• петок, 22 ноември 2024
МИА Општински пул

30 септември 2024

Битола - Сообраќајниот тунел на обиколницата Прилеп-Ресен, над Битола е без светлосна и сообраќајна сигнализација, и е небезбеден.

Државниот пат на оваа делница е фреквентен, но обиколницата се користи со максимална претпазливост, реагираат учесници во сообраќајот, бидејќи како што посочуваат освен што тунелот е целосно неосветелен и без предупредувачка сообраќајна сигнализација, тој е и опасен бидејќи низ тунелот, во текот на денот, но и ноќе, се движи дел од локалното население.

Охрид - Националниот парк „Галичица“ организира работилница посветена на презентацијата на пристапот „Interpret Europe“, односно интерпретација на наследството базирано на вредности според критериумите на УНЕСКО.

На денешниот настан што ќе се одржи во Инфоцентарот на Националниот парк ќе биде презентиран односниот пристап како едукативна, комуникациска и визуелна алатка што го оживува наследството пред очите на посетителите. Притоа им овозможува на учесниците да создадат подлабока врска со локалното презентирано наследство, ги инспирира и ги потикнува на одржливост локалните заедници кои се грижат за него и конечно, со интерпретациските алатки и методи се зачувува природното и културното наследството за идните генерации, информираат организаторите.

Скопје - Поради дефект на приклучна цевка од 3/4 на ул „1“ Визбегово бр. 10 без вода ќе останат корисниците на дел од ул. „Визбегово“ и дел од ул. „Индира Ганди“ крак 31.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 до завршување на интервенцијата. 

Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна покажуваат резултатите од направените физичко-хемиски и микробиолошки испитувања од 44 мерни места во градот.

- Секторот за санитарна контрола во периодот од 23 до 27 септември зема 201 примерок за физичко-хемиска и 201 примерок за микробиолошка анализа на вода за пиење од 44 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18), информираат утрово од ЈП Водовод и канализација.

Скопје - Eкипи на ЈП Комунална хигиена-Скопје vо текот на изминатиот викенд подигнале и транспортирале приближно 130 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Бутел и Чаир.

Отстранети се  40 кубни метри отпад од обемна дива депонија лоцирана на улицата „Боца Иванова“, на последната постројка на автобусот 59, во непосредна близина на градските гробишта Бутел, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.

Велес - Во Велес во тек е огласот за распределба на 29 станови во новата социјална зграда.

Деца без родители или родителска грижа коишто имаат наполнето 18 години и претходно биле згрижени во домови или во родителски семејства како и деца без родители, како и корисници на правото на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни односно природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, потоа лица припадници на ромската заедница коишто се социјално загрозени како и самохрани родители со малолетни деца можат да конкурираат за добивање на социјален стан  во новата зграда на улица „Раштански пат“ број 20 во Велес, во близина на поранешен „Киро Ќучук“ и Ветеринарната станица во новиот дел на Велес. 

Крива Паланка - Хит-комедијата „Барам причина за брак“ на градскиот театар „Јоза Ивакиќ“ од Винковци, Хрватска, синоќа ја одушеви публиката во преполната сала на Националната установа Центар за култура, Крива Паланка.

Хрватскиот млад актерски тандем, Ведран Дакиќ, награден како најдобар млад актер во -Хрватска за 2023 година и Матеа Марушиќ наградена, најдобра млада актерка во Хрватска за 2021 година, гостуваше на третата фестивалска вечер од меѓународниот театарски фестивал во „Градот на културата“, со најновата претстава од оваа сезона: напната и интригантна едночинка што ги истражува приватните сложености на модерниот брак.

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 23.09. до 29.09.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 156 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

Скопје - Под слоганот „Метаморфозис“ или „Преобразба“ денеска почнува десеттото издание на Фестивалот за европска литература „Букстар“. На програмата на фестивалот се разговори со автори, промоции на книги, средби со студенти, панел-дискусии, книжевни читања, креативни работилници поткасти, музички концерти, изложба, стендап шоу, доделување на наградите „Драги“, како и втората фелоушип конвенција „Publishing Europe“.

Фестивалот ќе трае до 3 октомври, а настаните ќе се одвиваат во „Лабораториум“, како и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и Europe House – Скопје.

Скопје - Друштвото на писателите на Македонија денеска од 19 часот ќе организира „Вечер со Руми“ - поетско читање по повод 817 години од раѓањето на великанот на класичната персиска поезија. 

Настанот ќе го водат членовите на ДПМ Ана Пејчинова и Тихомир Јанчовски, поети и препејувачи на поезијата на Руми. Писателската асоцијација соопшти дека го организира настанот „работејќи во насока на уважување и на славење на вековното светско книжевно и културно наследство“. 

Остани поврзан