• понеделник, 23 декември 2024

МИА ги праша граѓаните за нивното искуство со јавниот превоз: Редуцираните автобуси креираат генерално незадоволство

МИА ги праша граѓаните за нивното искуство со јавниот превоз: Редуцираните автобуси креираат генерално незадоволство

Скопје, 2 септември 2024 (МИА) – По најавите за редуциран број автобуси на дел од линиите низ Скопје, МИА ги праша граѓаните за нивното искуство со јавниот превоз во главниот град. „Секој има потреба некаде да стигне, да заврши некоја работа и на време да се врати, меѓутоа, тоа не може да се случи“, вели граѓанин во изјава за МИА на автобуската постојка на која подолго време го чека автобусот за дома. Патниците велат дека има метеж, автобусите се ретки и се случува да чекаат долго. Редуцираните автобуси, според нив, креираат генерално незадоволство.

Во врска со проблемот со јавниот превоз во Скопје кој трае подолго време денеска се одржа средба на дел од приватните превозници со директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски и секретарот на Град Скопје. Приватните превозници најавија изјава за медиуми во 13 часот.

Приватните превозници бараат да им биде исплатен долгот и да се зголеми цената која, како што посочуваат, е од пред осум години, поточно од 2017 година. Од друга страна, на Јавното сообраќајно претпријатие му недостигаат автобуси за да го покрие зимскиот возен ред, кој почнува од денеска.

Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Драги Кушовски во интервју за МИА дадено во август изјави дека немаат доволен број на автобуси за да го пополнат летниот возен ред, а камоли зимскиот, и ги повика институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП. 

Со цел да се надминат проблемите, на 22 август беше одржана средба на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претставници на советничките групи во Советот на Град Скопје по што беше договорено советниците да поддржат пренамена на средства за репарирање на 30 автобуси на ЈСП. 

На 29 август, на седницата на Советот на Град Скопје не добија поддршка проектите за набавка на нови автобуси и Брз автобуски превоз по што градоначалничката на Град Скопје испрати отворено писмо до Владата во кое ја повика Владата да ја спроведе набавката на новите авотбуси, а доколку немаат средства за таа намена, со одлука на Советот на Град Скопје, ќе ги префрлат потребните средства за набавката. 

Од денеска автобускиот градски превоз во Скопје ќе биде редуциран. Дел од приватните автобуси ќе сообраќаат само наутро, од пет часот. Еден автобус ќе вози само една тура, на една линија. Тоа се автобусите со број 45, 23, 63, 73, 61, 63, 22, 52, 54, 19 и 20. Потоа автобусите ќе останат во гаража, а возачите ќе им се приклучат на колегите кои нема да возат.

Јавниот превоз организиран од страна на „Вестор транс“ денеска, пак, продолжува да функционира непречено и согласно со возниот ред. Тоа се автобусите со број  9, 11, 11а, 12, 47 и 55. 

Од Град Скопје, од друга страна, денеска соопштија дека јавниот превоз функционира нормално.

- Јавниот градски превоз утринава функционира нормално, наспорти напорите и политичките притисоци на ВМРО-ДПМНЕ да предизвикаат нови потешкотии за граѓаните на градот Скопје. За жал, дел од медиумите наседнаа на наративот на владејачката партија, предизвикувајќи чувство на несигурност кај скопјани. Во моментов јавниот градски превоз го опслужуваат сите автобуси на ЈСП како и автобусите на приватните превозници кон кои градот Скопје и ЈСП немаат никакви заостанати обврски, стои во соопштението од Град Скопје. ар/аа/
Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан