• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

11 ноември 2025 

Куманово - Со полагање цвеќе на Спомен костурницата, свечена седница на Советот и бројни културни манифестации, Куманово одбележува 81 година од ослободувањето и 506 години од своето постоење.

Претставници од општината, од институциите, установи, амбасади, од збратимени градови денеска ќе положат цвеќе на Спомен косурницата. Годинава, наместо традиционалните „Ноемвриски награди“, на свечената седница на Советот ќе бидат врачени благодарници, поради тоа што сè уште не е одржана конститутивната седница на Општината.

Во рамки на празничната програма, вчера се одржа концерт со музички ѕвезди од Македонија, на кој граѓаните заедно го прославија Денот на ослободувањето – 11 Ноември, на која се обрати и градоначалникот Максим Димитриевски.

Претходно беше отворена традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници 2025“, во чест на празникот 11 Ноември. На изложбата беа презентирани дела од 23 академски ликовни уметници. Во рамки на одбележувањето, општината организираше свечен прием за претставници од збратимените градови, на кои претставниците на локалната власт разговараа со претставниците на неколку градови, укажувајќи на долгогодишната соработка е гордост, и можноста за размена на нови идеи и идни проекти важни за граѓаните.

Куманово - Тим од кумановски хирурзи, ортопеди и трауматолози од јавната здравствена установа Општа Болница Куманово, од денеска почна со примена на нова и современа оперативна техника наменета за третман на проксимални фрактури на бутната коска со механизам на двојна компресија.

- Нашиот тим на хирурзи, ортопеди и трауматолози е обучен за примена на оваа најнова технологија која претставува значителен напредок во третманот на трауматолошки повреди. Оваа техника претставува третман на интрамедуларни фрактури со двоен компресивен механизам и истата придонесува висока биомеханичка стабилност, оптимална компресија и најважно за пациентите, брза постоперативна мобилизација, изјави директорот на болницата, Сашо Стошевски.

Оваа е само прва фаза во која се планира болницата да стане регионален центар за североисточниот дел на Македонија.

- Имаме амбиции да прераснеме во национален центар за проксимален фемур. ЈЗУ Општа болница Куманово бележи континуирана посветеност кон унапредување на хируршките методи и подобрување на грижата за пациентите. Се стремиме да бидеме лидери во примената на иновативни технологии кои овозможуваат подобри резултати и поквалитетен живот на пациентите, вели Стошевски.

Битола - СВР Битола во координација со Одделот за криминалистичка полиција поднесе кривична пријава против С.Г. (54) од Прилеп и С.И. (31) од Крушево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“.

Од Секторот за односи со јавност при СВР Битола информираат дека на 25 август годинава во Битола, пријавените довеле во заблуда 88-годишна жена од Битола така што телефонски и со лажно претставување ја известиле дека нејзиниот син предизвикал сообраќајна несреќа во која прегазил осумгодишно дете, а нејзиниот син и неговата сопруга биле повредени, а доколку сака да го спаси синот од кривичен прогон, требала да им даде 72.500 денари. Откако ги зеле парите, пријавените заминале, а оштетената подоцна сфатила дека е измамена.

Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности и измамниците се пронајдени и лишени од слобода, по што е поднесена кривична пријава, потврдија од СВР Битола. 

Битола - Француското Министерство за Европа и надворешни работи додели високо признание за средното општинско училиште, Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола.

Од Почесниот конзулат на Република Франција во Битола потврдија дека станува збор за брендот LabelFranceEducation кој на посебна церемонија ќе биде претставен и врачен во овој град.

-Оваа година битолската Гимназија одбележува 20 годишнината од реализацијата на двојазична франкофонска настава во гиманзијата. Поводно за јубилејот, францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер на гимназијата ќе и го врачи брендот LabelFranceEducation што  го доделува Француското Министерство за Европа и надворешни работи како признание  за извонредност на двојазичните франкофонски паралелки во странство, информираа од Почесниот конзулат на Франција во Битола.

На свечена церемонија со пригодна програма, пред претставници од општественото и културното живеење на градот, Гимназијата на 13 ноември во битолскиот Офицерски дом ќе го презентира своето дведецениско успешно интегрирање на францускиот јазик во  едукативниот процес.

Гевгелија - Во рамки на ноемвриската програма на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, љубителите на танцовата уметност вечер ќе имаат можност да уживаат во Балетскиот концерт „Моќта на танцовата уметност“, кој ќе се одржи во Народниот театар- Гевгелија, информираа од Општината.

Носител на проектот е ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје, една од најреномираните уметнички образовни институции во државата, чие гостување во Гевгелија се реализира во соработка со Домот на културата „Македонија“.

Во информацијата се наведува дека публиката ќе има можност да го проследи Годишниот концерт на балетскиот оддел со настапи на учениците, кои со својата посветеност, дисциплина и љубов кон уметноста, создаваат сцена исполнета со емоции, радост и гордост.

-Секое движење, секој чекор и израз ќе биде приказна за трудот и талентот на овие млади балетски уметници, кои со својата изведба го претвораат танцот во вистинска уметничка моќ, се додава во информацијата.

Демир Хисар - Општина Демир Хисар во соработка со домот на културата „Иван Мазов Климе” од Кавадарци, денеска  во локалниот дом на културата „Илинден“ ќе приредат ликовна изложба.

За културната јавност во Демир Хисар ќе бидат презентирани ликовни дела од меѓународната ликовна колонија „Михајлово - Кавадарци”, најавија од тамошната локална самоуправа.

Ликовната колонија „Михајлово – Кавадарци“ годинава се одржа по 29-ти пат, а во Демир Хисар гостува прв пат и токму затоа владее голем интерес за промотивниот настан, нагласија од секторот за односи со јавност на Општина Демир Хисар. 

Остани поврзан