• среда, 25 март 2026
МИА Општински пул

31јули 2025 

Битола - Работата на Основното јавно обвинителство Битола од денес во борбата против најтешките и најсериозните облици на криминал ќе користи нов Истражен центар.

На промотивниот настан во ОЈО Битола, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски истакна дека очекува и петтиот истражувачки центар, по веќе отворените во Скопје, Тетово, Куманово и ОЈО ГОКК кои работат со полн капацитет, да даде видливи и мерливи резултати.

Куманово - Во пресрет на големиот празник Илинден во Куманово ќе се одржи тридневен коњички марш кој почнува денеска, а ќе заврши на 2 август, најави Иван Цветковски од кумановското село Тромеѓа. Тој ги покани кумановци да ги пречкаат јавачите. Настанот како што кажа има симболична и културно-историска вредност.

Маршот започнува денеска во 17:00 часот од црквата „Св. Димитриј“ во село Тромеѓа, коњицата ќе се движи низ населбите Карпош, Ајдучка Чешма, Перо Чичо и ќе заврши  пред училиштето во населбата Иго Тричковиќ.

Вториот ден, на 1 август, стартот повторно е закажан од Тромеѓа во 18:00 часот. Коњаницата ќе продолжи кон Доброшане, ќе финишира кај црквата „Св. Илија“. На 2 август, ќе се реализира централниот настан коњички параден марш низ улиците на Куманово. Движењето ќе започне во 18:00 часот од Тромеѓа, а свечениот завршеток е планиран пред спортската сала.

Скопје - В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска беше во посета на детските градинки „Буба Мара“ и „Срничка“ каде што летниот период се користи за нивно уредување и овие денови во објектите се работи со полна пареа.

По цели 30 години, за првпат се спроведува поголема реконструкција на главниот објект на градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче. Покрај молерисување и други тековни активности, во дел од просториите се изврши целосна санација на ѕидовите, се замени подот, а се поставува и нов современ мебел за безбеден престој на најмалите.

Исто така, активности за тековно уредување се спроведуваат и во градинката „Срничка“. Покрај тоа, во објектот „Чекорче“ во населбата Јане Сандански неодамна е отворен ресурсен центар со современа сензорна соба.

Дебар - Полициски службеници од дебарското одделение за внатрешни работи приведе жителка на Дебар, која со остар предмет му нанела повреда на сопствениот син.

- Вчера во 17 часот, полициски службеници од ОВР Дебар ја лишиле од слобода 62-годишната Т.В. од Дебар затоа што околу 15:30 часот при расправија во семејниот дом со остар предмет замавнала и му нанела повреда на нејзиниот 31-годишен син, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи- Охрид.

Скопје - Општина Ѓорче Петров информира дека оброците за децата во сите објекти на јавната установа за згрижување деца од сега се подготвуваат во централната кујна при градинката „Росица“ – под строго контролирани услови и во согласност со највисоки хигиенски и нутритивни стандарди.

Со одговорно и домаќинско управување, Општината инвестираше во подобрување на условите за подготовка на оброците преку набавка на:· индустриска печка за подготовка на кифлички и останати тестени производи, професионален миксер за месење тесто,мелница за месо, со што се гарантира свежа и безбедна преработка на месни производи.

Како што истакна градоначалникот Александар Стојкоски, „Претходно, исхраната беше обезбедувана преку приватни производители, но таквиот модел на набавка се покажа како финансиски неоправдан, а квалитетот не ги задоволуваше критериумите што Општината ги смета за приоритетни кога станува збор за детска исхрана. Затоа одлучивме да преземеме целосна контрола врз подготовката на оброците – од квалитетот на намирниците, до хигиената на просториите и опремата“.

Скопје - Општина Илинден и годинава ја продолжува традицијата за поддршка на спортот, со доделување еднократна финансиска помош за спортисти кои живеат на нејзина територија. Решенијата за финансиска поддршка беа врачени од градоначалникот Александар Георгиевски, кој истакна дека општината останува посветена на унапредување на спортот и охрабрување на младите да се вклучат во спортски активности.

„Оваа мерка има за цел да ги награди спортистите кои постигнале извонредни резултати, но и да ги мотивира останатите да се стремат кон уште поголеми успеси. Поддршката нема да застане тука – ќе продолжиме со истата посветеност и во иднина“, изјави градоначалникот Георгиевски.

Струмица - Едно лице загина, а петмина се повредени во две одделени сообраќајни несреќи кои се случиле вчера кај Богданци и на патот Струмица-Берово.

Како што информираа од СВР Струмица, вчера околу 16 часот на обиколницата кај Богданци, патничко возило „рено клио“ со гевгелиски ригистарски таблички, управувано од Љ.С. (66) од Богданци излетало од патот, а од здобиените повреди на местото на несреќата починал богданчанецот. Смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција

Скопје - Денеска, во раните утрински часови во координирана акција на инспекциските служби на Општина Центар и Министерството за внатрешни работи, беше расчистен јавниот простор спроти зградата на „Нова Македонија“, познат и како Паркот на новинарите.

Акцијата беше спроведена по теренска проценка и по пријава од страна на центарци, кои изразија сериозна загриженост за безбедноста и изгледот на просторот. Жителите пријавија случаи на нарушување на јавниот ред и мир, поставени шатори и физички пресметки, за кои постојат и видео-снимки кои се доставени до општината.

Остани поврзан