• среда, 16 јули 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  20  јуни  2025

 

Струга – Судот во Струга го прогласи за виновен градоначалникот Рамиз Мерко по обвинението за извршено кривично дело „несовесно работење во службата“, односно за сторени нерегуларности при назначувањето вршители на должност директори на општински основни училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци.

Судијата Јордан Јованов, кој го водеше процесот за стореното кривично дело на обвинетиот му изрече парична казна, во износ од сто дневни глоби односно вкупно пресметано десет илјади евра во денарска противвредност.

Образложувајќи ја пресудата, судијата Јованов истакна дека при донесувањето на одлуката и пресметувањето на висината на казната имал предвид повеќе олеснителни околности, пред се тоа што обвинетиот нема кривично досие односно не е претходно осудуван.

Меѓу другото, Јованов рече дека за разлика од претходна ослободителна пресуда каде во ревизорскиот извештај немало забелешки за набавката на луксузното возило „Ауди А6“, во овие предмети обвинетиот постапил спротивно Законот за основно образование, како и дека постојат извештаи и записници од извршен надзор од Државен просветен инспекторат со наведени членови каде е постапено спротивно законот.

- Во однос на наводите дека постои поделена одговорност меѓу градоначалник и министер во назначувањето директори, градоначалникот назначува и именува директори на општински основни училишта, како што е во предметот. Според тоа именувањето го прави градоначлникот и во решенијата стои негов потпис, рече судијата.

Сите директори, како што рече, назначувани на функцијата вд. директори во предметот се гледа дека истите не се бирани од редот на вработените, за назначувани без објавен јавен оглас, без искуство од пет години и оти се бирани едноподруго, иако така не е дозволено по закон.

- Не е спорно дека поставените директори ја вршеле работната обврска, но спорно е дали можело да бидат назначувани. Постојат правила како се прави тоа и се додека тие се во важност не смее да се заобиколуваат, истите мора да е почитуваат, рече судијата.

Имајќи предвид дека се работи за повеќе случаи, за повеќе училишта, и спротивно записниците од инспекцисниот надзор во кои е укажувано на неправилностите, се работи за продолжена процедура на назначување директори, и тоа во за повеќе лица и повеќе пати, едно лице дури шест пати едноподруго без посебно одобрение.

- Како олеснителна околност Судот ја имаше предвид ситуацијата дека во секој сектор има недостиг од кадри и дека работата морало да се реши, вработените да земаат плата, Судот истите ги ценеше при одмерувањето на видот и висината на казната. Сите тие околности, земени во склоп со фактот што обвинетиот не е досега осудуван, водат кон тоа Судот да се одлучи да го осуди на парична казна, рече Јованов.

Застапниците на Обвинителството најавија дека ќе ја обжалат пресудата.

Против Рамиз Мерко пред Основниот суд во Струга се водат уште два одвоени предмети по обвинение за назначување директор во училиштето „Браќа Миладиновци“ што е во завршна фаза, закој разврската се очекува наредниот месец. За наредниот месец судијата Јованов го закажа и рочиштето по предметот за училиштето во селото Велешта, каде има и обвинети што се товарат и за фалсификување исправа, на кое останува да се сослуша уште само еден сведок. Против Мерко се води и процес во кој тој е обвинет за незаконско поставување спомен-обележје пред општинската зграда.

Судот во Струга пред дееттина дена донесе ослободителна пресуда по предметот што против Мерко се водеше за набавката на луксузното возило „Ауди А6“ и други возила за потребите на Општината во вкупна вредност од 114 илјади евра.

Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски им додели награди на најдобрите ученици, првенци на генерацијата од сите осум основни училишта на територијата на општината. Вкупно 24 ученици, како што се наведува во соопштението на општина Кисела Вода, односно тројцата најуспешни ученици од секое училиште, добија бесплатно летување во летниот едукативно-рекреативен камп SCOUT во Охрид, додека девет од нив, кои според рангирањето имаа најголем број на поени, беа дополнително наградени со висококвалитетни очила за сонце од брендот BARNER.

Оваа активност, се вели во соопштението, е дел од јасната и доследна заложба на општината да препознае, поддржи и да ги награди трудот и знаењето кај младите, но и да создаде амбиент во кој успехот се вреднува, а учениците се мотивираат да продолжат по патот на учење и личен раст. Во соопштението се додава и дека Општина Кисела Вода, преку ваквите проекти, ја исполнува својата мисија да гради стимулативна средина во која секое дете ќе има шанса за напредок и афирмација, препознавајќи го образованието како клучна алатка за индивидуален и општествен развој.

-Ние како општина градиме систем кој ги поддржува младите и им дава поттик да се стремат кон повеќе. На овој начин не само што им ги честитаме извонредните достигнувања на овие млади луѓе, туку и испраќаме порака до сите ученици дека трудот, знаењето и истрајноста секогаш ќе бидат препознаени и наградени. Остануваме посветени на креирање услови во кои секое дете ќе има можност да расте, да се развива и да го реализира својот потенцијал. Горди сме што во Кисела Вода растат генерации што ветуваат, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. 

Скопје - Општина Центар ги информира сите граѓани кои сѐ уште не добиле решение за наплата на данок на имот за 2025 година дека можат да ги регулираат своите обврски со директно обраќање во општинската даночна канцеларија.

- Истурената даночна канцеларија значи побрза и поефикасна услуга. Целта ни е граѓаните навремено и лесно да ги завршат своите обврски, изјавил градоначалникот Горан Герасимовски, соопштија од Општина Центар.

Граѓаните преку општинската канцеларија можат да добијат решенија за данок на имот за физички и правни лица, информации за состојбата со платените решенија, можност за промена на податоци во постојни решенија (како адреса, сопственик или имотен лист), пријава на нови обврзници, допријава на имот од легализација, како и корекција на квадратурата според имотниот лист.

Канцеларијата е отворена секој работен ден, од 08:00 до 16:00 часот, во Општина Центар, барака број 5, соба 15. 

Скопје - Државниот инспекторат за градежништо и урбанизам постапувајќи во рамки на своите надлежности преку вонредна контрола направил увид во изгрaдба на објект во општина Охрид, објект кој се наоѓа во заштитетната зона на Старото градско јадро во Охрид, поточно во Старата охридска чаршија. 

- При увидот, констатирано е прекршување на одредбите од Законот за градење, односно инвеститорот вршел градежни активности без Одобрение за градење за конкретниот објект. Во рамки на своите законски надлежности Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам донесе решение број ИП 1бр 74-137 од вонреден инспекциски надзор со кое се стопира изградбата и го затвора објектот за понатамошни градежни активности. Против инвеститорот ќе се поднесат соодветни пријави согласно законските прописи, соопшти денеска Министерството за транспорт.

Најавено е продолжвуање на засилените контроли на Инспекторатот за градежништво и урбанизам и во следниот период на територијата на целата држава. 

Од Министерството за транспорт подвлеквуаат дека заштитата на Старото градско јадро на Охрид е со цел да се спречат дејства, појави и влијанија со коишто може да настане оштетување, неповратно изменување, уништување или деградирање на споменичната целина.

Старото градско јадро на Охрид е составен дел од доброто заштитено како „Охридско природно и културно-историско подрачје од 1978 година, како и од „Природно и културно наследство на Охридскиот Регион“, впишано на Листата на светско наследство на УНЕСКО во 1980 година. 

Скопје - Во насока на обезбедување на квалитетни и ефикасни комунални услуги за потребите на граѓаните и за поквалитетно одржување на јавната чистота, одржување на јавните зелени површини, општина Илинден набави работна машина за потребите на ЈКП „Илинден“, трактор со приклучна механизација, телескопска рака за косење и кастрење вегетација (мулчер), информираат од локалната самоуправа.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој денеска присуствување на промоцијата на новото возило истакна дека ќе се користи за одржување на јавните зелени површини, чистење на локалните патишта од вегетација, при што ќе се придонесе за зголемување на безбедноста во сообраќајот како и отстранување на покрупната вегетација на тешко пристапни места. 

Тој додаде дека во наредниот период за ова возило планирано е да се набави дополнителна приклучна механизација која ќе се користи за метење улици, чистење на патишта во зимски услови, пошумување и озеленување, превоз на отпад и заорување на противпожарни појаси.

-Со континуираното модернизирање и обновување на опремата на јавните комунални претпријатија се овозможува поквалитетна, побрза и поефикасна комунална јавна услуга за граѓаните, но и придонес општина Илинден денес да биде една од најчистите општина во државата и во регионот, велат од Општината.

Битола - Македонско научно друштво – Битола ја промовира поетската книга „Небо врз црвливи диреци“ од Божин М. Андоновски, кој според рецензентот Борче Панов, е извонреден лиричар кој го открива контрастот на нештата во овој свет.

На промотивниот настан во Битола, освен Панов, говореа професор д-р Златко Жоглев и професор д-р Гордана Стојаноска.

-Како извонреден лиричар Андоновски постојано ни го открива контрастот на нештата во овој свет во кој сè повеќе го снемува човекот и врз лицето на глобусот ни ја создава фантастичната метафорична слика за ветрот кој  го персонифицирал како пајак што ни ја плете црната пајажина што ни навлегува во мислите и го слушаме како гавран што нè клука како длето и во нас го ваја стравот од сето она што се случува пред сите закани на уништувањето, истакна рецензентот Панов.

Според професрот д-р Златко Жоглев „Небо врз црвливи диреци“ е поетска збирка која нуди длабоки размислувања и емоционални доживувања, претставени преку префинето избрани зборови и ритмика, додека пак според професор д-р Гордана Стојановска, книгата „Небо врз црвливи диреци“ на Божин М. Андоновски е потрага по најдлабокото чувство кое авторот го врзува со реалноста, најчесто изопачена и неретко сурова и сирова до болка.

Поезија од делото на Андоновски читаше професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на МНД-Битола која воедно го модерираше промотивниот настан. 

Берово - Во Берово продолжува замената на градското осветлување. Во своето соопштение градоначалникот Звонко Пекевски по повод оваа активност денес информираше дека нови лед светилки се поставуваат на пет улици во градот. 

-Денеска со нови лед светилки се врши замена на градското осветлување на дел од улиците ,,Маршал Тито", Задарска, Зоран Бубевски", ,,Страшо Пинџур" и  ,,Пионерска". Притоа заменети се вкупно 43 светилки, а во претстојниот период се планира да бидат заменети дополнителни 57 светилки, соопшти Пекевски.

Активноста за поставување на новото лед осветлување на споменатите улици, како што додаде беровскиот градоначалник, се реализира во рамките на Програмата за одржување на уличното осветлување, за 2025 година

- Новите светилки се подолготрајни и погодни за зачувување на животната средина и ќе придонесат за  подобрување на видливоста во вечерните часови и за  зголемување на  безбедноста на пешаците и возачите, додаде Пекевски.

Од Буџетот на општина Берово за 2025 година, согласно склучениот договор по спроведената постапка за јавна набавка, за одржување на мрежата на улично осветлување на територијата на Општина Берово, ќе бидат потрошени вкупно 955.826,00 денари.

Битола - Општина Битола работи отворено и посветено затоа што праведната транзиција е реалност и не смее да се игнорира, а последиците треба реално да се надминат, истакна Борче Димитровски, заменик претседавач на ЛЕСС и секретар на Општина Битола.

Во изјава за медиумите, Димитровски посочи дека Општина Битола активно е вклучена во патоказот на праведна транзиција, и е единствената општина што организира форуми за праведна транзиција.

-Локално економскиот социјален совет (ЛЕСС) на Битола како советодавно тело е мост за поврзување меѓу општината и институциите, ги обединува сите страни. Кога се зборува за праведната транзиција, треба да се знае дека неминовно е транзитирањето иако тој збор во нашата држава многу не го сакаме. Кога е во прашање трансформацијата на РЕК Битола и замената на производството на електрична енергија од јаглен со обновливи извори на енергија, а со тоа комплетна промена на процесот и во еден сегмент намалување на работната сила, треба да се размислува за директните и индиректните вработувања и нивна адаптација. Граѓаните не прават разлика дали праведната транзиција ја имплементира државата со посредство на ЕУ и затоа општината не може да се изземе од севкупната одговорност бидејќи станува збор за граѓани на Битола и пелагонискиот регион кој што ќе биде афектиран од целокупната ситуација. Во таа смисла, Општина Битола активно е вклучена во патоказот на праведна транзиција, ние сме единствената општина што организира форуми за праведна транзиција и ние во моментов работиме на планот на преквалификација на работниците и нови можности со нови инвестиции. Општина Битола на овој план работи отворено и посветено затоа што праведната транзиција е реалност и не смее да се игнорира, а последиците реално да се надминат, истакна Димитровски.

На работилницата во Битола, претседателот на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) Игор Ѓерасов, потврди дека се запознаени со податокот дека до 2030 година во земјава треба да се трансферираат енергетските капацитети во Битола, Кичево и ТЕЦ Неготино да произведуваат зелена енергија.

-Ние знаеме дека тоа ќе биде болен процес и во таа смисла ние како синдикат, за работните места баравме средби и информации од работодавачите и мора да признам тие не не удостоија за да знаеме каков е планот за нашите работници, членови кои работаат во овие капацитети. Се надевам со вакви состаноци ќе допреме до владата и менаџерите за да видиме каков е планот за нашите работници кои се во голем број. Ние знаеме дека зелена транзиција значи производство на зелена енергија, но ние мора да бидеме искрени и да кажеме дека тоа ќе се одрази на нашите вработени во овие комбинати. Патем на сите работилници укажуваме дека зелената транзиција освен што значи преструктуирање на комбинатите, исто така значи и затворање на работни места. Во таа смисла сега засега нема некаква загриженост за работните места, но како што времето наближува така стравот ќе биде поголем, изјави Ѓерасов.

На панел работилницата во Битола за актуелните  европски искуства во процесот на праведна транзиција говореше Корина Зиеролд, виш советник за политики и раководител за координација на праведната транзиција во Европскиот синдикат за индустрија, додека пак за социо–психолошки аспект на влијанијата од енергетската транзиција врз локалните заедници во регионите со јаглен, говореше Сашка Петровска, професорка од Универзитетот во Манчестер.

Кавадарци - Над 800 лица од повеќе субјекти надлежни во различни сегменти, активно се грижат за безбедноста на „Тиквешки гроздобер“, рече денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, на седница на Совет на Општина Кавадарци. Тој појасни дека за таа безбедност да биде на највисоко можно ниво, редовно се изработува елаборат со вклученост на повеќе страни од стручен аспект. 

- Околу шеесет илјади луѓе ја посетуваат оваа традиционална тридневна манифестација во септември месец,  за време на главната вечер.  Безбедноста ни е најважна, па затоа во целата таа организација се вклучени луѓе од Општината, јавното претпријатие „Комуналец“, полицијата, Дирекција за заштита и спасување, медицински лица, Црвен крст и слично, појасни градоначалникот. 

Тој подвлече дека станува збор за организација на манифестација, што треба да биде пример и за многу други општини во државата. 

- За тие три дена, на официјалните штандови на градскиот плоштад, се продава само вино и производи од грозје. Вообичаено имаме по околу 150 илјади посетители за тридневната манифестација. На главната вечер од „Тиквешки гроздобер“, околу 60 илјади. За три дена манифестација, се испиваат во просек по околу 30 тони вино, а во платниот промет се свртуваат околу милион евра, додаде Јанчев во изјава за МИА. 

На денешната седница, со мнозинство гласови, беше усвоена предлог програмата за годинашнава манифестација, што вообичаено се одржува првиот викенд во септември месец.

Остани поврзан