• понеделник, 23 декември 2024

Меџити: Се додека граѓаните сакаат да се занимаваат со наука и истражување, не треба да се плашиме

Меџити:  Се додека граѓаните сакаат да се занимаваат со наука и истражување, не треба да се плашиме

Скопје, 28 јули 2024 (МИА) - Се додека граѓаните во државата, без разлика од која етничка припадност се, сакаат да се занимаваат со наука, истражување, не треба да се плашиме. Одиме кон прогрес, одиме кон еволуција, изјави денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити во Парк - шумата Гази Баба, каде почна кампањата на Министерството за животна средина и просторно планирање „Делувај сега, за природата“. 

Прашан за тоа дека вчера Коалицијата „Вреди“ најави општинска поддршка за формирање Албанска академија за наука и уметност во Северна Македонија, Меџити смета дека тоа е за поздравување.

- И Албанците до вчера имаа проблем со основно, со средно образование, со универзитетите. Сега тоа што го бараат да бидат вклучени и во научните истржувања и во академскиот дел, тоа е за поздравување и мислам дека тоа ќе наиде поддршка и од поголемата заедница, т.е. од Македонците, изјави Меџити.

За финансискиот дел на оваа Академија, Меџити рече дека во првата фаза поддршка ќе има од општините, а понатаму ќе разговараат, ќе преговараат и додаде оти ќе се најде решение. 

- Сето тоа ќе оди во прилог и на државата. Што повеќе научници и академици ќе имаме подобра перспективна ќе има Северна Македонија, рече Меџити.

Прашан зошто оваа академија не биде дел од МАНУ, Меџити изјави дека можеби и тоа ќе биде решение.

- Но, и МАНУ треба да ги отвори вратите. Ќе прашам зошто во МАНУ нема вработено ниту еден Албанец. Дали втората заедница нема луѓе за МАНУ, не сакаат да се занимаваат. Ова е предизвик, го отвораме ова прашање и заедно треба да најдеме решение. Се додека граѓаните на оваа земја, без разлика на која етничка припадност припаѓаат, бараат школување, бараат да бидат вклучени во акдемскиот дел, во научните истражувања, треба да бидеме среќни и оти тоа е придонес, инвестиција за иднината на оваа држава, изјави Меџити.

По најавите на „Вреди“ денеска реагираа преку соопштенија и дел од политичките партии.

Од владејачката ВМРО - ДПМНЕ велат дека Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници.

-Како критериум за членството во Академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Демократската унијата за интеграција, пак велат дека тоа е квази општинска „академија“ која ги срами интелектуалците и нацијата.

- Во обид да покаже некакви резултати и да го запре слободниот пад кој ја понижува нацијата, „Влен“ ја „основа“ „Академијата“ на науките и уметностите која ќе ја финансираат, замислете, општините, единствен случај во светот, академиско маало, се наведува во соопштението од ДУИ.

Академик Владо Камбовски во изјава за Канал 5 телевизија вели дека е невозможна идејата за две национални академии, нешто што е непознато за ниту една држава.

-Во секоја држава постои само една национална академија на науките и уметностите, јас не знам држава во која постојат две национални академии на науките и уметностите. Има медицински академии, ликовни академии и други кои немаат карактер на национални академии, така да не знам што е идејата воопшто. Ако идејата е да се прават две национални академии на науките и уметностите таа е неспроведлива идеја и невозможна, изјави Камбовски. мд/дма/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан