• сабота, 06 декември 2025
МИА Општински пул

Куманово - Има интерес за запишување на ученици во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, соопштија денеска надлежните од интернатот. Во моментот, иако, не тече конкурсот има заинтересирани кои ја обновуваат потребната документација за упис во домот.

-Во првиот уписен рок запишавме само 12 ученици, но имаме и ученици со некомплетирани документи. Вториот уписен рок официјално почнува од 15 август. Очекуваме учениците да ги обноват и да се запишат. Генерално се збалежува изминативе години намален број на ученици. Конечната бројка би ја имале некаде септември, иако според конкурсот огласот е отворен цела година до пополнување на капацитетот на ученичкиот дом, изјави директорката на домот, Љубица Павловски.

Во Ученичкиот дом пред неколку години целосно е реновирана внатрешноста, врати, прозорци, соби, тоалети и надворешноста. Од неодамна, домот се затоплува на гас.

-Имаат три свежи оброци кои секојдневно се приготвуваат, пинг-понг сала, библиотека, интернет, компјутери, се што е неопходно млад човек да функционира, изјави Павловски.

Во домот најмногу ученици има од другите градови од североисточниот регион и од селата од Куманово.

Куманово - Кумановската полиција приведе пет лица на возраст од 19 до 32 години заради тепачка во угостителски обејкт во кумановски „Гарнизон“, соопшти денеска СВР Куманово.

-Денеска во 00:10 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода Р.А. (26), Х.Р. (21), З.Е. (22), А.Р. (32) и Ш.Ш. (19) сите од Куманово, затоа што во угостителски објект на улицата „Гоце Делчев“ во Куманово физички нападнале неколку лица и оштетиле инвентар во објектот, соопшти полицијата.

Лицата се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави. 

Кочани - Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани потпиша договор за донација со Агенцијата за електронски комуникации вреден 1,2 милиони денари.

Овие средства, според в.д. директорката на кочанската Националната установа, Габриела Стефановска, се наменети за набавка на современа и мобилна кино опрема, која ќе ги замени дотраените и стари речиси 60 години проектори и платна што датираат уште од основањето на Установата.

-Кочанчани наскоро ќе добијат квалитетни кино - проекции, благодарение на чувството за општествеа одговорност на АЕК. Целта на донаторите е да се овозможи креирање на редовен репертоар на филмски проекции и враќање на публиката пред големото филмско платно, особено по трагедијата што му се случи на Кочани на 16 март. Сметаме дека ова е еден од начините за заздравување на младите преку збогатени и разновидни културни содржини со современа техника на кино проекции, нагласи Стефановска.

Повозрасната публика во Кочани со носталгија се потсетува на 70- е, 80-те и почетокот на 90-те години на минатиот век, кога проекциите на новите филмски остварувања на големо платно во тогаш Домот на културата „Бели мугри“, од нив се доживувани како едни од главните културни настани во градот.

-Со помош на АЕК и помладите генерации ќе имаат можност да ја почувствуваат магијата на филмското платно, вели в.д. директорката на  ЦК „Бели мугри“ од Кочани, Габриела Стефановска.

Куманово - Уште еден случај на затруено дете во Куманово, евидентира кумановската полиција. Станува збор за четиригодишно дете, случајот во полицијата го пријавиле од кумановската болница.

- Вчера, во 22.42 часот во СВР Куманово од општа болница Куманово било пријавено дека кај нив било донесено затруено четиригодишно дете од Куманово, соопшти СВР Куманово.

Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

- Детето е примено вчера на педијатрија, по извршениот преглед од страна на дежурниот лекар, стабилизирано е и однесено е на клиника во Скопје. Во моментот е во стабилна состојба. Детето е затруено со консумирање на непозната течност, најверојатно детергент. По извршената детоксикација на Клиниката ќе биде пуштено дома, изјави директорот на Општата болница во Куманово, Сашо Стошевски.

Во јули, годинава имаше два случаи на затруени деца со лекови, прво едногодишно бебе од липковското село Отља, а неколку дена подоцна и десетмесечно бебе од Куманово.

Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, изврши увид во градежни зафати во ООУ „Круме Кепески“, каде во пресрет на новата учебна година се работи на значајно подобрување на условите за учениците и наставниот кадар, соопшти Општина Кисела Вода. 

Со уреден влез, нова урбана опрема, освежени и реконструирани училници, замена на подови и поправка на оштетената фасада, ова училиште, како што наведуваа од Оштината, добива нов изглед и унапредени услови за работа.

-Основните училишта во Кисела Вода се подготвени да ги пречекаат учениците на почетокот од новата учебна година, со подобрени услови. Во ООУ „Круме Кепески“ се изведуваат значајни градежни зафати сѐ со цел да се подобри образовниот процес.  Влезот е уреден со павер елементи, а дворот доби нова урбана опрема. Освежени се со боја и реконструирани 7.500 квадратни метри ѕидови во десет училници и ходници. Набавени се нови клупи и столчиња, а во тек е замената на стариот под со нов PVC. Поправена е и фасадата, која претходно беше оштетена од несовесни граѓани, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски. 

Скопје -  Вработените од друштвата со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“, кои се фирми-ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје и денеска повторно излегоа на протест поради неисплатени две плати и тоа што немаат здравствено осигурување. Два часа го блокираа булеварот „Илинден“. 

Претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија) Стојанче Кашиковски информира дека биле неуспешни нивните напори да издејствуваат од раководството на  ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје исплата на овие две плати и здравственото осигурување.

-Вработените од овие две фирми - „Флораком“ и „Луна“ во текот на вчерашниот ден беа соочени и со притисоци од раководството на „Паркови и зеленило“ - Скопје да не излегуваат на протест, односно да не бараат остварување на правото на исплата на плати. Ние, како Синдикат СУТКОЗ, кој е единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности, од понеделник во судовите ќе поднесеме соодветни поднесоци, односно кривични пријави и тужби против директорот на „Паркови и зеленило“ поради тоа што со неисплатата на платите и со здравственото осигурување на вработение во овие две фирми и на нивните семејства им е загрозено здравјето и нивниот живот, изјави Кашиковски.

Дебар - Делегација на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), заедно со Ристо Дурловски – претседател на „Обединети Македонци“ од Канада, во живописното село Глобочани, Општина Пустец, му оддадоа почит на големиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе, во чест на 111-годишнината од неговото раѓање.

-Положивме цвеќе на неговата биста, оддавајќи почит на животот и делото, што оставија траен белег во културната историја. Глобочани и Преспа со право се горди што на Албанија ѝ дадоа еден бесмртен писател, чии што дела се вградени во темелите на албанската книжевност и го осветлуваат придонесот на Македонците во албанското општество, рече за МИА Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.

Според него, колосот на современата албанска литература, Стерјо Спасе, преку своите дела инспирираше и едуцираше цели генерации Албанци, секогаш гордо истакнувајќи ги своите македонски корени.

Kумановo - Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ - Куманово почна со обележување на хоризонталната сигнализација во населбите во Куманово. За хоризонтална сигнализација, претпријатието од општината добила два милиони денари, соопштија денеска од претпријатието.

-Моментално одбележуваме во населбата „Карпош“, претходно е завршено во населбата „Гоце Делчев“. Завршено е централното градско подрачје, со приоритет на улици со училишта, градинки, установи, институции, изјави директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски.

Од претпријатието апелираат на разбирање и трпение кај возачите и граѓаните при реализација на програмата.

Тој е задоволен од екипите кои ја извршуваат програмата и очекува со ребаланс во ноември да бидат одвоени дополнителни средства за оваа намена.

Претпријатието има делегирани надлежности по програма на Општина Куманово. Самата хоризонтална сигнализација опфаќа бојадисување на пешачките премини, исцртување на полуиспрекинатите коловозни ленти, означување на автобуските постројки, го опфаќа и централното градско подрачје и приградските населби. 

Кратово - Втора година по ред Општина Кратово ќе организира забавна детска олимпијада што од 18 до 22 август ќе се одржи на спортскиот терен „Мусала“.

-Со радост го најавуваме настанот посветен на најмладите жители на нашата општина, каде спортот, дружбата и насмевките се во прв план. И оваа година на десетина дена пред почетокот на новата учебна година, од 18 до 22 август 2025 година во попладневните часови, спортското игралиште „Мусала“ ќе биде место каде децата ќе имаат можност да учествуваат во различни спортски и забавни активности: игри со топка, трки, игри на прецизност, фудбал, кошарка, одбојка и други, со мали изненадувања за сите учесници, информира Катерина Пешевски од Општина Кратово.

Настанот има за цел да ги поттикне најмладите да се дружат, да се натпреваруваат во фер дух, да развиваат тимска работа и да се забавуваат.

Охрид – Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски денеска направија увид во текот на градежните активности на терен долж трасата на автопатот во изградба Охрид – Кичево.

Притоа беше најавено дека се става во употреба надвозникот на клучката кај село Подмолје, со што ќе се олесни сообраќајот на тој дел од магистралните патни правци Охрид – Кичево и Охрид – Струга, а истовремено ќе овозможи и асфалтирање на втората коловозна лента на тој дел од трасата.

Премиерот посочи дека интензивно се работи на делови од патот каде има свлечишта, а истовремено се изработуваат и проекти за стабилизирање на земјиштето што е мошне важно за завршување на целата траса.

- Станува збор за неколку километри кај селото Ботун, но и оние делови каде се поврзува тунелот кај Пресека...Кај Кичево има десеттина свлечишта, ваму има шест, така што очекувам од есенва да се работат теренски активности со што целата секција од Кичево до Охрид ќе биде стабилизирана и безбедна, рече Мицкоски.

Тој изрази задоволство од сегашната динамика на активностите на терен, со нагласок дека со несмалена динамика се работи на уште три автопатски делници и тоа Тетово – Гостивар, Гостивар -  Букојчани и Прилеп – Битола, а ги посочи и покренатите јавни повици и тендерски процедури и за патните делници Блаце – Скопје и Букојчани – Кичево.

-Имаме огромна офанзива која очекувам да резултира со конечно завршување и заокружување на автопатската патна инфраструктура во Македонија, рече премиерот Мицкоски.

Teтово - Медицинскиот персонал кој со години работи со договор на дело во тетовската клиничка болница, решенија за трајни вработувања ќе добијат по локалните избори, изјави денеска во Тетово, министерот за здравство Азир Алиу.

Министерството вчера објави дека хонорарците имаат валидни договори за вработување на определено време до 31 декември 2025 година и дека е обезбедена е согласност од Министерството за финансии за вработувањата во Клиничка болница Тетово. Направени се тестирањата на кандидатите на 7 јули 2025 година, а постапката за вработувањата е ставена во мирување поради распишувањето на локалните избори.

- Во моментов заради законските пречки ќе треба да чекаме локалните избори, да поминат и понатаму да се продолжи уште последниот чекор во оваа постапка. Нема да завршиме тука, бидејќи анализите покажуваат дека во Тетово има потреба од над 300 вработени. Ние ќе отвориме и друга постапка се со цел да може да се намали тој гап меѓу потребите и услугите што ги нуди болницата, рече Алиу.

Според него, за 155 работни места се пријавиле 290 кандидати, па затоа по изборите ќе има и уште еден конкурс за вработување медицински персонал.

- Тие се дел од инфраструктурата, дел од болница во Тетово и тие веќе работат и ќе работат до тогаш, тие беа дел од процесите за да можат од нив 155 да бидат вработени. Со другите најверојатно ќе почнеме уште една процедура, бидејќи има потребите за човечки капацитети, како министерство и на болницата и ние ќе мора да работиме интензивно за тој момент да биде да биде синхронизиран со услуги, рече Алиу.

Остани поврзан