќе ги има сите услови за одржување настава по физичко образование, како и соблекувални, тоалети и просторија за реквизити. Просторот ќе биде уреден соодветно, се со цел покрај училишната настава, да може да се тренираат спортови кои што се соодветни на овој тип спортска сала, додаде градоначалникот Стојкоски.

Куманово - Почна реконструкцијата на внатрешноста на Соколана, соопштија денеска надлежните од Општина Куманово. Ова е трета фаза од реконструкција на објектот.

- Истовремено работиме и на реконструкција на Соколанскиот парк. Го враќаме сјајот на објектите значајни за Куманово, информираше градоначалникот Максим Димитриевски.

За санација на внатрешноста на објектот одвоени се над 12.300. 000 денари, според податоците на електронскиот систем за јавни набавки, додека за санација на паркот непосредно до објектот одвоени се скоро 13 милиони денари. Според планираното, во следните фази од реконструкцијата на игралиштето се планира изградба на изградба на детско катче, реквизити за рекреација, паркинг простор и партерно уредување околу објектот.

Дебар - Во меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Дебар, кој со својата активност ги покрива оваа и соседната општина Центар Жупа, потврдуваат дека во текот на изминатата година забележано е благо намалување на бројот на корисници на правото на загарантирана минимална помош.

- Минатата година ова право го остваруваа 750 корисници со 2.500 членови на нивните семејства, поголемиот процент од општина Дебар, што е и разбирливо, поради поголемиот број жители. Споредено со претходната, кога истата ја остваруваа 763 корисници, тоа е за 13 корисници помалку, додека споредено со 2021 година тој број е помал за 50 корисници. Пред десеттина години, ова право го остваруваа над 1400 корисници со над 4 илјади членови на семејства, изјави за МИА, Крешник Пачуку, директорот на центарот.

Велес - Човечкиот труп на млад велешанец утрово  е најден под  Железен Мост, во населбата Дворови во Велес.На лице место била повикана екипа на Итна медицинска помош, а увид на местото на настанот направила екипа на СВР Велес,информира за МИА, Билјана Ѓаковска портпарол на СВР Велес.

Јавниот обвинител Анастасија Миланова беше на местото на настанот и според првичните информации, како што од ОЈО Велес за медиумите соошти Цветанка Богоевска Основен јавен обвинител за подрачјето на Велес, таа констатирала дека на телото на пронајдениот мртов 34 годишниот маж немало  траги на насилство.

Штип - Нови визии, простор за младите, нов начин на планирање на просторот за живот, вклучување на природата, студентите од Факултет за архитектура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ - Скопје денеска ги презентираа своите проекти за уредување на градот Штип. Десетти град по ред кој го работат, и е многу поразличен од сите останати вели универзитетската  професорка,  Дивна Пенчиќ. Според неа, Штип е град со добра основа, одлично испланиран урбанистички, па студентите имале доста тешка задача да планираат нешто поразлично, а сепак привлечно за младите.

-Беше интересно дека се запознавме со град кој е многу различен од другите градови во Македонија, кој е многу испланиран, многу уреден и не беше лесна задачата како сега ние да дадеме нова визија. Од таму пак беше иницијал да планираат град за генерација која сака да живее во Македонија, да остане во нашите градови и Штип го почувствуваа како место за работа за младите кои живеат на многу поразличен начин, изјави Пенчиќ.

Прилеп - Откупот на тутунот од ланската реколта е при крај. Досега се откупени 13 800 тони по просечна цена од 353,6 денари за килограм.

-При крај е откупот и нема никакви проблеми. Онаму каде се откупени количествата, пунктовите се затворени, значи дел од 280 откупни пункта на 10-те откупувачи се затворени зашто се преземени предвидените количества. Просечната цена од 253,6 денари се однесува за целата кампања, што значи се доисплаќаат производителите на кои им беше откупен родот пред зголемувањето на цената, вели Јане Станкоски, директор на Државниот земјоделски инспекторат.

Скопје - Општина Кисела Вода, во соработка со Министерството за здравство и Програмата за спроведување на превентивни прегледи за рана дијагностика на пречки во развојот на слухот, говорот и гласот кај децата, од денеска почна со активност во сите градинки на територија на општината.

-Со превентивни прегледи кои ги врши стручниот тим од ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација ќе бидат опфатени децата од четири до шестгодишна возраст. По откривањето на евентуални аномалии, лекарите ќе ги контактираат родителите и  по потреба ќе им предложат дополнителни консултации со логопед и дефектолог, соопштуваат од општинската прес-служба.

Скопје - Се чисти поранешниот објект на ЈУ за згрижување и воспитување на деца и младинци „Ранка Милановиќ“ во Скопје, а беше поделена и храна за семејствата кои живеат таму.

Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска беа на оваа локација и со претставници на Црвениот крст, поделија прехранбени пакети за оние на кои тоа им е најпотребно.

Куманово - Надлежните од здравствен дом Куманово денеска негираа какво било влијание, партиско или етничко за прием на стоматолози и сестри, откако претходно до медиумите пристигна известување дека на последниот конкурс примени се само стоматолози Албанци и девет од 12 медицински сестри Албанки.

Од Здравствен дом велат дека се примени најдобрите кандидати, лица кои биле на тестирање, верифицирани од Комисијата.

- Тестовите ги подготвува Министерството за здравство, тие ги подготвуваат и ги доставуваат до Комисијата. После завршувањето на процедурите, институцијата ги избира најдобрите кандидати. Незадоволните имаат право на жалба, велат од Здравствен Дом Куманово.

Куманово - Стигнати се 20.000 обрасци, до крајот на месецов ќе стигне дополнителна пратка, како и во јуни, никој никого не саботира во МВР, изјави денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски оствари средба со раководството на Секторот за внатрешни работи Куманово.

Одговарајќи на новинарски прашања за промена на документите, Бојмацалиев рече дека досега се издадени над еден милион и триста илјади пасоши.

- Никој никого не саботира во ова Министерство. Само ќе кажам дека дента кога се направи примопредавањето меѓу министерот Спасовски и министерот Тошковски, стигнаа 50.000 обрасци, пред некој ден стигаа 20.000, не се работи за никаква саботажа. До крајот на месецов очекуваме поголема пратка. Исто така и во јуни доаѓа голема пратка што ќе ги задоволи сите потреби за граѓаните, оние кои се сликале да ги добијат документите, рече Бојмацалиев.

Делчево - Во Делчево во тек е пријавувањето за планинарскиот марш кој по повод одбележувањето 80 години од Февруарскиот поход в недела ќе се одржи на планината Голак. 

Општина Делчево претходно за в петок организира пригодна свеченост на планината Голак, каде во рамки на одбележувањето на настанот пред спомен плочата на Февруарскиот поход ќе биде положено цвеќе. 

-Пријавување за учество на планинарскиот марш е кај лицето Љупчо Чучуковски, претседател на ПСК „Голак“ или во Општина Делчево. Тргнувањето за учесниците на планинарскиот марш в недела е планирано во 8.00 часот на 25.02.2024 година од пред Спомен-домот АСНОМ, а маршот ќе биде со следната маршрута: Делчево-Стар Расадник-манастирски комплекс „Св. Богородица Балаклија“-детско одмаралиште-шумска зграда. Патеката е долга 20 километри (во двата правци), информираа од Општината.  

Скопје - Прекинато водоснабдување поради уличен дефект ф-90мм на ул.7 бр.76А Батинци, денеска ќе имаат корисниците од ул.7 и ул.6 Батинци.

ЈП Водовод и канализација-Скопје соопшти дека прекинот ќе биде од 11:20 часот до завршување. 

Остани поврзан