• вторник, 20 февруари 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

7 декември 2023

Гостивар – Германската амбасадорка во нашата земја Петра Дрекслер при работната посета на Гостивар го промовираше инклузивното катче за рекреација во центарот за аутизам „Blue Puzzle“.

Набавката и монтирањето на опремата и реквизитите во дворот на центарот беше овозможено преку донацијата на германската амбасада. Амбасадорката Дрекслер искажа задоволство од соработката и го пофали ангажмaнот на раководството на центарот и локалната самоуправа по посетата.

Куманово - Почна пробивање на пат од кумановското село Зубовце кон месноста „Самовилска вода“ во кумановско, соопштија денеска надлежните.

- Општина Куманово во соработка со месното население во моментов врши пробивање и тампонирање на месниот пат за локалитетот „Самовилска Вода“ и село Зубовце, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Охрид - Уште една ангио сала со нов ангиограф се приоритет на Специјалната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид, истакна денеска директорката Елена Коваческа - Башуроска, по обиколката на болницата во чија посета беше заменик-министерката за здравство Маја Манолева.

До ресорното министерство информира дека за тоа доставиле и идеен проект.

- Уште една ангио сала, би значело намалување на листата на чекање на пациентите, но и како бекап, резервен апарат. Години наназад се случуваше во неколку наврати дефект на апаратот, а пациентите беа праќани на Клиниката за кардиологија, одложувани беа елективните пациенти, за елективни ангиографии, што е голем проблем. Неминовната потреба е уште еден ангиографски апарат, изјави Коваческа - Башуроска.

Тетово - Советничката група на Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска одржа прес-конференција од која побара одговорност од градоначалникот Биљал Касами за дадени општински пари за Јавното комунално претпријатие „Тетово“, а работниците повторно се соочуваат со неисплатени плати.

Тие на прес-конференцијата потсетија дека пред една година на вонредна седница на Советот на општината, ЈКП „Тетово“ му се доделени 25 милиони денари, со цел на работниците да им се исплатат 3-те плати кои претпријатието им ги должи.

Битола - Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и ректорската управа со свечена седница, со прогласување на на најдобрите научници и студенти, го одбележа патрониот празник на УКЛО-Битола.

УКЛО е универзитет кој во домашниот и европскиот едукативен простор не настапува повеќе сам, туку е дел од европска универзитетска алијанса, истакна ректорот Игор Неделковски на академскиот собир во Битола.

- Во 2023 УКЛО стана првиот и засега единствен македонски универзитет кој е член на Европска универзитетска алијанса. УКЛО заедно со уште осум други универзитети од Германија, Франција, Шведска, Шпанија, Италија, Полска, Литванија и Хрватска се здружија во универзитетската алијанса КОЛОРС. Оваа алијанса во наредните четири години ќе биде поддржана од Европската комисија со повеќе од 14 милиони евра да основа заеднички наставни програми и научни истражувања, да работи на видливоста на универзитетите во заедницата, да ги поддржува претприемничките вештини на студентите, да го поддржува процесот на доживотно учење, да ја подржува дигитализацијата и зелената агенда. Најавуваме дека УКЛО од 1 јануари 2024 веќе не е регионален македонски универзитет туку европски универзитет кој на европско ниво ќе делува заедно со своите партнери, истакна ректорот Неделковски.

Делчево - Конституиран е Советот за социјална заштита на Општина Делчево, тело кое е формирано на последната Седница на Советот на Општина Делчево со мандат од четири години. Новото раководството на Советот за социјална заштита беше избрано со консензус, а за претседател на новиот Совет за социјална заштита е избрана професорката Весна Димитровска.

-Ова е втор состав на Советот за социјална заштита на Општина Делчево, откако на претходниот состав му истече мандатот. Надлежностите на Советот се во насока на подобрување на состојбата на ранливите категории граѓани, следење на состојбата, преземање локални мерки и активности на полето на социјалната заштита, се вели во објавата на Општина Делчево.

Во вториот состав на Советот за социјална заштита на Општина Делчево, членови се претставници од Општина Делчево, ОВР Делчево, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална заштита, НВО-секторот и образовните институции и верските заедници.

Македонска Каменица - Заврши целосната реконструкција на внатрешните инсталации за водовод, канализација и противпожарна хидрантска мрежа во деветтолетката „Св.Кирил и Методиј“ , објави градоначалникот на Македонска Каменица Димче Атанасовски.

Градежните работи, како што се вели во неговата објава, опфаќаат комплетна промена на целата водоводна и канализациска мрежа, како и надоградена противпожарна хидрантска мрежа. 

Тирана - Успешно е завршена реставрацијата на трите икони од познатиот македонски зограф Дичо Зограф, кои се чуваат во Националниот историски музеј во Тирана, информираше Националниот институт за културно наследство на Албанија на  официјалната страна на Фејсбук.

Станува збор за иконата „Свети Атанасиј“ и „Свети Харалампиј",  двете изработени во 1855 година, како и „Свети Никола“ изработена во 1859 година.

- Благодарение на посветената работа на реставраторите на лабораторијата на Националниот институт за културно наследство на Албанија, усоешно заврши реставрацијата на трите икони кои биле дел од иконостасот и внатрешноста во црквата „Свети Никола“ во Елбасан (XVII-XVIII век). По нејзиното уривање во 1969 година беа попишани и пренесени во фондот на Заводот за споменици на културата, а потоа во 1999 година во фондот на Националниот историски музеј.

Скопје - Градоначалничката Данела Арсовска и Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григоријан, денеска учествуваа во голема заедничка акција за садење на 1500 дрвја и садници во новата Ботаничка градина во Скопје, која се простира на 12.600 квадратни метри. Оваа акција за садење поддржана од УНДП е од огромно значење за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух и справување со климатските примени, во рамки на заедничките заложби за заштита на животната средина во Скопје. 

Гевгелија - Младите гевгеличани го избраа проектот за поставување на смарт клупи во Општината како приоротетен за реализација од страна на локалната самоуправа. Таквата одлука е донесена во рамки на вториот настан во рамки на Проектот на Агенцијата за млади и спорт за младинското учество и вклучувањето на младите во донесувањето одлуки на локално ниво во областа на животната средина и климатските промени, поддржан од УНИЦЕФ.

Како што информираа од Општината, изборот на еко-решение, од страна на стручен експерт било презентирано идејното решение на проектот за поставување паметни смарт-клупи на подрачјето на општина Гевгелија, којшто Локалниот младински совет на Општина Гевгелија и младите членови во младинските организации го избрале како приоритетен.

Скопје - Општина Аеродром го објави повикот на избор на стратешки партнер кој преку јавно приватно партнерство треба да го реализира проектот „Смарт Аеродром“. Проект, кој претставува сеопфатен напор за беспрекорно интегрирање на напредните технологии во нашата општина, во насока на подобрување на различните аспекти на секојдневното живеење. Трошоците за реализација на проектот во целост ќе ги има приватната компанија, а Општина Аеродром освен што нема да има финансиски импликации за истиот, ќе оствари и заштеда на електрична енергија, а со тоа и заштеда на средства.

Паметни светилки на територијата на целата општина кои треба да го решат проблемот со осветлувањето во Аеродром и да влијаат на заштедата на електрична енергија, електрични тротинети и велосипеди кои ќе ја зголемат мобилноста на граѓаните, а со тоа и кон намалување на загадувањето, дигитални дисплеи преку кои граѓаните ќе се информираат за работата на општината, бесплатни зони за интернет и полначи за електрични автомобили се само дел од придобивките за граѓаните на Аеродром кои ги предвидува проектот „Смарт Аеродром. Освен тоа, тој ќе влијае и на остварување на стратешките приоритети преку подигнување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, придонес за почиста и позелена општина и директното влијание кое „Смарт Аеродром“ ќе го има на квалитетот на живеењето во општината.

Кавадарци - Амбасадорката на Кралството Шведска Ами Ларсон Џаин и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации  Армен Григорјан денеска беа во посета на општината Кавадарци.

Од Кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев информираа дека целта на посетата беше презентација на опремата која Шведската амбасада ја донира во општината Кавадарци и е дел од проектот „Справување со загадување на воздухот“.

- Станува збор за проект финансиран од Шведска и имплементиран од УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање. Се спроведува во пет пилот општини во Македонија,  ќе се фокусира на откривање и мерење на изворите на загадување на воздухот, како и на идентификување, планирање и имплементирање на соодветни мерки за справување со загаденоста. Проектот е финансиран од Шведска амбасада,  а имплементиран од УНДП во вредност од 10.000.000 денари, додека опремата која се донира за Општина Кавадарци е во вредност од 850.000 денари, соопштија од Кабинетот на Јанчев.

Тетово – „Зајакнување на жените во Северна Македонија: Инклузивност и иновација во претприемништвото“ е насловена конференцијата која ја организира денеска Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) од Тетово, што е дел од проектот за поддршка на повеќе жени во претприемништвото и иновациите.

Конференцијата е поделена на повеќе теми – како жените да бидат поуспешни во претприемништвото, жените кои ја предводат промената во циркуларната економија и одржливиот бизнис и жените во технологијата.

Ректорот на УЈИЕ Абдулменаф Беџети смета дека државата е таа која треба да ги гради основите за да има жени претприемачи.

Крива Паланка - Саемот на средни стручни училишта што се одржа во Европската куќа Крива Паланка ги презентираше достапните стручни насоки за развој и усовршување на вештини на деветтодделенците што своето средно образование ќе го продолжат во стручните паралелки што им нудат дуално образование во Крива Паланка и Куманово.

-Нашето кривопаланечко средно училипте „Ѓорче Петров“, со бројни признанија за најчисто и најбезбедно училиште, се претстави со достапните медицинска, градежна струка, електро-техничка струка, угостителска насока, професии што се дефицитарни и барани на пазарот на труд, а  истовремено се изучуваат во средното образование во градот низ пракса благодарение на дуалното образование. Исто така на овој базар на  вештитни и саем за промоција на стручно образование  своите стручни насоки ги презентираа и  СОУ „Перо Наков“, ОСТУ „Наце Буѓони“ и ССОУ „Киро Бурназ“ Куманово, со цел присутните млади од основните училишта од општините од североистокот да можат детално да се запознаат со истите, за понатамошно насочување на нивната образовна надградба, информираат од Европската куќа Крива Паланка.

Битола - Знаеме дека, не може се да се направи одеднаш и преку ноќ, во една специфична политичка ситуација, со која локалната самоуправа се соочува за првпат, во изминатите две години, но се менуваат и подобруваат условите во Општина Битола, истакна градоначалникот Тони Коњановски.

На брифинг со новинарите, Коњановски потсети дека во Битола се гради и реконструира патната инфраструктура, се уредуваат јавните површини, се реализираат нови проекти кои ќе донесат подобри услови во урбаниот и руралниот дел на општината.

-Во досегашниот период извршивме изградба, реконструкција и рехабилитација на коловоз во урбаниот и руралниот дел во должина над 20 километри, а активностите продолжуваат се додека временските услови го дозволуваат тоа, извршивме реконструкција на постоечката и изведба на нова водоводна мрежа, уредивме 6 детски паркови, реконструирано е едно кошаркарско игралиште во Брусничка населба и ракометно игралиште во ОУ „Коле Канински“.

Остани поврзан