• четврток, 04 декември 2025
МИА Општински пул

5 ноември 2025 

Куманово -  Во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) и Католичката црква во Македонија, вечерва со почеток во 19 часот, во Занаетчискиот дом во Куманово ќе биде промовирана монографијата „25 години епископство на монсињор д-р Киро Стојанов“.

Како што информираа денеска од Комисијата, во рамки на програмата на промоцијата на книгата, ќе се одржи и панел-дискусија насловена како „Христијанските вредности – мост меѓу традицијата и современото живеење“ на која ќе се обратат директорката на КОВЗРГ, Оливера Трајковска, монсињор д-р Киро Стојанов, отец Гоце Костов и отец Зоран Стојанов, преку чии излагања подетално ќе биде прикажано делото и мисијата на монсињор Стојанов.

Штип - Заврши реконструкцијата на спортското игралиште во подрачното училиште на Општинското основно училиште (ООУ) „Тошо Арсов“ во штипската населба Македонка. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека повеќенаменското спортско игралиште ќе овозможи соодветни услови за часовите по физичко воспитување на учениците во ова училиште во населбата Македонка.

- Целта е овие спортски терени да ги користат што повеќе деца, ученици, рекреативци, спортисти, затоа што преку спортот ќе се изградат како здрави личности и ме радува фактот, што во изминатите четири години сите спортски терени се искористени.Претходниот период се постави тартан подлога, спортски реквизити, а игралиштето е целосно осветлено, вели Јорданов.

Куманово - Голем број настани и манифестации се дел од програмата по повод „Ноемвриските денови“ во Куманово, со кои градот го одбележува 11 Ноември – Денот на ослободувањето, информираа денеска од Општина Куманово.

Во соработка со локални организации, културни друштва и поединци, Куманово организира уметнички, спортски и културни активности кои траат речиси целиот месец ноември.

Настаните траат од почетокот речиси до крајот на ноември. Кумановци имаа можноста да ја разгледаат изложбата „Пчелна изложба“ на Филип Цветковиќ, вчера беше одбележан Денот на ромската азбука, „Пензионерите пееја за својот град“. Вечерва е промоцијата на книга од монсињор д-р Киро Стојанов и настап на културно-уметничкото друштво „Српски вез“, утре пак настапуваат КУД „Бајрам Шабани“ кои пак слават 80 години од постоењето и следува изложба на Марјан Стојановски „Асоцијативни апстракции“. Во сабота, ќе се одржат турнири во шах, стрелаштво и фудбал во училишните сали на „Перо Наков“, „Гоце Делчев“ и „Магдалена Антова. На градскиот стадион е младинскиот фудбалски турнир во организација на „Башкими“, клупски шаховски турнир и во спортската сала „Куманово танцува“. И годинава ќе се одржи турнир во мал фудбал „Пехар на градоначалникот“, уличната трка, литературен концерт, аикидо семинар, традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници“.

Делчево - Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, денеска оствари конструктивна работна средба со директорот на Центарот за развој на Источно-планскиот регион, Зоран Здравков.

На средбата се разговараше за унапредување на соработката меѓу Општина Делчево и Центарот, за тековните и планираните проекти на Центарот за 2026 година, како и за фондовите кои ќе бидат на располагање на општините во наредниот период.

Градоначалникот Гоцевски ги претстави приоритетите за развој на Општина Делчево што се планираат да се реализираат во следниот период, со цел забрзан и одржлив развој на општината.

Тетово - Општинската изборна комисија Тетово им ги издаде уверенија на новоизбраните советници кои беа изгласани на локалните избори на 19 октомври. Советот на Општина Тетово има 31 член, од кои коалиција Вреди 13, коалиција Национална Алијанса за Интеграција (НАИ) 12 и ВМРО-ДПМНЕ тројца. По еден советник имаат Левица, СДСМ и граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“.

-Јас сум од независната листа „Подобро за Тетово“, се враќаме во советот после 3 години и ќе работиме за да ги заштитиме интересите на градот. Нема да влеземе во пазарење со политичките партии само ќе ги штитиме интересите на градот. Сите одлуки кои што ќе бидат за доброто на градот ќе ги поддржиме и на сите одлуки што ќе бидат во штета на градот ние ќе се спротивставиме, изјави Агрон Арифи.

Велес - Со завршна приредба насловена „За македонските работи“, учениците и вработените во Општинското средно училиште „Јовче Тесличков“ – Економска ја заокружија богатата програма по повод 65 години од самостојното работење на училиштето. Настанот се одржа во големата сала на Општина Велес, пред присутни гости, професори, ученици и поранешни вработени.

Поетско-музичкиот перформанс беше посветен на македонскиот јазик, литературата и културното наследство, а инспирација беа делата на Кирил Пејчиновиќ, Крсте Петков Мисирков, браќата Миладиновци, Коста Солев Рацин, Блаже Конески и Горан Стефановски.

Струмица - Општина Струмица го објави конкурсот за доделување на наградата „Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, која традиционално и оваа година, по повод најголемиот општински празник, ќе биде доделена како Годишна и Награда за животно дело на Општина Струмица.

Наградата се доделува на 11 декември како признание на правни и физички лица од Општина Струмица, Република Северна Македонија и други држави, како и на меѓународни организации и асоцијации и нивни претставници за посебни остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитувањето и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и сите други сегменти од животот, што дале посебен придонес за развој и афирмација на Општина Струмица во Македонија и пошироко.

Скопје - Вработените на „Паркови и зеленило“ - Скопје денеска повторно протестираа пред ова јавно претпријатие и искажаа револт зошто се уште не им е исплатена плата за септември и за октомври. Ги повикуваат и другите вработени, кои се членови на синдикат, да дојдат и утре на протест, што ќе се одржи на истото место, и да изразат незадоволство. 

Атанас Георгиевски, претседател на Независниот синдикат на државна администрација „Паркови и зеленило“ потенцира дека на работниците им треба само плата. 

- Се собравме по не знам кој пат да го изразиме незадоволството и покрај празните ветувања за плата, вчера до 15 часот, па утрово... Се уште плата нема. Бараме две плати и бараме здравствено осигурување. Работниците не можат да си ги однесат своите деца на лекар, не можат да земат лекови на рецепт. Бараме плата и ништо повеќе. Штрајкот се уште е во мирување, но имаме дадено 150 барања за арбитража. Сега нека мислат, нека најдат пари, нека обезбедат средства за луѓето да земата плати, изјави Георгиевски.

Струмица - Во хотел „Сириус“ во Струмица утре почнува Осмиот меѓународен симпозиум по археологија на тема „Теракота и грнчарија – Од Енкиду до зграфито“, во организација на НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Струмица“, со поддршка од Министерството за култура и туризам, соопштија од оваа установа.

Според организаторите, целта на симпозиумот е да иницира академска дебата за потеклото, развојот и културното значење на керамиката и керамичките предмети низ времето и просторот.

-Уметноста на создавање од земја отсекогаш била фасцинантна форма на изразување што го следела човештвото низ милениумите. Магичната разновидност на глината ја инспирирала не само човековата рака, туку и божественото во митологијата на различни цивилизации, од Аруру и египетскиот Хнум, преку грчкиот Хефест, па сè до библискиот Господ Бог. Универзалната желба за создавање „сопствен Енкиду“-глинениот човек, претставува заедничка нишка што ги поврзува боговите и луѓето. Кога Прометеј им го подарил огнот на луѓето, тој ја поттикнал човечката креативност и ја отворил патеката кон создавање ремек-дела што ја надминуваат секојдневната употреба и преминуваат во духовното царство, се наведува во соопштението.

Битола - Бојан Бојкоски, досегашен заменик градоначалник на Општина Битола од денеска е нов претседател на Советот на Општина Битола.

На денешната конститутивна седница на општинскиот Совет, пред новоизбраните членови, Бојкоски посочи дека времето на празни критики заврши и дека доаѓа време на интензивна работа.

- Времето на празни критики мора да заврши. Критиката е потребна, но уште поважно е да се работи. Најлесната професија е да се биде критичар но вистинската одговорност е да се биде градител, човек кој придонесува, предлага и создава. Очекувам и се надевам дека во овој совет одлуките ќе ги носиме со консензус, едногласно и во интерес на граѓаните, посочи Бојкоски.

Скопје - Градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски денеска изврши увид во активностите за реконструкција на улицата „Боро Кралевски“, во должина од 568 метри.

-По 40 години, општина Бутел ја реконстуираше улицата и го исполни децениското барање на граѓаните. Покрај тоа, локалната самоуправа целосно ги реконструираше улиците „Симче Настевски“, „Киро Димушков“ и „Скоевска“, информираат од Општината.

Дебар - Четири каратистки од дебарскиот клуб „Дибра“ ќе бидат дел од македонската карате респрезентација на 25.балкански шампионат, што од 7 до 9 ноември ќе се одржи во Риека, Хрватска.

-На овој значаен спортски настан, каратистите од балканот ќе ги одмерат силите во категориите: кадетска, јуниорска и помлади сениори до 21 година. Гордо претставувајќи го нашиот град и земја на балканската арена, дел од македонската репрезентација ќе бидат и дебарските каратистки Ера Коџа, Хена Франгу, Блина Горенца и Буна Сеља, рече за МИА, Дурим Пачуку, тренер.

Додава дека учеството на ова првенство е овозможено благодарение на поддршката и спонзорството на компанијата „Плис Резиденс Дибр“ на браќа Фатон и Доњет Даци, на кои им изразува посебна благодарност за придонесот даден во развојот на спортот и во поддршката на младите во Дебар.

 

Остани поврзан