• петок, 05 декември 2025

Меџити: Нашата посветеност на образованието е секојдневен приоритет, вложуваме во квалитетно образование

Меџити: Нашата посветеност на образованието е секојдневен приоритет, вложуваме во квалитетно образование

Скопје, 1 септември 2025 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, како и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити денеска го посети ОУ „Конгреси и Манастирит“ по повод почетокот на новата учебна година, каде на учениците и на наставниот кадар им посака среќа и успех во новата учебна година.

Меџити соопшти дека ова училиште е првoто во Општина Чаир, во кое од денеска ќе се спроведува едносменска настава.

-Симболиката што сме тука во „Конгреси и Манастирит“ е тоа што ова училиште е прво во Општина Чаир, кое од денеска ќе работи само во една смена. Интенцијата е во иднина во соработка со МОН и другите осум училишта и плус две нови училишта што во скоро време треба да се градат во Чаир, вкупно 10 други училишта да работат во една смена и со целодневна настава. Ова е вложување во квалитетно образование, многу подобро ќе биде и за наставниците и за родителите, а посебно за децата кои ќе имаат повеќе време и за дополнителни активности, културни активности и да се релаксираат, рече тој.

Потенцира дека нивната посветеност на образованието е секојдневен приоритет.

-Денес го означуваме почетокот на новата учебна година. За децата од прво одделение, овој ден има посебно значење, бидејќи за нив започнува нова етапа, каде што ќе се постават темелите на нивното знаење и формирање. За учениците од другите одделенија, ова е продолжение на патувањето на знаењето, можност за понатамошен напредок во знаењето и зајакнување на досегашните постигнати резултати. Училиштето, меѓу другото, е простор каде што децата учат да бидат заедно, да споделуваат вредности и да се развиваат како идни граѓани. Поради оваа причина, нашата посветеност на образованието е секојдневен приоритет, рече тој.

Меџити информира дека во текот на летниот одмор работеле на подобрување и обезбедување подобри услови во образовните институции.

-Затоа, во текот на летните месеци работевме на тоа да се осигураме дека образовните институции се подготвени за овој ден. Посетени се сите училишта во Чаир и, каде било потребно, се инвестираше во инфраструктурата: поправки на училниците, подобрени санитарни јазли и поголема безбедност за учениците. Исто така, беа преземени мерки за чистење и одржување, за да може наставниот процес да се одвива во редовни услови. На овој прв ден од учебната година, сакам да изразам посебна благодарност до наставниците, кои со својата работа и посветеност ја преземаат една од најважните одговорности, формирањето на новите генерации. Среќна нова учебна година! Посакувам да биде година исполнета со резултати и достигнувања за сите наши ученици и наставници, истакна вицепремиерот Меџити. фф/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан