• понеделник, 05 август 2024
МИА Општински пул

5 август 2024 

Скопје -  Прекинато водоснабдување денеска ќе имаат корисниците од село Студеничани и од ул. „Алексо Демниевски“, од ул.1 до ул.19 во Скопје

Од ЈП Водовод и канализација - Скопје информираа дека поради дефект во шахта на ул. 5 бр.10 во Студеничани, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од селото од 11:00 часот до завршување.

Куманово - Сува трева, стрништа гореле во липковско и кумановско, соопштија денеска надлежните од регионалниот центар за управување со кризи Куманово и од кумановската подружница на „Национални Шуми“. Сува трева и стрништа гореле во липковските села Матејче, Отља и Слупчане. Пожарникарите успеале да ги изгаснат. Трева и стрништа гореле и во кумановските села Четирце и Љубодраг.

- Пожарите се локализирани и завршени, моментално на територијата на општините Куманово и Липково нема активни пожари, велат од РЦУК Куманово.

Скопје - Водата во Скопје е квалитетна и безбедна за пиење, покажуваат резултатите од анализите што ги изврши ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

- Секторот за санитарна контрола во периодот од 29 јули 2024 до 1 август 2024 зема 162 примероци за физичко-хемиска и 162 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 43 мерни места во Град Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18), се вели во соопштението од „Водовод и канализација“ - Скопје. 

Скопје - Од денеска во Скопје ќе биде отворен хуманитарен пункт каде ќе се собираат материјални добра за граѓаните кои настрадаа од пожарите во Источна Македонија. Граѓаните ќе можат да донесат конзервирана храна, облека, патики, мебел, душеци и разни други материјални добра, кои потоа ќе бидат однесени во 30-тина села на околу 400 домаќинства. Пунктот ќе биде до „Ист гејт мол“, во близина на комуналното претпријатие. 

Акцијата е во координација на Коалицијата предводена од „Хуманитарни акции.мк“, Конфедерација на Синдикалните организации на Македонија КСОМ и ИПО Интернационална Полициска Организација.

Охрид - Два хеликоптери од рано изутринава дејствуваат на опожарените подрачја северно од Охрид, црпејќи вода од езерото и гасејќи ги пожарите над селата Косел и Опеница.

Од воздух се дејствуваше и вчера во текот на целиот ден, со хеликоптери и со три авиони ер-трактор. На терен се распоредени и екипи на Територијатната противпожарна единица, на општинските јавни претпријатија, на Подружницата на ЈП „Македонски шуми“, како и месното население во обид да се контролираат пожарите.

Охрид - Грчката вечер во рамки на годинешното „Охридско лето“ го носи дуото составено од уметниците Христос Гримпас на виолончело и Џорџ – Емануел Лазаридис на пијано.

Христос Гримпас е дипломец на Државниот конзерваториум во Солун, како и на Универзитетот за уметности во Берлин. Пост-дипломските студии ги завршува на Високата школа за музика во Есен во класата на В. Менделсон. Бил член на младинскиот оркестар на Рајнскиот регион, Меѓународниот младински оркестар и Оркестарот на ЕУ. Наградите кои се впишани во неговата биографија ги вклучуваат: Грчкиот натпревар за млади солисти во 1997 година, Меѓународниот натпревар „Хелекспо“ во 1998 година, а добитник е на стипендии од Здружението на љубители на музиката во Атина, од фондацијата „Александра Трианти“ како и од фондацијата „Александрос Оназис“.

Остани поврзан