• петок, 26 април 2024

МИА и ФЕНА заедно против лажните вести

МИА и ФЕНА заедно против лажните вести

Сараево, 26 мај 2023 (МИА) - Директорот на Медиумската информативна агенција (МИА) Драган Антоновски и директорот на Федералната новинска агенција (ФЕНА) од Босна и Херцеговина, Елмир Хуремовиќ, разговараа денескa во Сараево за продолжување и продлабочување на долгогодишната соработка помеѓу двете медиумски куќи и за заедничката борба против лажните вести.

ФЕНА и МИА соработуваат и преку регионалните здруженија на новински агенции, а на средбата уште еднаш беше подвлечено дека водечките новински агенции во Босна и Херцеговина и Северна Македонија играат голема улога во обезбедувањето вистинити и квалитетни информации на јавноста.

- Покрај важната улога што ја играат во општеството, нашите две агенции споделуваат и слични проблеми и предизвици. Оценивме дека е многу важно да се зајакне соработката, бидејќи препознавме многу области и потенцијални проекти кои се од заеднички интерес. Посебно ја нагласувам потребата и желбата преку нашата соработка и медиумска активност да се помогне на европскиот пат на Босна и Херцеговина и na Северна Македонија, изјави Хуремовиќ.

Антоновски по средбата кажа дека ова е само продолжување на долгогодишната соработка меѓу МИА и ФЕНА.

- Ние долго време соработуваме на размена на информации и вести. Ова е особено важно во време кога има многу лажни информации. Ова ни помага да провериме, да имаме ист агенциски пристап за информирање на нашите граѓани. Со директорот на ФЕНА разговарав за можноста за соработка на заеднички проекти кои на крајот ја збогатуваат пошироката понуда на сите оние медиумски производи на кои работат и МИА и ФЕНА, рече Антоновски.

Тој додаде дека е разговарано и за збогатување на медиумските продукти, особено во мултимедијалниот аспект и размената на видео материјали.

- Разговаравме за заеднички регионален проект и заеднички настап на ФЕНА, МИА, и останатите во регионот, на правење на Балканска новинска редакција и за заедничка дописничка мрежа од големите центри, како што е Брисел на пример и Вашингтон, како би можеле да ги намалиме нашите трошоци, а да имаме поголеми ефекти и информацијата да биде поблиску до нашата јавност, истакна Антоновски. об/

Фото: ФЕНА/МИА

Остани поврзан