• четврток, 04 декември 2025
МИА Општински пул

1 декември 2025 

Кавадарци - Лишено е од слобода лицето што му се заканувало на кавадаречкиот градоначалник, и е спроведено во притвор, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес. 

-Во саботата во 18:20 часот во ОВР Кавадарци e задржан Н.Ј.(32) од Кавадарци, кој во 14:25 часот е лишен од слобода на подрачје на СВР Битола, а бил баран по централен распис од ОВР Кавадарци поради основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ казниво по член 144, „демнење“ по член 144А и „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ по член 394Г од Кривичниот законик, за што му се поднесени кривични пријави.

Тој е изведен пред судија на претходна постапка во Основен суд Кавадарци, кој му изрече мерка притвор во траење од 30 дена, по што бил спроведен во Казнено - поправната установа Затвор Гевгелија за издржување на мерката притвор, соопштија од СВР Велес. 

Претходно, синоќа, Јавното обвинителство информираше дека три лица биле обвинети за закани и загрозување на сигурноста на градоначалникот на Кавадарци, за еден бил предложен притвор. 

- Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинение против три лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик, додека првообвинетиот од нив се товари и за продолжено – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г., соопштија од Обвинителството. 

Куманово - Во Занаетчискиот дом во Куманово, вечер со почеток во 19 часот ќе се одржи промоција на документарниот филм „Три манастирски цркви во Кумановско, од преродбенскиот период“, на авторката Валентина Андреиќ, виш кустос и историчар на уметноста во Музеј – Куманово.

Во филмот се опфатени црквите „Св. Ѓорѓи“ во бељаковскиот манастир, „Св. Ѓорѓи“ во градишкиот манастир и „Св. Богородица“ во манастирот Забел. Прикажани се архитектонските особености, како и иконописот и фрескоживописот изработени од познати македонски зографи.

Документарниот филм ја доби наградата „Златна плакета – Камера 300“ на 33. издание на Меѓународниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“ во Битола.

Андреиќ во изјавата за медиумите, вели дека нашата земја има богата историја, длабока духовност и исклучително културно наследство. Периодот на преродбата бил време на сложени историски и општествени услови, но и време на промени. Тогаш заживеала економијата, а интензивно почнало да се гради нова црковна архитектура, како и да се обновуваат постарите верски објекти. Таков е случајот и со црквите опфатени во овој документарен филм.

Штип - Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, е избран за претседател на Советот на градоначалници на Источно планскиот регион (ИПР). Во Штип денеска се одржа конститутивната седница на Советот, а во овој Совет се вклучени новоизбраните градоначалници на 11 општини од Источно планскиот регион.

-За мене како нов претседател на регионот и за моите колеги градоначалници приоритети ќе бидат сите оние регионални проекти, кои и до сега беа како проблем, меѓутоа од повеќе причини не се реализирани. Но и сите нови идеи и предлози со кои ќе бидат засегнати повеќе општини од источниот регион, вели Тоневски.

Градоначалниците од 11 општини од источниот регион  денеска одржаа и конститутивна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Источно планскиот регион. Изградбата на регионаланата депонија во светиниколското село Мечуевци останува приоритет кој треба да биде завршен во наредните години.

-Се надевам дека во овој мандат конечно ќе се реши проблемот со изградбата на регионалната депонија, која е еден од најголемите проблеми, не само во нашиот регион, туку на ниво на цела држава, изјави Тоневски.

Битолa - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, патрониот празник ќе го одбележи со завршниот настан од одбележувањето на 80 години од кодификацијата на стандардниот македонски литературен јазик.

На прес конференција во Битола, ректорот Игор Неделковски изјави дека УКЛО одлучиле подготовката на уметничкиот перформанс „Слово Љубве“ да ја доверат на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“

-Нашата држава во текот на годината организираше повеќе настани на различни локации во земјава, а завршната свеченост од одбележувањето на 80 години од кодификацијата на стандардниот македонски литературен јазик ќе се одржи во Битола. Во рамки на повеќедневните празнични настани, УКЛО ќе приреди промоција на доктори на науки и тркалезна маса за меѓууниверзитетската соработка во рамки на Асоцијацијата на универзитети од јадранско-јонската група земји УНИАДРИОН, посочи ректорот Неделковски.

Штип – Поплавите во Општина Чешиново-Облешево се ставени под контрола. Кризниот штаб утринава заседавал со цел да се преземат мерки, кои ќе им помогнат на граѓаните чии дворови, подруми, но и земјоделски култури беа под вода, откако се излеја Кочанска река и каналите за наводнување и одводнување во населените места.

Градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево Јорданчо Костадинов, кој денеска присуствуваше на конститутивната седница на Советот на градоначалници на источно-планскиот регион во Штип вели дека општината заедно со Црвен крст ќе обезбедат питка вода за граѓаните на населените места, кои викендов беа зафатени со поплави. Овие населени места не можат да ја користат водата од бунарите бидејќи е загадена, откако се измешаа атмосферската со водата од канализациската мрежа.  

 -Утрово заседаваше кризниот штаб, ги повикавме сите надлежни институции и дадовме насоки на кој начин ќе продолжиме да постапуваме во врска со поплавите кои ја зафатија територијата на нашата општина. Во моменотот ќе направиме акција за доставување на вода за пиење, вели Костадинов.

Тој додаде  со тешка механизација на компанијата „Бехтел и Енка“ ќе се пристапи и кон расчистување на коритото на Кочанска река со што се очекува поплавите да бидат минато, ќе се чистат и каналите за наводнување и ќе се врши и дезинфекција во училиштата.

Дебар - Поширокиот дебарски регион е познат по обилните врнежи од дожд, снег, лавини и одрони, што бара максимална подготвеност на Дебарската секција, на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта, со цел за да се овозможи безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата.

Од секцијата потврдуваат дека се подготвени за претстојната зимска сезона, како со потребната механизација, така и со абразивен материјал.

-Моментно во пунктот кој се наоѓа во село Долно Косоврасти имаме 150 тони сол и 180 кубни метри ризла. Сметаме дека се доволни, но во случај на потреба ќе набавиме дополнителна количина абразивен материјал. Располагаме со потребната механизација а од почетокот на ноември работиме според зимско работно време, што подразбира 24-часовно дежурство, потврдуваат за МИА од секцијата.

По обилните интензивни врнежи од дожд, минатата седмица, на патиштата во овој регион, имаше чести одрони од камен, ги има и понатаму но тие се поретки. Поради тоа, но и ниските ноќни и утрински температури, кои предизвикуваат голомразица на осојничавите места, се препорачува многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација.

Гостивар – Градежна механизација при изведување на ископ оштети две доводни цевки на водоводот кој го снабдува Гостивар и околните населби. Од ЈП „Комуналец, претпријатието кое управува со водоводниот систем информираат дека станува збор за голем дефект и не можат да кажат кога ќе се нормализира водоснабдувањето. Првично, станува оштетување на збор за едната главна цевка со дијаметар 500 мм и уште една помошна со 200 мм кои носат вода од изворот на Вардар до корисниците.

- Како резултат на оштетување на главниот цевковод на водоводната мрежа во Гостивар, предизвикано од ископи од страна на механизацијата на Бехтел & Енка, изведувачот на автопатот Коридор 8, без претходно известување, настана оштетување на главната цевка, поради што ќе има привремен прекин на водоснабдувањето на целата територија на градот Гостивар, стои во соопштението на ЈП „Комуналец“.

Оттаму велат дека нивни техничките екипи се на терен и работат на санација на оштетувањето. Од ЈП „Комуналец“ препорачуваат водата која сè уште ја има во системот да не се користи за пиење, бидејќи нема потврда за нејзината безбедност и бактериолошка и физичко хемиска состав. 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан