МИА Општински пул
- МИА Општински пул
31 октомври 2025
Струмица - Делегација предводена од директорот на НУ „Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица“, Бранко Ѓоргиев, присуствуваше на координативен состанок во Гумениса, Република Грција, во рамките на проектот за изработка на покривна конструкција на термалното римско лекубалиште во Банско, кај Струмица, финансиран преку Интеррег програмата на Европската Унија, соопштија денеска од оваа установа.
Како што се наведува во соопштението, целта на состанокот била усогласување на активностите поврзани со реализацијата на проектот за изработка на покривна конструкција над термалното римско лекувалиште во Бањско, еден од најзначајните археолошки локалитети во регионот.
-На средбата беа разгледани тековните проектни активности, техничките решенија и роковите за нивна реализација, со цел обезбедување долгорочна заштита и промоција на културното наследство, се наведува во соопштението.
Кавадарци - Кривични пријави против две вработени во училиште во Кавадарци биле поднесени од страна на полицијата, под сомнеж за „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, потврдија попладнево за МИА од Секторот за внатрешни работи Велес.
Оттаму информираа дека денеска ОВР Кавадарци до ОЈО Кавадарци поднел кривична пријава против В.Т.(47) и М.Т.(52), двете од Кавадарци, поради постоење основи за сомнение за сторени кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ по член 251 и „злоупотреба на лични податоци“ по член 149 од Кривичниот законик.
-Имено, В.Т., вработена како наставник во училиште во Кавадарци, прво на 04.09.2025, во една од училниците, на службен лап топ компјутер го затекнала отворен приватниот профил на социјална мрежа на една колешка и неовластено фотографирала приватни разговори, со цел да ги пренесе на М.Т., директорка на училиштето. Исто така, В.Т. успеала да ја пронајде и лозинката од профилот на оштетената, по што на 05.09.2025 и 07.09.2025, повторно неовластено фотографирала лични пораки и ги дала на М.Т., која пак ги праќала на други колеги. На 19.09.2025, на наставнички совет што се одржал во училиштето, откако оштетената укажала дека непознато лице фотографирало нејзини приватни разговори кои се пратени до други лица, М.Т. и се заканила дека доколку пријави, сите пораки што ги поседува ќе ги испратела до други колеги, појаснија од СВР Велес.
Битола - Претседателот на Општинската изборна комисија (ОИК)-Битола, Игор Талевски денеска на градоначалникот Тони Коњановски му врачи Уверение со кое официјално го почна вториот мандат за раководење со општината.
Нашиот град заслужува да има иднина, заслужува да биде поквалитетно место за живеење и заслужува да се движи напред, истакна реизбраниот градоначалник Коњановски кој победи во првиот круг од локалните избори.
- Зад себе оставам мандат со четири години посветена работа во интерес на граѓаните на Битола. Кога ќе направам ретроспектива на изминатите 4 години, во кои се реализирани стотици проекти кои донеле подобар живот во општината и подобри услови за граѓаните, не можам, а да не бидам горд. Во следните четири години, очекувам дека ќе дојдат резултатите со кои ќе се заокружат најголемиот дел од сегашните проекти и од еден град кој пред само неколку години беше слепо црево, Битола ќе си го врати својот препознатлив сјај. Битола и битолчани го заслужуваат тоа, посочи Коњановски.
Во првата изјава по реизборот, Коњановски нагласи дека ќе продолжи со транспарентна работа и очекува владина поддршка за локалните проекти.
Куманово - Кандидатот за градоначалник од Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски на денешната прес-конференција ги повика кумановци на 2 ноември масовно да излезат и да гласаат за бројот 2. Тој кажа дека изминатиов период реализирал 800-тини проекти и најави реализација на двојно повеќе.
- Пред самиот завршеток на кампањата за избор на следниот градоначалник на општина Куманово ви се обраќам од овде, од малиот градски плоштад, на оваа прекрасно место во градот да излезете во недела направете го вистинскиот избор, бидејќи Куманово продолжува да се развива и да се гради. Куманово заслужува континуитет, Куманово не заслужува импровизација, рече Димитриевски.
Тој кажа дека граѓаните од различните делови од градот се сложуваат дека постојано се работи.
- Одам во текот на кампањата, во селата ми велат работиш само во градот, одам во градот ми велат работиш само во селата. Одам кај моите Албанци, ми велат работиш кај Македонците, одам кај моите Македонци, Срби велат работиш само кај Албанците, но едно е јасно сите велат дека работам, рече Димитриевски.
Крива Паланка - Утре во Општина Ранковце за гласање во вториот изборен круг пријавени се вкупно 72 болни изнемоштени.
На изборите во недела, жителите на Општина Ранковце ќе гласаат на 13 избирачки места. Во Ранковце право глас имаат 2.921 граѓани запишани во единствениот Избирачки список.
По првиот круг од локалните избори одржани на 19 октомври, граѓаните на Општина Ранковце ќе одбираат градоначалник помеѓу кандидатите Даниел Крстевски од „Коалицијата локални избори 2025 СДСМ“ и Даниел Павловски од Коалицијата „Твоја Македонија“ преводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Крива Паланка - Општина Крива Паланка ќе изработува студија на случај за креирање мерки за подобрување на системот за управување со отпад, во рамки на проектот „Вклучување на родовата перспектива во испораката на локални услуги низ Југоисточна Европа”.
-Општина Крива Паланка беше избрана на јавниот повик на ЗЕЛС за изработка на студија на случај за креирање мерки за подобрување на системот за управување со отпад, во рамки на проектот како и имплементација на истата, „Вклучување на родовата перспектива во испораката на локални услуги низ Југоисточна Европа” што се спроведува преку НАЛАС (мрежа на асоцијации на локални власти во југоисточна европа), со финансиска поддршка од UN Women и експертска поддршка од ЗЕЛС. Како дел од активностите на проектот во општината се одржа работна средба на која прусуствуваа претставници од ЗЕЛС, од НАЛАС, од локалната самоуправа и координаторката за еднакви можности, кои дискутираа за конкретни предлози што ќе бидат опфатени и беа разгледани мерки за подобрување на системот за управување со отпад. Разговорите беа насочени кон идентификување на активности и мерки, со цел, процесот да стане поефикасен, поодржлив и поправеден, преку активно вклучување на жените и мажите во сите фази на донесување одлуки и спроведување на активности на локално ниво, информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.
Кавадарци - Дигитализација во земјоделството, беше темата на регионалниот настан што денеска беше одржан со производители на грозје во Кавадарци. Пред присутните лозари од поширокиот регион, беше подвлечено дека дигитализацијата не е иднина, туку сегашност.
- Настанот е во насока на унапредување на конкурентноста на агро-прехранбениот сектор и забрзување на неговата дигитална трансформација, организиран од Сојузот на стопански комори на Македонија, во соработка со INNOFEIT EDIH, беше истакнато на настанот.
Притоа беше подвлечено, дека главна цел е да се претстават можностите за воведување дигитални алатки и технологии што директно го подобруваат работењето.
- Разговаравме за проблемите со кои се соочуваат, како може тие проблеми да се надминат преку бесплатни дигитални решенија за кои може заеднички да се аплицира. Решенија против болести, за Зголемување на приноси, намалување на користење работна рака, решенија за поголема конкурентност и излез на странски пазари, појасни Весна Кузмановиќ, претставник од Сојуз на стопански комори.
На средбата беше кажано дека проектот е финансиран од Европската унија со вклучени и други факултети и компании, а со 50 проценти учествува и државата.