• недела, 22 декември 2024

МЗТ Скопје: Ова не е хумано, за осум дена одигравме шест меча и нормално дојдоа – куп повреди

МЗТ Скопје: Ова не е хумано, за осум дена одигравме шест меча и нормално дојдоа – куп повреди
Скопје, 25 мај 2021 (МИА) – МЗТ Скопје Аеродром ја обвини кошаркарската федерација за густиот распоред натпревари. Аеродромци сметаат дека многуте натпревари во кус период се причина за големиот број повредени кошаркари. - Настапот во Купот на Македонија на секојдневно ниво и потоа играње три меча од четвртфиналето во пет дена без позначаен одмор, односно вкупно шест натпревари во осум дена дефинитивно може да се протолкува како - нехуман третман по здравјето на кошаркарите и пеколен ритам каков што нема ниту во НБА, стои во соопштението на МЗТ Ова не е проблем само на нашиот клуб, туку и на останатите елитни тимови кои ќе ја продолжат битката за титулата, а чии играчи исто така се подложни на пеколен период, кој сигурно може да им ја загрози дури и нивната кариера. Данокот на наметнатиот нехуман ритам полека почнува да се плаќа, па на нашиот последен меч против Куманово дури тројца кошаркари (по)сериозно се повредија. На Бојан Крстевски му настрада коленото, на Дамјан Стојановски мускулот на ногата, а на Иван Карачиќ задната ложа. Повредите на тројцата не се идентични, ама имаат заеднички содржател – преголемиот замор, оценет од лекарските стручњаци кои ги прегледуваа, а на кои не им се веруваше низ какви напори биле принудени да минат во изминативе денови, додаваат „сино-белите“. МЗТ Скопје Аеродром бара да се направат измени во натпреварувачкиот календар. - Секако дека ќе сториме сѐ што е во наша моќ, па дури и натчовечки напори, за да го повториме успехот во првенството. Но, истовремено бараме КФМ барем малку да ги заштити играчите, првенствено од човечки принципи, но и од интерес за македонската кошарка, бидејќи речиси сите останати домашни играчи се актуелни или потенцијални репрезентативци. Секоја нивна, евентуална односно „недај боже“ повреда, ќе биде проблематична за настапот на Македонија во претквалификациите за СП 2023, кои се играат веќе во август. Војдан Стојановски сигурно ќе го немаме, а зарем треба да останеме без уште некој носител, само поради желбата да се заврши некој ден порано, а што носи опасно доигрување на плејофот преку средби во секој втор ден. Затоа, најкорисно за кошаркари, клубовите, но пред сѐ националниот тим, е КФМ да направи измени на календарот за доигрување на плејофот и да го врати претходниот систем на играње два меча неделно (среда-сабота). Со тоа би се намалил нехуманиот ритам за играчите, што секако ќе го намали ризикот од повреди, а дефинитивно ќе го крене квалитетот на натпреварите. Во спротивно, вестите за здравствени проблеми какви што во моментов имаат двајца македонски репрезентативци (Крстевски и Д. Стојановски) ќе бидат многу почести и ќе донесат поголеми главоболки за новиот селектор Драган Бајиќ, се вели во соопштението на МЗТ Скопје Аеродром. зс/

Остани поврзан