5 февруари 2026
Кочани - Амбасадорката на Романија, Моника Аксинте и делегација предводена од д-р Раед Арафат, државен секретар за цивилна заштита во Министерството за внатрешни работи на Романија, денеска ја посетија Општина Кочани и остварија средба со градоначалникот Владко Грозданов.
Главната цел на посетата беше споделување на искуствата на Романија во справувањето со вонредни ситуации, а особено со пожарите во урбани средини, по трагедијата во клубот „Колектив“ во Букурешт, во октомври 2015 година.
Куманово - Продолжува акцијата за отстранување на хаварисани и отпадни возила од јавните површини во Општина Куманово, информираа од општина Куманово.
По донесената одлука на Советот на општина Куманово за комунален ред, денеска претседателката на советот Ивана Ѓорѓиевска, иницираше работна средба, за отстранување на хаварисани и отпадни возила од јавни површини.
На средбата присуствуваа претставници од општина Куманово, од СВР Куманово, од Сектор за инспекциски надзор – инспекторат, комунални дејности и координаторите на советничките групи на Советот на Општина Куманово.
Велес - На автопатот Градско - Велес, вчера во 10:10 часот кај клучка Караслари, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода 35 годишниот Ф.Ј. од Прилеп.
Како што информираа од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „голф“ со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал Ф.Ј. и покрај тоа што му биле изречени три мерки за забрана за управување моторно возило од Б категорија.
Прилепчанецот бил приведен во полициска станица, а по насоки од јавен обвинител, возилото му било одземено. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“.
Штип - Триесет и осумгодишен охриѓанец заврши во притвор. Тој се товари за измама на шест лица во Штип и три во Виница, со што се стекнал со над 3,5 милиони денари. Од Министерството за внатрешни работи денеска информираа дека расчистени се девет сторени кривични дела „измама“ за лажни сообраќајни незгоди.
- На ден 04.02.2026 од страна на полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Штип, во координација со Одделот за криминалистичка полиција преземени се оперативно тактички мерки за расчистување на претходно сторени кривични дела Измама во врска со лажни сообраќајни незгоди, при што лишен од слобода е П.С.(38) од Охрид, се вели во соопштението од МВР.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по извршен службен разговор П.С. појаснил за начинот, местото и времето на извршување на девет кривични дела од кои шест во Штип и три во Виница при што пријавителите се оштетени за околу 3.600.000 денари. До Основното јавно обвинителство Штип поднесена е кривична пријава по итна постапка, а по предлог на ОЈО Штип П.С. е спроведен пред судија на претходна постапка при што му е одредена мерка притвор.
Охрид – Центарот за развој на Југозападен плански регион преку проектот „Јакнење на капацитетите на ЈКП преку набавка на опрема“, обезбеди опрема за потребите на Јавното претпријатие „Водовод“ Охрид.
Станува збор за два режачи за пилинг и еден електричен ударен чекан, опрема што треба да придонесе за континуирано, сигурно и квалитетно водоснабдување за граѓаните на Општина Охрид, преку побрзо и поефикасно отстранување на дефектите во водоводната мрежа.
Битола - Слепи лица, лица со попреченост и нивните лични асистенти денеска во Битола одржаа мирен протест и побараа од Министерството за труд и социјална политика на личните асистенти да им исплати две задоцнети плати и да ги продолжи договорите за нивниот ангажман за поддршка на слепите лица и други лица со попреченост.
Во изјава за медиумите, учесниците на протестот побараа законската услуга да се спроведува согласно законот без прекини како што тоа се случило и во текот на минатата година.
-Јас и мојот сопруг сме слепи лица и во овој период треба да се снаоѓаме. Многу е тешко да се живее без асистенти за лична асистенција кои веќе станаа дел од нашите семејства, постојано се во нашиот дом и ние не сакаме прекини во нивниот ангажман. Овој проблем мора да се реши, личните асистенти да бидат вработени, и да останат со нас слепите лица кои според членството во Сојузот на слепи лица во Битола се околу 270 на број, но ги има повеќе од 300, изјави Весна Софрониевска, слепо лица од Битола.
Куманово - Јавната општинска установа „Зафир Сајто“ Куманово влегува во 2026-та година со речиси целосно исполнет капацитет и планови за инвестиција, соопштија на денешната прес-конференција, надлежните од установата. Домот располага со капацитет од 175 места, а бројот на корисници постојано се движи близу максимумот. Во моментов се згрижени околу 170 лица, а слободните места се пополнуваат веднаш по нивното ослободување.
-Практично секој месец имаме по еден до два нови приеми, зависно од тоа колку места ќе се ослободат. Потребата е голема, што укажува дека не само нашиот дом, туку и во други општини треба да се размислува за изградба на нови капацитети, за да може системот целосно да одговори на потребите на граѓаните, изјави директорот на установата, Дејан Стојановски.